Писателот Блаже Миневски за романот „Нишан“ ја доби наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник“. Жири во состав Митко Маџунков, претседател, и Кристина Николова, Зоран Анчевски, Ермис Лафазановски и Ѕвездан Георгиевски, членови, делото на Миневски го избрале со мнозинство гласови. Во најтесна конкуренција биле и романите „Сестрата на Сигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски, „Братот“ на Димитар Башевски и „Опасен сум“ од Славчо Ковиловски. Жирито го оцени делото на Миневски како многу значен роман во кој приказната е сместена во вонвременски рамки.
„Многузначноста на романот е видлива од одлично избраниот наслов ‘Нишан’, чие првобитно значење на оптички нишан преку кој еден човек и една жена се гледаат, не е ни основното ни најважното, иако е битно. Насловот и приказната во романот се метафора за самиот живот“, стои во образложението на жирито.
Миневски, пак, истакна дека наградата ќе биде оправдана доколку романот има свои читатели и по една година. Да се добие „Роман на годината“ е големо признание, но и обврска. Признание е зашто авторот така добива валидна тапија дека навистина напишал најдобар роман, а обврска зашто тапијата мора да важи барем една година, зашто каков би бил тој роман на годината што ќе се заборави уште пред да истече годината на неговата претпоставена слава - рече Миневски.За романот „Нишан“, кој е во издание на „Макавеј“, Миневски неодамна ја доби и наградата „Стале Попов“, што за најдобро прозно дело објавено во 2007 година му ја додели Друштвото на писателите на Македонија.На конкурсот учествувале вкупно 30 роман. Жирито апелира до издавачите да имаат построги критериуми во изборот на делата што се објавуваат кај нас. Покровител на „Роман на годината“ е „Т-мобиле“.
(Т.О.)