Интервју со Елена Ончевска Ејгер, лектор на филолошкиот факултет при УКИМ
Елена Ончевска Ејгер е лектор на катедрата за англиски јазик и книжевност на филолошкиот факултет во Скопје. Елена издвои време да ги изјави своите ставови за студирањето и институцијата наречена факултет, со цел да им помогне на студентите, но и да влијае на останатите предавачи од високите образовни установи.
Ф: Каде студиравте? Какво беше вашето студирање?
Е: Дипломирав тука, на наш факултет, на катедрата за англиски јазик и книжевност. Морам да признаам дека направив грешка во врска со образованието, но тоа беше пред студиите. Се запишав во средно училиште кое беше престижно и едно од најтешките во тоа време. Запишав стоматологија бидејќи тогаш мислев дека тоа е она што го сакам. Интересот траеше првата година, но потоа ја воочив сопствената грешка и ми остануваа уште три години поднесување на штетата која веќе беше направена. Додека останатите моделираа забчиња, јас читав англиска литература под клупа. Потоа следуваше студирањето, беше интересно, започнав одлични луѓе за време на студиите кои сеуште ми се одлични пријатели. По студирањето работев во приватни училишта за јазици, по што добив стипендија за магистратура во Англија. Тоа ми направи една пријатна академска турбуленција. Искуството беше неповторливо. Тогаш бев позрела за разлика од студентските денови, кога често (за жал) доаѓав до ситуации на кампањско учење. Затоа сакав да ја искористам таа година најдобро што можам, многу работев, ги слушав советите на професорите и учествував во предавањата. Сосема е различно кога студентот ќе дојде на предавање подготвен и ќе дискутира со професорот, отколку само пасивно да слуша.
Ф: Која е разликата помеѓу студирањето тука и во Англија?
Е: Се плашам дека ако споредувам ќе се направи несоодветна споредба бидејќи се различни студии, додипломски и постдипломски. Меѓутоа, од она што успеав да забележам таму кај додипломските студии беше тоа што групите беа многу помали за разлика од тука. На тој начин има шанси секој да каже нешто да учествува во предавањето. Зборуваме за групи од приближно 15 луѓе, имаше групи од само 5 луѓе. Пасивноста кај студентите е до некаде оневозможена, сепак во мала група не можеш постојано да се криеш позади некој. Другата работа е тоа што имаше ресусри достапни на секој чекор, на пример, кога ќе се кажеше дека ни требаше некоја книга, таа книга ја имаше во многу примероци во библиотеката. Библиотеката беше огромна зграда каде беше достапно се’. Освен тоа, на почетокот на годината, се одвојува една седмица за адаптација на студентите во новата средина. Во таа недела имавме предавања од секакви луѓе кои работат во факултетот и можат да им помогнат на студентите. Едноставно, не можеш да се почуствуваш дека си оставен сам на себе. Имавме средби со сите луѓе кои ни се потребни, вклучувајќи и полицаец кој ни кажуваше како да внимаваме на безбедноста.
Ф: Мислите дека поради споменатите причини студирањето надвор е полесно?
Е: Не би рекла дека е полесно. Од една страна е полесно, но од друга страна мора да работите повеќе. Организацискиот дел е многу подобар, студентите се соочуваат само со академски стрес поврзан со учењето, не со административни работи. Мислам дека тоа е фантастичен фокус, тоа е идејата на студирањето, да се мачите на академско поле, не на административно.
Ф: Каков треба да биде односот професор-студент?
Е: Различен, претпоставувам. Сите сме различни и различно воспоставуваме однос со луѓе. За некои студенти сигурно односот ќе биде потивок отколку односот на други студенти со професорот. Треба да има соработка, треба да има комуникација. Дали таа комуникација ќе биде преку активност на час или комуникација по имејл, сосема не е битно, битно е да постои комуникација. Сметам дека преку комуникација се надградуваме сите, ние учиме од вас и вие, претпоставувам, од нас.
Ф: Мислите дека професорот може да влијае на студентите?
Е: Претпоставувам дека може. Мене лично ми оставале впечаток луѓе кои ме поттикнувале да правам нешто за кои не би ми текнало сама. Она индиректно влијание е она што го ценам повеќе кај луѓето, наспрема индотринирање, кога некој смета дека нешто е така и сите мора да мислат исто. Мислам дека тоа е главната цел на професорот, да го мотивира студентот да погледне негде каде не погледнал претходно.
Ф: Мислите дека студентите од нашите факултети имаат сигурна иднина?
Е: Никој нема сигурна иднина. Од моето искуство, од сите студенти кои поминале низ овие клупи, речиси секогаш се познавало кој од нив ќе биде успешен. Таа љубопитност и потреба за наградба потребни за движење по професионалните скалила се видливи уште од академските клупи. Мислам дека треба да си ја одработиме иднината. Иднината е во таа љубопитност и во ентузијазмот со кој се работи.
Ф: Дали ќе се согласите дека неформалното образование е еднакво битно како и формалното?
Е: Апсолутно. За жал, кај нас формалното образование се поистоветува со онаа интелектуалност, што е едноставно поедноставување на нештата. Луѓето не смеат да се гледаат само како интелектуални битија, ние сме многу повеќе од тоа. Проблемот се јавува и кај учениците од основно и средно училиште. Се’ се сведува на тоа студентот да научи куп факти и да се надеваме дека ќе ги помни после две-три години. Тоа е многу неверојатно, бидејќи, сепак, она што се помни се вештини, не е збир на факти. Покрај тоа, тој збир на факти е многу лесно проверлив, во секое време може да се провери извесен факт. Она што не можете да го најдете на интернет за минута е вештината. Според мене, идејата е студентите да се каат на факултетот со извесни вештини и ставови за нештата и со оној капацитет за критичко преобмислување на нештата. Едноставно е недозволливо за интелектуалец да излезе од студентските клупи и да се согласува со се’, да не преиспитува. Дури и она што изгледа најнаивно, најфино, може да биде премногу убава спакувана манипулација. Интелектуалците се должни да не престануваат да ги преиспитуваат нештата во потрага во евентуално фино камуфлирана манипулација.
Ф: Што би им порачале на студентите?
Е: Би им порачала да бидат авантуристични во текот на студирањето. Да не се ограничуваат на тоа на коешто системот ги ограничува. Доколку системот вели да се положат шест испити, тоа не треба да биде и наш стандард за успешност. Има многу работи што студентите може да ги прават во период кога имаат повеќе време од било кога. Би апелирала на студентите да ги истражуваат талентите. Од кај знаете дека не сте потенцијален генијален фотограф, на пример, ако не сте пробале? Доколку некој студент покажува и мал интерес за нешто, претпоставувам дека вреди да го истражи тој интерес. Би ги поканила да експериментираат со своите таленти, да бараат талент повеќе. Не велам дека ќе биде доцна по студирањето, меѓутоа сега е убав период, додека сеуште ја живеете таа безгрижност, додека сеуште потенцијално имате стипендии и живеете со родителите, кога сте порелаксирани финансиски и во секој друг поглед. Тоа е нешто што јас си го префрлам и мислам дека не го правев доволно кога бев студент, мислам дека кога би се вратила назад, би го правела тоа, би чепкала низ себеси.
Извор: Факултети