Во светот постојат неколку благодети кои чекаат да бидат видени и почуствувани од страна на човекот, кој низ целиот свој живот, низ целата своја еволуција, тежнее кон откривање на нови знаења, уметности, форми на јазик односно комуникација и работи макар и апстрактни кои би му го исполниле неговото срце. Низ целата оваа световна потрага, човекот наидува да избере помеѓу доброто и злото. Патувајќи низ својот живот наидува на една раскрсница од патишта. Патот што ќе го избере ќе биде неговата судбина.
Минувајќи низ своето патешествие, човекот кој во себе носи искра која секогаш на некој начин му влијае да го прикрепи за себе патот кон доброто, се соочува со разни демонски работи кои се преправаат дека му се сродни и блиски пријатели, но напротив, тоа се едни лажливи и грди суштества кои со своите слатки зборови го ласкаат и му ги заматуваат очите на човекот.
Еден човек патувајќи низ својот живот, собирал искуства, знаења и вештини. Тој бил мудрец кој бил препознатлив за своето време. Низ целиот свој живот, прелиен со сите искуства и мудрости тежнеел да го пронајде својот најдобар слушател. Тој имал многу ученици и поучувал многу народи, но некако чувствувал дека сѐ уште не го пронашол својот најдобар слушател, слушател кој навистина ќе му биде верен пријател на кој ќе може да му ги искаже сите свои знаења и маки. Животот на мудрецот течел, а тој бил по потрага по својата благодат, која отсекогаш ја барал. Бидејќи целиот свој живот го поминал со народите, мудрецот решил да се оддели од толпата и да оди далеку во планините. Одмарајќи таму тој почнал да си ги враќа сеќавањата од почетокот на својот живот, па целиот негов пат, успехот и знаењата кој ги постигнал, па сѐ до блиското минато. Почнал самиот на себе да си ги искажува маките бидејќи не можел да ги држи во себе. Така тихувал во планините неколку години.
Кога поминал определен период, тој сфатил дека тишината е неговиот најдобар слушател. Таа е единствената слушателка која може да го прочисти умот на човекот. Тој во својот живот не сретнал подобар слушател. Тишината е филтер на човечкиот живот. Со неа човекот се дисциплинира, го покачува својот морал.
Ѓорги Стојанов
СОУ „Јане Сандански“, Струмица, III година