Омаж на Танас Луловски
Една од одликите на творештвото на Луловски е карактеристичното и доследно хипереалистично сликарство
Педесетината дела на големиот македонски сликар Танас Луловски - Тане, претставени во целиот изложбен простор на Културно-информативниот центар - Скопје се убава можност да се потсетиме на творештвото на овој исклучителен творец. За местото што Танас Луловски - Тане (1940 - 2006) го зазема во историјата на современата македонска уметност не е потребно многу да се говори, бидејќи во повеќе наврати е пишувано за него како еден од нашите највпечатливи творци кој е заслужен за обновата на фигурацијата во современото македонско сликарство.
Делата презентирани на оваа изложба, изложени по подолг период, доминантно се во сопственост на неговото семејство, а неколку се позајмени од приватни колекции и национални установи (Музејот на современата уметност - Скопје и Националната галерија на Македонија). Претставени се по неколку дела од различни периоди на неговото творештво, работени во различни техники (најмногу акрилик и масло на платно) и жанрови, поделени во неколку целини - рани апстрактни дела кои му припаѓаат на доменот на апстрактната лирика; дела во кои се воспева природата и се своевидна зен естетика со неутрален и суптилен колорит; „текстуалните“ белешки од секојдневниот живот; автопортрет; дела со концептуални ставови за уметноста на кои се фокусира на заднината на сликата; повторно предмети од секојдневието и фотореалистични „пејзажи“...
Презентирањето на неговото творештво е комплетирано со една поголема целина од 25 цртежи со молив во боја, изработени во последните дваесеттина години од неговиот живот, и претставува завршница, односно одвоена целина која ја велича чистата и наивна детска игра. Една од одликите на творештвото на големиот Танас Луловски, кое е константно емотивно и интимно, е карактеристичното и доследно хиперреалистично сликарство со истенчен сензибилитет во кое е присутна драма, но и убавина и надеж. Било да се работи за максимално реалистично и вешто пренесен пејзаж, природа (глуварчиња, инсектариум во кој доминираат пеперутки) или предмети (кутии од цигари, догорчиња, рецепти, опомени за тужби...), а со неговите теми се во постојаната врска со неговиот комплексен живот и личност, воедно допира и до социјалниот момент преку презентираните моменти на личните животни премрежиња.
Ценејќи го многу позитивно напорот на КИЦ за оддавање почит на овој, по многу нешта исклучителен автор, можеме да кажеме дека според концептот на изложбата и бројот на делата изложбата сосема соодветствува на насловот - „Омаж“, односно почест. Сепак, во оваа пригода повторно останува да лебди во воздухот едно непријатно чувство дека стручната јавност му остана должна на овој наш уметник, бидејќи досега не е организирана голема ретроспективна изложба на која би се презентирало севкупното творештво на авторот кој зазема мошне значајно место во историјата на македонската ликовна уметност.
Маја Чанкуловска - Дневник