ПО ОБЈАВУВАЊЕТО НА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК
- Книгата "Hidden Macedonia" од американскиот професор и патеписец во "Lonely Planet", Кристофер Делисо е значајна по тоа што отвора нов прозорец на Македонија кон светот. Полна е со мистика и егзотика и на вистински начин и во вистинско време ја претставува Македонија пред светот со сиот свој сјај и убавина - велат по повод изданието на македонски од "Матица". Овој потег би можел и директно да значи чекор повеќе во литературната конекција на нашата земја со светот.
Токму овој повод за првиот човек на оваа куќа, Дејан Павлевски, значи дека во една ваква ситуација авторот Кристофер Делисо е човекот кој директно не поврзува со светот. "По промоцијата во Лондон овој патеписец треба да се искористи за понатамошна "здрава" логистика при промоцијата на Македонија, пред се во Европа. Во план, но се уште само на хартија, се промоции на саемите во Љубљана, Франкфурт, Рим, Париз... Но за сето ова освен план кој "Матица", како соработник со "Traveler Book Shops", го има на хартија, треба и државна финансиска и стратешка поддршка. Освен мрежното инволвирање на Македонија во книжевната европска и светска мапа, потребен е и директен контакт и атак во смисла на допир со светските книжевни центри...", вели Павлевски.
Предвидено е Делисо на 19. овој месец да дојде во Македонија и во салонот "Матица", во рамките на Саемот што го организира Клубот на овој издавач, да потпишува книги.
Кој е Делисо
Кристофер Делисо е истражувач на Балканот и Медитеранската Европа. Работи и како патеписец во мултинационалната туристичка компанија "Lonely Planet", за Македонија и Грција. Докторант е по Византиски студии на Оксфорд универзитетот. Објавил репортажи во повеќе светски медиуми, весници и магазини.
Книгите за Македонија се неопходни
- Таквите книги се неопходни за промоција и развој, пред се на туризмот во Македонија, гранка која битно влијае врз државната економија. Навистина се ефикасно а релативно евтино рекламно средство. Секако дека би требало да има државна поддршка за слични проекти, вели Никола Мадешовски од книжарницата "Икона". Тие пред извесно време го издадоа "Macedonia - the bradt travel guide", од специјализираниот лондонски издавач. Книгата напишана од Тами Еванс се продаде во неколку илјади примероци, па речиси ја има секој странец во Македонија.