АКЦИЈАТА "ЧИТАЈ ПОВЕЌЕ"
Во Скопје за прв пат се читаше во темница
Во Скопје за прв пат се читаше во темница. Љубителите на пишаниот збор во саботата навечер имаа ретка можност да уживаат во читањето на книги во темнина, со светилки кои ќе ги осветлуваа само страниците на книгите.
Истовремено, нашите еминентни автори Дарко Марковиќ, Евгениј Хоуп и Паскал Гилевски ги потпишуваа поделените книги на посетителите и беа дел од ова прво ноќно читање. Атмосферата во кафе-барот "Драма" беше дополнета со читање проза и поезија од македонските автори.
Уникатниот настан беше организиран од "Клуб Матица" и "ЕВН Македонија", а атмосферата беше дополнета со пријатна свирка со акустична гитара. Ноќното читање беше дел од одбележување на Часот на планетата Земја и како да се штеди енергија.
Акцијата "Читај повеќе" започна пред десетина дена, а главниот настан ќе се случи на 17 април, кога сите фирми-учеснички ќе им делат книги на минувачите. Идејата е да се помогне при развивањето и надградувањето на свеста за читањето, а од Матица" најавуваат и дека ова нема да биде последна кампања од овој тип.
(В.Ма.)- Вечер
ФОТО:Ѕ.Плавевски