Битола,
13 август 2014
ГОДИНЕШНОТО АКТО ВО ЗНАКОТ НА ЧЕКАНОТ НА ОПШТЕСТВОТО
Поаѓајки од идејата на Брехт, дека уметноста треба да биде огледало издигнато во лицето на реалноста а не чекан со кој ќе се обликува, годинешното, девето по ред издание на Фестивалот за современи уметности АКТО во Битола (22 – 24 август, 2014) ќе се обиде да го преиспита односот на уметноста, или уметноста која се создава во актуелниот, современ момент во релација и како однос на постојани преговори и конфликт со општествените и политички конструкции. За таа цел, речиси целата програма на годинешното АКТО ќе се одвива во Мобилна/монтажната галерија на Центарот за современи уметности во Скопје која се отвори во април годинава во Скопје а која ќе биде специјално донесена во Битола за потребите на фестивалот и ќе бидe лоцирана во јавен простор во центарот на градот.
- Оваа година ќе се обидеме во денешен актуелен социо-политички контекст одново да ја редефинираме релацијата на уметноста со општествените промени, и тоа особено во време на надоаѓање на силни националистички и конзервативни тенденции кои доминирааат со земјава но и глобално, со европскиот културно политички контекст–вели Филип Јовановски, уметнички директор на АКТО.
Тој додава во рамките на ваквата концепција и како дел од официјалната програма на фестивалот ќе се случуваат неколку настани кои се поделени во три целини.
Еден дел е посветен на серијата на диксусии насловен „Возможно/невозможно - дијалектиката помеѓу политичкиот активизам и уметноста“ во концепција на активистот и теоретичар Артан Садику. Потоа, меѓу другите настани ќе има две претстави од Скопје како и визуелен дел во кој спаѓаат изложбата You made me so sad. Now that doesn’t have anything to do with you, курирана од Ивана Васева и дела на уметници како Алексис Дебуф од Франција и уметници од Хрватска меѓу кои Маријан Црталиќ, Група АБС, Немања Цвијановиќ и Пино Иванчиќ во соработка со мрежата BCC /Balcan can contemporary.
Во рамките на ОФФ програматa ќе се одржат настани во Мобилна/монтажната галерија, напуштените хангари на Фабриката “Битолатекс” и Oфицерскиот дом а свои настапи ќе имаат Kisobran од Србија, SIZ, Мирко Попов, Васо, Igor Zotic, K.Petrovsky, Goran Tech и голем дел од локалната електронска сцена.
- АКТО фестивалот со својата музичка програма останува препознатлив во поддршката на македонската електронска и indie сцена надополнета со откривање на нестандардни локации и зацврстување на нераскинливата врска на архитектурата и музиката – вели Александар Јовановски, програмски координатор за музика на АКТО.
И оваа година, за фестивалот ќе се организира АКТО ТРАНСПОРТ, бесплатниот воз Скопје-Битола, кој е неколку годишен проект на музички и уметнички настани на релација Скопје-Битола, со цел да се анимира публиката.
* Во продолжение на мејлот ви го праќаме официјалниот постер на фестивалот и фотографија од Монтажната/ мобилна галерија на ЦАЦ.
Контакт
Ивана Васева
070 905 212