14.03.2014 год.
Книгата на Катерина Колозова „Cut of the Real: Subjectivity in Poststructuralist Philosophy” се искачи на третото место на бестселери на Amazon.com – најголемата светска интернет книжарница.
Книгата е напишана на англиски јазик и пред околу 2 месеца ја издаде престижниот „Коламбија јуниверзити прес“ (Columbia University Press) од Њујорк.
Се работи за издание кое е дел од серијата посветена на филозофија и општествена теорија, чиишто уредници се некои од најголемите теоретичари и филозофи на денешницата: Крестон Дејвис, Клејтон Крокет, Џеф Ролинс и Славој Жижек. Минатата година во оваа серија свои дела објавија Антонио Негри, Алан Бадју, Јулија Кристева, Петер Слотердијк, Џани Ватимо и др. Книгата на Колозова се појави во оваа едиција и кај овој издавач (четврт во светот во областа на хуманистиката) благодарение на поканата на еден од уредниците, Крестон Дејвис.
- Мојата книга настојува да произведе нова методска и теориска можност на мислење на надворешниот свет (како ефект на реалното) како надворешен и, со тоа, како „реален“, без да се напуштат определени клучни тези на постструктурализмот (па и на когнитивните науки). Таа претставува придонес кон новите трендови на реализам и кон новиот материјализам без да се навраќа на старите идеи што му претходат на постмодернизмот туку се обидува да мисли отаде него и врз основа на придонесот што тој (постмодернизмот/постстурктурализмот) ѝ го даде на историјата на идеи, вели Колозова
Катерина Колозова раководи со Институтот за општествени и за хуманистички науки – Скопје, кој веќе го сврте вниманието на научната и пошироката јавност со проектите што ги изработува и реномираните светски имиња кои ги поканува во Македонија.
Заедно со „Европски факултет“ (European Graduate School) и уште два института, Институтот е и партнерска институција на една од најпрогресивните меѓународни високообразовни организации, „Глобален центар за напредни студии“ (Global Center For Advanced Studies).
А.Б.
Извор: http://a1on.mk/wordpress/archives/298181