Скопје,18 декември (МИА) - Градоначалникот на Град Скопје Трифун Костовски денеска во Домот на АРМ ја промовираше неговата книга „Политички записи“, што ја издаде книгоиздателството „Култура“.
Книгата се состои од збир на политички записи од неговите политички програми за локалните и за парламентарните избори, и од предавањата кои ги одржал во земјава и во странство, а во неа има и дел од неговите интервјуа објавени во македонските медиуми.
- Публикацијата на сосема едноставен начин ги опишува политичките случувања и настани кои се дел од македонското транзициско општество. Од првата до последната страница може да се забележат сите мани на Република Македонија, но и бројни решенија за нивно надминување, рече проф. Д-р Тања Каракамишева на промицијата на книгата.
Таа нагласи дека авторот со извонредна прецизност ја лоцира сета болка на македонската политика, но и оти истовремено се навраќа на потребата политиката да се комбинира и да се вклопи со граѓанските интереси во служба на заштитата на човековото достоинство.
- Во записите на Трифун Костовски нема ни трага од политичка и морална изопаченост. Иако се мрачни, политичките записи имаат една анти-политичка содржина и пораки, рече академик Владо Камбовски.
Авторот Костовски посочи дека чуствува одговорност со оваа книга да им даде отчет на граѓаните за тоа што направил за нив и за родниот град Скопје. ла/вј/15:55