Петок, 14 Декември 2012
„Нашиот Мал Фестивал“ е поддржан од Министерството за култура на Република Македонија, Кабинетот на Претседателот на РМ, неколку општини од Републиката и Канцеларијата на ЕУ во Скопје
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска во Домот на АРМ, во присуство на сопругата на претседателот на РМ, г-ѓа. Маја Иванова, амбасадорот на Европската Унија во Македонија, Аиво Орав, како и бројни ученици, наставници и родители, се обрати на отворањето на првото издание на филмскиот фестивал за деца во Македонија насловен „Наш мал фестивал“. Министерката за култура пред присутните истакна дека денеска започнува креативниот од на нашата нова манифестација, која низ својата програма, низ неформалната едукација, на најмладите ќе им го доближи филмот, музиката, ликовната уметност, и сите останати сегменти и видови на култура.
Денеска со задоволство ќе се потсетам дека идејата за реализацијата на овој фестивал, која беше предложена до Министерството за култура на Годишниот конкурс за поддршка на проекти од национален интерес, ја прифативме со навистина голем ентузијазам. Министерството за култура во својата програма поддржува голем број на програми и проекти, фестивали и манифестации за најмладите. Во оваа прилика ќе ги споменам Националните институции, Македонската Опера и Балет, Македонската филхармонија, Театарот за деца и младинци, кои редовно подготвуваат програми кои се масовно посетени од најмладата публика. Сепак видлив беше недостатокот на редовна програма на филмови за децата или пак фестивал кој во својата програма истовремено ќе обедини голем број на едукативни работилници, проекции на детски филмови и забавни содржини, истакна Канческа-Милевска. Таа додаде дека „Нашиот Мал Фестивал“ е првиот едукативен и филмски фестивал за деца во Македонија кој има за цел да ја пополни таа празнина, и тоа не само преку прикажување на било какви филмови, туку преку исклучително внимателна селекција на филмови за деца од европската продукција.
„Нашиот Мал Фестивал“ е посветен на подигнување на културната свест и нивото на неформална едукација кај децата, а во својата програма интегрира голем број едукативни работилници, проекции на детски филмови и забавни содржини.
„Нашиот Мал Фестивал“ е поддржан од Министерството за култура на Република Македонија, Кабинетот на Претседателот на РМ, неколку општини од Републиката и Канцеларијата на ЕУ во Скопје.
Извор: Министерство за култура на Р. Македонија