Време за преиспитување на старите вредности
Неколкуте тековни ретроспективи на авторите - потпорници на современата македонска уметност (Димче Николов во МСУ, Предраг Урошевиќ во Музеј на град Скопје, Борислав Траиковски во КИЦ) - го актуализира прашањето за се поочигледната потреба за ревизија на вредностите на домашната ликовна сцена. Во јазот меѓу два општествени система, во време на преиспитување на величините во сите сфери, тоа и е потребно и на домашната уметност, иако се чини дека во споредба со другите области токму уметноста се извлече од повторно промислување на „проверените“ вредности, коментираат промислувачите на домашната уметност. Во светот ликовните експерти секојдневно нудат свежи видувања на веќе утврдените ликовни големини, а нашите историчари на уметност се уште ретко го прифаќаат ризикот да промовираат нови читања на етаблираните вредности. Тоа го потврдуваат и неодамнешната ретроспектива на еден од пионерите во светскиот модернизам Густав Курбе, во музејот „Метрополитен“ во Њујорк, моменталната ретроспектива на Френсис Бејкон во лондонската галерија „Тејт“ и огромната постановка на големи ѕидни цртежи на еден од најголемите американски минималисти, Сол ле Вит, која ќе остане изложена за публиката во наредните 24 години. - Ние мислиме дека веќе сме ги зацементирале вредностите, а тоа сме го направиле на локални критериуми. Кај нас нема практика на ретроспективни претставувања кои ќе бидат разгледувани низ призмата на пошироки, регионални, па дури и европски контексти. Треба да ги напуштиме старите теркови и да тргнеме понатаму. Бидејќи секогаш е вистинско време за правење ретроспективни изложби. Посебно поради фактот што во минатото многу ретко ги имаше - вели ликовниот критичар Златко Теодосиевски. Според него, токму поради откривачките аспекти на ретроспективите, тие подразбираат голема одговорност и стручна подготвеност од институцијата или од стручно лице кое ги подготвува. - Ретроспективата не е направена солидно ако таа не нуди нови аспекти, ако текстот за неа е повторување на веќе напишаното - додава Теодосиевски. И поранешниот директор на МСУ, Емил Алексиев, го дели истиот став. Според него, иако шемите на нашата ликовна историја се веќе издиференцирани, сепак вредностите треба да бидат подложни на преиспитување. - Порано МСУ често правеше ретроспективни претставувања. Иако моментално има некоја пообемна акција, сепак интензитетот не е како некогаш. Сега не можам да забележам дека се случува нешто конкретно - вели Алексиев. Според ликовниот критичар Владимир Величковски, она што генерално ја одбележува ситуацијата на нашата ликовна сцена е дека на некои автори кои заслужуваат да бидат пообемно претставени воопшто не го добиваат тоа, додека за други уметници се прават ретроспективи и по неколку пати. Таков е примерот, според Величковски, со моменталната ретроспективна изложба на Борислав Траиковски. - Пред 2 години во Чифте-амам имаше ретроспектива на Траиковски која беше проследена со обемна стручна и солидно изработена документација. Во тој поглед новата постановка нема да донесе никакви новини. За творештвото на Димче Николов, пак, досега немаше поголема изложба, така што редно време беше таа да се случи - коментира Величковски.
Ивана Васева- Време