Над 300 уметници ќе ја оживуваат Старата чаршија
Старата скопска чаршија во текот на летово ќе биде домаќин на над 300 уметници, а почнувајќи од вчера, во текот на наредните месеци, поточно до 25 септември, на овој простор ќе се случат над 160 културни настани. Посетителите ќе можат речиси секојдневно во Чаршијата да проследат концерти, изложби, фолклорни презентации, ревии на народни носии, гастрономски промоции, театарски претстави...
"Во програмата на културните активности во кои се вклучени манифестации финансирани од Министерството и Градот Скопје (Баскерфест, Реоткривање на патеката, фестивалот на МакеДокс, Звуците на чаршијата, Бела ноќ...) партиципираат и националните и локалните установи со свои културни настани", потенцира Елизабета Канческа - Милевска, министерка за култура. Таа додаде дека оваа културна програма е само дел од генералната платформа за ревитализација на Чаршијата, на која работат Министерството, Градот и Општините Чаир и Центар.
Градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, пак, посочи дека во насока на заживување на овој простор се и бројните инфраструктурни проекти, ревитализација на старите занаети, како и одлуката на Градот за продолжување на работното време на угостителите за еден час. Дел од манифестациите на Градот, кои ќе се случуваат во Чаршијата, се и Пиволенд, Фолклорната вечер, Скопско лето, настап на градскиот оркестар... Никола Глигоров од Дирекцијата за култура, пак, посочи дека со одржување на овие настани ќе се задржи и вниманието на гостите од странство. Дел од вечерашните случувања е и концертот на музичката формација Гангбе брас бенд" од Африка (22.30 часот) и концертот на Кирил Џајковски со Рас Твид и Серџук оркестар" (23.30) на платото пред Музејот на Македонија. Програмата со распоредот на одржување на настаните посетителите ќе можат да ја добијат во Чаршијата.
(Д.Т.) Вечер
http://www.vecer.com.mk/default.asp?ItemID=ED90B1930CB4CF408E8D19DB887DA5AD