Скопје, 22 октомври 2009(МИА) - Дванаесет млади луѓе од Италија, Франција, Холандија и Македонија денеска создаваа улична уметност во Скопје и нацртаа графит со кој визуелно ја претставија моќта на различностите, единството и соработката.
Тие пристигнаа во Скопје пред неколку дена за да учествуваат на обука која е дел од овој настан, и ја организира Европската алијанса на Македонија со цел развивање на нивните вештини за комуникација, односи со јавност и организациски вештини како млади активисти во идното граѓанско општество на Европа. Графитот ја пренесува пораката за трите најважни вредности што ги поврзуваат сите учесници-единство, пријателство и среќа.
Претседателот на Европската алијанса на Македонија Андреја Алексовски на денешната прес-конференција рече дека овие активности се дел од проект насловен „Зајакнување на промоцијата на младинските организации“, кој се однесува на јакнење на институционалните капацитети, односно на организациите во Европа.
- Додека не научите добро да комуницирате со медиумите тие не доаѓаат кај вас по слободна желба и треба да ги заинтересирате, испровоцирате, да научите како функционира новинарскиот сектор и да им се донесат своите идеи и активности за тоа да добие одѕив во медиумскиот простор. Тоа недостига во сите младински организации и затоа го правиме ова кое случајно се случува во Македонија бидејќи ние сме носител на проектот, истакна Алексовски.
Учесниците, посочи тој, ќе имаат можност да се запознаат со тоа како функционира веб маркетингот и сами да ги уредуваат своите веб страници.
Програмата на обуката ја организира Јавна соба, Европската алијанса на Македонија, Високата школа за новинарство и односи со јавност од Скопје, Македонскиот институт за медиуми и холандска Фондација за уметност и култура и други организации од Италија и Франција. рп/скс/14:48