Ликовниот уметник Мирослав Масин , вечерва во Културно информативниот центар во Скопје ќе го презентира својот нов творечки опус, циклусот дела под наслов „Риба - птица – жена“.
Изложбата ќе биде отворена во 20 часот и ќе претставува своевиден уметнички хепенинг на кој ќе учествуваат и пријателите на Масин.
Најавен е настап на три балерини кои ќе играат на музика на композиторот Никола Коџобашија , облечени во костуми со ликовни интервенции од сликарот, што ги симболизираат рибата, птицата и жената.
Актерот Сенко Велинов ќе прочита песна од поетот Јовица Ивановски под наслов „Птица што диши на жабри“, а драматургот Дејан Дуковски ја надградил идејата на Мирослав Масин и со текст за драмска сцена:
„Кога ги видов овие платна, помислив на една ЖЕНА. Ја сакав. Од најдолгото влакно на косата до малиот прст на ногата. А, не знаев како. Рече, зошто ја шутираш љубовта од мене. Не ја разбрав. Ја изгубив. Ми се лизна како РИБА и летна слободна како ПТИЦА. Сега насекаде барам една шарена птица. Мислам дека Масин ја видел“.
На вечерашниот хепенинг, на видео-бим ќе биде прикажан и краток филм со наслов „Големиот“, снимен во продукција на „Наше маало“, во кој е прикажана постапката на создавањето на најголемата слика на изложбата, со димензии 5,80 х 3,60 метри. (К.Б.)