Скопје, 21 ноември (МИА) - Македонскиот поет Србо Ивановски и поетесата од Украина Љубов Василевна Голота се добитници на високото литературно признание, наградата „Книжевно жезло“, што ја доделува Друштвото на писателите на Македонија.
Наградата се доделува на поетски опус, а ќе биде врачена во јуни идната година, во рамките на Меѓународната поетска манифестација „Празник на липите“, а Писателската асоцијација на Македонија ќе објави и избор од поетското творештво на добитниците на оваа награда.
Поетот Србо Ивановски е роден 1928 година и е истакнат претставник на втората поетска генерација во современата македонска поезија. Автор е на голем број поетски, прозни и драмски дела. Дебитираше во 1950 година со книгата „Лирика“, а потоа, меѓу другите, ги објави и стихозбирките „Средби и разделби“, „Желби и меѓи“, „Бели крикови“, „Маѓепсан патник“, „ Пена од планината“, „Прстен на времето“, „Горчлив корен“, „Близу до животот“, „Близу до смрта“ и други. Добитник е на наградата „Кочо Рацин“, „13 Ноември“, „Стале Попов“, „Григор Прличев“ за поема и други.
Украинската поетеса Љубов Василивна Голгота е родена во 1949 година. Автор е на стихозбирките „Родена во степите“, „Пролетна рамнодневница“, „Гороцвет“, „ Прозорци“, „ „Жени и птици“, „Огледало“, „Озрачено со времето“ и други. Уредник е на списанието „Збор“, а добитник е на наградата „Владимир Мајаковски“ и „В.Сосјура“.ла/фп/15:55