20.11.2012, 13:12
„Епизодист“ доби две награди во Лос Анџелес
На филмскиот фестивал „Л.А. интернешенел андерграунд“ делото на Игор Алексов доби награди за режија и за најдобар наративен краток филм
Краткометражниот македонски игран филм „Епизодист“ во режија на Игор Алексов, а во продукција на „Квазар филм“ од Скопје, по главната награда која ја доби на фестивалот „Холи шортс“ во Холивуд, сега се закити со уште две награди. На Интернационалниот филмски фестивал „Лос Анџелес интернешенел андерграунд“ „Епизодист“ ја освои наградата за најдобар наративен краток филм и за најдобра режија.
„Краткиот 23-минутен филм ’Епизодист‘ е горчлива приказна за две времиња, за два различни политички система, за две различни судбини на еден ист лик, околу кој злото, лицемерството и суровоста на моќта остануваат исти. Злоупотребата на силата и моќта за да се добие посакуваното, без разлика дали ќе биде уништен еден човечки живот, неговите соништа и идеали“, е основната линија во приказната на филмот. Или, како што истакнува Игор Алексов, главна порака на филмот е колку и да ве навреди некој, колку и да ве измачува или да се труди да ве понижи, најважно од се' е да останете човек.
Она што е карактеристично за ова остварување е што ова е еден од ретките филмови кај нас кој е направен по порачка на продуцентска куќа. „Квазар филм“ го понудил сценариото, кое го потпишува Алек Русјаков, на режисер што сето тоа би го работел како дел од тимот. Излезе дека оваа професионална соработка се покажа како доста успешна.
Овој филм досега е награден на Скопски филмски фестивал, каде што доби признание за најдобро краткометражно остварување, како и на фестивалот „Сајлент ривер филм фестивал“ во Ирвин за најдобра женска улога. Инаку, главната женска улога во филмот ја играат Силвија и Јана Стојановски, и тоа во помлади и во повозрасни години.
Во другите улоги во филмот се појавуваат: Предраг Павловски, Игор Ангелов, Славица Јовановска, Благица Трпковска и Кирил Ристески. Директор на фотографија е Душан Кардалевски, монтажата е на Тања Рибарска, а музиката на Доријан Јовановиќ. Продуцент на филмот е Блаже Дулев, кој потенцира дека ова е веројатно првиот балкански филм кој е работен со поновата дигитална техника, со камерата „АГИ Алекса“. (С.У.)- Утрински весник