Во МСУ публиката не остана рамнодушна пред делата на големиот сликар
На отварањето на изложбата на Салвадор Дали вчеравечер во Музејот на современата уметност присуствувале околу 1.200 посетители, посочуваат одговорните од Музејот, дел од кои и стоеја на влезот и се обидуваа на секој од посетителите во исклучително големата турканица да им поделат бесплатна карта и печатен материјал.
Несомнено е дека скопската публика ќе ја памети изложбата на големиот сликар по неколку нешта: по невообичаено (за македонски прилики) големата посетеност на отворањето, по можноста да видат можеби за прв пат, во „живо“ дел од творештвото на Дали, но и по недостиг на очекуваниот каталог.
Некои ќе ја паметат и по доживеаното разочарување дека не го виделе најдоброто, врвот на неговите дела, за што и дискутираа стоејќи во долгата редица гледајќи ги неговите графики или туркајќи се пред, на постамен поставените скулптури, пред изложените керамики и фотографии од неговиот живот.
Беше интересно да се набљудуваат реакциите на публиката од различни возрасти, која се качи на Кале и покрај лошото време. Студентите кои имале можност да го проучуваат Салвадор Дали, сметаа дека презентираниот циклус од сто литографии „Божествена комедија“, 15- те графики и 15 - те керамики како и шесте фотографии , поставени на фронталниот дел од изложбениот простор, се „трошки“ кои сепак дошле да ги видат. Возрасните почитувачи на уметноста, но и на отворањата на изложбите (а такви во земјава има многу), изјавуваа дека изложбата е од голема важност за Скопје, и за целата земја, за сите генерации, дека не е никогаш доцна да се види Дали... Сликарот Григор Чемерски потенцираше на пример, дека презентирањето и на делата кои не се сметаат „за врв“ во творештвото, е од голема важност за заокружување на перцепцијата за творечката вредност на авторот.
Изложбата пред бучната публика која мораше да се опоменува за тишина, ја отвори Министерката за култура Елизабета Канческа - Милевска, меѓудругото потсетувајќи дека „ваквите исклучителни настани се навистина моќен импетус на културните текови кај нас и се вистинска можност за македонските граѓани да ја моделираат сопствената перцепција за уметноста и нејзината моќ да освојува нови предели и да отвора нови перспективи“.
„Реализацијата на оваа изложба е дел и од нашите заложби да го донесеме светот кај нас.Уживајте во можноста да ја видите ослободената потсвесна енергија на големиот уметник. Не барајте дефиниции, објаснувања, логика, употребете ја фантазијата.. .Ова е препорака која, секако, треба да се има на ум кога се посетува поставка на Салвадор Дали“ - порача таа.
Нејзината препорака може да ја почитуваат или не оние кои добија можност бесплатно да ја видат изложбата до 19 декември. Треба навистина и да се искористи, бидејќи Дали никого не остава рамнодушен.
Катерина Богоева - Утрински весник