Во организација на Националната галерија на Македонија, во објектот Чифте амам, денеска во 12 часот ќе биде отворена изложба на современо бугарско сликарство насловена Документ (арна идент)ификација
На изложбата Документ(арна идент)ификација ќе бидат претставени дела од тројца реномирани автори од Бугарија: Елена Панјотова, Гордон Картер и Димитар Јаранов. Куратори на изложбата се Јово Панчев (Бугарија) и Менка Карпашовска (Македонија).
Основата на оваа изложба е во концептуалната уметност која во Бугарија има долга традиција, меѓутоа, покрај големата традиција има и други важни чинители кои придонесуваат за ваквата популарност во бугарските визуелни уметности. Целта на оваа изложба лежи токму во тоа да ги открие и идентификува можните причини за тоа. Тезата на која се потпира изложбата ја одразува состојбата на современата уметност и карактерот на пораките во концептуалното сликарство.
Тројцата уметници претставени на оваа изложба создаваат документарно сликарство. Секое сликарство поодделно, колку и да носи елементи на документарност, објективна тактилност за восприемното, за нивниот стил и работа, сепак, генерално, може да се каже, дека тоа е концептуално-документарно. На преден план доминираат слики од материјалниот свет: кадри кои веќе поминале низ материјалната реалност, поминале на некаков начин низ времето, се случиле. Оваа материјална основа е суровината на делата на Панајотова, Картер и Јорданов и е збир на субјективни реалии прифатени и пресоздадени во нивното сликарство.
Изложбата ќе ја отворат амбасадорот на Република Бугарија во Република Македонија, Михо Михов и Маја Крстевска, директор на Националната галерија на Македонија, а ќе биде отворена до 12 март.