Делата на Рубенс Корубин и во луксузна монографија
Изложбата "Месечеви приказни" на еминентниот македонски сликар Рубенс Корубин, која љубителите на уметноста можеа да ја проследат изминатите дваесетина дена во Културно-информативниот центар во Скопје вчера беше заокружена со промоција на монографијата за сликарството на овој автор.
-Потрагата по убавината на платната на Корубин како да наликува на дамнешното Платоново толкување на вистината, добрината и убавината. За Платон до овие врвни идеи доаѓаме преку "сеќавањето" на душата пред да се пресели во телото. Затоа во сликарството на Корубин, сеќавањето на дамнешните глетки и привиденија како да се оние остварени врски со светот на предегзистенцијата на душата, ќе рече меѓудругото во својот есеј кој е дел од монографијата, Иван Џепаровски.
Во ова печатено издание на КИЦ, покрај есеите на Џепаровски и Кирил Пенушлиски се наоѓаат и шеесетина репродукции на Корубин.
"Задоволен сум од извонредната посета во текот на сите денови колку што траеше изложбата, а јас сум презадоволен кога дури и една слика ќе му значи некому. Со тоа мојата задача е завршена. Монографијата, која е работена со финансиска помош на Министерството за култура, е добар потег со кој ќе им оставиме на љубителите на уметноста нешто за спомен", изјави вчера на промоцијата Корубин, кој напомена дека се содржани делата од неговата рецентна продукција и селекција на постари дела.
Во рамките на изложбата во КИЦ, пак, беа претставени 30-те нови дела, работени на масло на платно, акрилик на стакло и комбинирана техника. Авторот со оваа изложба, која е прва по деветгодишна пауза пред македонска јавност, и со монографијата одбележа 30 години од првото излагање во ДЛУМ и 35 години од изложбата во КИЦ.
(Д.Т.)
Фото: Ѕ.Плавевски