Охрид, 9 март (МИА) - Во Охрид синоќа во куќата на Робевци беше промовирана книгата „Поглавари на Охридската црква“ на авторот Гоце Ангеличин - Жура, историчар на уметноста и музички советник.
Во книгата „Поглавари на Охридската црква“, пишувана на македонски и на англиски јазик, авторот зборува за 97-те поглавари на Охридската црква, но и за нивните претходници.
Жура наведува дека во струшкото село Враништа се наоѓаат остатоците од црквата што, според легендата, ја подигнал Св. Апостол Павле при неговото доаѓање во Македонија.
Првиот поглавар на Охридската црква во 343 година бил Зосим, а првиот словенски епископ Св. Климент основач на Охридската книжевна и правописна школа, создавач на првиот Универзитет од словенскиот свет.
Последниот 97-ми поглавар на Охридската црква, Арсениј Втори, по укинувањето на Охридската архиепископија од страна на Цариградскиот патријарх завршува како заточеник во Света Гора, во ќелиите на манастирот Зограф.
За доцент Виолета Мартиновска книгата „Поглавари на Охридската црква“ е значајно издание, не само за Македонската православна црква и христијанството, туку и пошироко, пишувана со строга научна методологија, но и со препознатилива специфична креативност на авторот, кој остава посебен печат во неговото творештво.
Проф. Димитар Пандев истакнува дека Гоце Ангеличин - Жура со право е веќе 10 години присутен во македонското научно творештво како истражувач, проникнувач во историјата на духовното, црквите како споменици на христијанското траење, од подемот на христијанството на овие простори, па се до принудното укинување на Охридската архиепископија во 1767 година. бѓ/цр/10:46