МАНУ- 14-ти март, лето Господово 2014
Ристо Лазаров
МАТЕЈА МАТЕВСКИ ЈА ЦРТА УЛИЦАТА НА СТАРИОТ ЦВEЌАР ВО ИСТАНБУЛ
На едно ливче хартија
позајмено од келнерот во кафулето Аквариус во Охрид
поетот Матеја Матевски
ја црта улицата Истaклик во Истанбул
која од Таксим води кон Галата Сарај
и од која, еве тука некаде, под лицејот,
се скршнува во Улицата на стариот цвеќар.
Колку што го боли раката, баш десната,
толку понастојчиво поетот ги повлекува линиите
небаре оттука, откај езерото од неговите песни,
ќе ја здогледаме некако родната му куќа
и ќе го почувствуваме опојниот мирис на шебојот од детството
баш во Улицата на стариот цвеќар во Истанбул.
Игра на судбината ли е, што ли е,
ама на еден поет навистина му прилега
да се роди баш во Улицата на стариот цвеќар,
како што и на улицата и личи да си има свој личен поет,
вардач на нејзините тајнни и ишкач на заборавот.
Напати, баш како и сега, низ Улицата на стариот цвеќар во Истанбул,
удолу, кон морето, се спушта задумана тага
а од зад некој прозорец ќе пролета и нежен звук на виолина.
Во улицата на стариот цвеќар во Истанбул
сега врие од заитани бизнисмени со мобилни телефони
и изгубени туристи со мобилни фото-апарати
и со слушалки од вокмени во ушите.
Низ калдрмата, одвреме навреме,
ќе се стркала по некоја шеќердисана мисла
стрвна по уште троа шеќер-локум у шербет-кафе
и троа троичка сусамче и марципан од први мераци.
Напати, баш како и сега, од улицата на стариот цвеќар во Истанбул,
се фрла директен поглед на Параходот ми пристигна,
сосе очите расплачени и устето насмеано,
и баш тогаш повеќето цвеќиња молкум земаат починка
до новото распупување коешто мигум ќе втаса,
со секое веслување на нови спомени во старите куќи.
Во Улицата на стариот цвеќар во Истанбул
сега се стискаат тајни шеп-шеп шепотари
и јавни вревачи по фудбалските натпревари
- жив доказ дека сегашноста сепак му завидува на минатото,
тука, каде што некогаш сетики врвел и Јане Сандански,
со очила за сонце и со џепен саат закачен за реверот со сребрено синџирче,
а зад него, се разбира, врвеле и тајни агенти
кои му ставале сопки на времето кога ќе подзабрзало.
Напати, баш како и сега, на Улицата на стариот цвеќар во Истанбул,
се прави трампа на стари фотографии и пожолтени сни
и педантно се сортираат сите биле-поминале гушки.
Во улицата на стариот цвеќар во Истанбул
сега само се младее и се токмат каранфили за нови уриети
- минувачите земаат здив пред новото забрзување на времето:
малку им е од минатото па да му ја мислат уште и на иднината!
Поетот Матеја Матевски во занес ја црта мапата
со улицата на својот прв детски плач во Истанбул
и со повлекувањето на секоја нова линија
сал туку се допрашува: само во песните ли бива
на Босфорот да е подножјето ем на Бистра Планина, ем на Андите?
Друго:
85 години од раѓањето на академик Матеја Матевски
Акад.Владо Камбовски- Мудроста и поезијата како автентични изрази на човечкото битие