Градскиот мешан хор „Вардар“ од Скопје, вечерва во 19 часот, во Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ ќе одржи концерт на духовна музика, под диригентска палка на Илија Атанасов. Хорот ќе изведе дела на познати светски и на македонски композитори: Чајковски, Смирнов, Бадев, Запров, Зографски, Чесноков. На концертот ќе присуствува и неговото блаженство архиепископот охридско-македонски г.г. Стефан, како и претставници на политичкиот врв во Македонија. Градскиот мешан хор „Вардар“ е формиран во 2000 година, на иницијатива на ентузијасти, некогашни хористи од повеќе генерации на академскиот хор „Мирче Ацев“. Тој ја продолжува традицијата на истоимениот прв градски хор во Скопје, кој почнал да функционира во почетокот на 20 век.