15.06.2012 - 09:10 | Македонија
Филмот „Изморениот патник“ на Благоја Дрнков, снимен во 1961 година, вечер во Куршумли ан ќе го отвори третиот Фестивал на креативен документарен филм МакеДокс.
По него ќе бидат прикажани и документарните филмови „Бебиња“ на францускиот режисер Томас Балме (2010) и „Мама Африка“ на финскиот режисер и продуцент Мика Каурисмаки (2011).
До 22 јуни, до кога ќе трае фестивалот, ќе бидат прикажани 62 остварувања од светската документарна продукција, во пет програмски целини - главна програма, нови автори, балкански документарци, краткометражни документарни филмови и програма за деца и млади.
- Овие документарни филмови го прикажуваат слоевитиот живот во Јоханесбург, Намибија, Централна Африка, Либерија, Токио, Аргентина, Мексико, Чиле, пустината Атачма, Дубаи, Чикаго, Њујорк, плажата Бомбај, Москва, Украина, Љубљана, Загреб, Скопје.. Овогодинашен фокус ни се балканските документарни филмови...Селекцијата на третото издание на МакеДокс повторно покажува дека е вистинско време за врвни документарни филмови, рече Петра Селишкар, селектор на МакеДокс, на прес-конференцијата по повод фестивалот.
Поделени во три натпреварувачки категории, документарните филмови ќе бидат оценети и наградени од пет различни жириа. На најдобрите ќе им бидат доделени и официјалните награди на МакеДокс - „Кромид“ за најдобар филм во меѓународната натпреварувачка програма, „Млад кромид“ за најдобар филм на нов автор (прв или втор филм) и „Кокарче“ за најдобар филм за деца и млади.
На МакеДокс 2012 ќе бидат доделени и две специјални награди, за филм со најдобра презентација на човекови права и за филм за најдобри етички идеи.
На фестивалот, покрај работилниците и дискусиите, ќе биде претставено и дел од творештвото на великанот на македонската фотографија и кинематографија Благоја Дрнков, и на двајца современи македонски автори-документаристи Томислав Георгиев и Огнен Теофиловски, со избор на нивни дела настанати помеѓу двете изданија на фестивалот.
Фестивалот и оваа година ќе го продолжи своето патување низ Македонија, во обид да се децентрализираат културните случувања. Кино-карванот во август ќе патува во населените места низ Малешевијата.
=======
„Бебиња“ и „Мама Африка“ го отвораат „МакеДокс“
Краткиот документарен филм „Изморениот патник“, во чест на великанот на македонската фотографија и кинематографија, Благоја Дрнков, вечерва во 21 часот во Куршумли-ан ќе ја крене фестивалската завеса на третото издание на Фестивалот на креативен документарен филм, „МакеДокс“.
Програмата ќе ја стартува премиерната проекција на документарниот филм „Бебиња“ на наградуваниот француски режисер Томас Балмеш. Документарната приказна симултано следи четири бебиња, кои живеат на различни места во светот, од раѓањето до нивните први чекори. Редефинирајќи ја ненаративната уметничка форма, „Бебиња“ весело ги опишува најраните фази, универзални за сите форми на човековото патување од раѓањето па сė до проодувањето.
Терминот во 23 часот, пак, е резервиран за филмот „Мама Африка“, копродукција на Финска, Германија и Јужна Африка.
Во овој филм, докажаниот фински режисер и продуцент Мика Каурисмаки гледачот го води низ педесетте години творештво на Миријам Макеба, талентираната и харизматична музичарка од Јужна Африка, која својата кариера и творештво ги посветила на пренесување на пораката против расизмот и сиромаштијата, како и за кревање глас за еднаквост и мир.
На филмските проекции во 20 часот во Куршумли ан ќе им претходи отворање на изложба на фотографии на двајца современи македонски автори-документаристи, Томислав Георгиев и Огнен Теофиловски.
Делата што ќе бидат изложени припаѓаат на современата македонска документарна фотографија, настанати помеѓу двете изданија на фестивалот. Изборот е направен во соработка со Роберт Јанкуловски од Македонскиот центар за фотографија.
На првиот ден на „Македокс“ ќе биде приреден и омаж за великанот на македонската фотографија и кинематографија, Благоја Дрнков, со избор на фотографии од повоениот период.
А. Ри.
=============
Фестивалот на креативен документарен филм МакеДокс годинава се одржува од 17 до 24 јуни на три локации во Скопје (Куршумли-ан, Детски театарски центар и Кинотека на Македонија).
Но фестивалот не завршува во Скопје. Минатогодишната идеја – ПАТУВАЧКОТО КИНО, ќе се организира и оваа година, и во август, МакеДокс повторно ќе патува со кино караванот низ 6 нови градови и села во Македонија.
Кромидот и оваа година е визуелен идентитет на МакеДокс. За разлика од минатата година кога се истакна неговата слоевитост и сличност со докуменатристиката, годинава фокусот се става на неговата регенеративна моќ.
- Зародишот на идејата за МакеДокс 2011 е во ланскиот кромид, а во сржта на овој е таа што ќе се роди догодина. Најточната вербална формулација на овој зародиш ја најдовме во зборовите на Светлана Гајер, лик од еден од овогодинешните филмови и ја искористивме за наше годинешно мото: Кромидот нема средиште/ Кромидот нема центар/ Кромидот има цел / целта е во зародишот…/ кромидот расте во кромидот, за да го оправда постоењето…/почнува новиот живот.. Вториот МакеДокс е посиромашен во број на филмови, но е побогат со програми. Посодржаен, послоевит и постокмен. Помудар од лани.
Во Кинотека и старата скопска чаршија ќе пренесеме дел од животот во Камбоџа, Полска, Шведска, Кореа, Зимбабве, Словачка, Бразил, САД, Холандија…преку очите, душата и умот на 40 изовнредни автори. Некои од нив ќе дојдат лично да ги споделат со нас своите приказни. Продолжуваме со нештата кои веруваме дека вредат: кино на отворено, патувачко кино, организирани посети на програмата за деца и млади, размена на искуства низ работилници и журка за крај.– вели Киријана А. Николоска, директорка на фестивалот.
Програмата на МакеДокс 2011 ја сочинуваат вкупно 35 најактуелни и повеќекратно наградувани креативни документарни филмови. Натпреварувачки се 3 програми: ГЛАВНА ПРОГРАМА, НОВИ АВТОРИ и ПРОГРАМА ЗА ДЕЦА И МЛАДИ, а оваа година новитет се тематската селекција на ЕКОЛОШКИ документрани филмови и селекцијата од меѓународни КРАТКИ ДОКУМЕНТАРЦИ. Селектор на целата програма е Петра Селишкар.
Доколку сакате повеќе информации за програмата на Македокс, истите можете да ги најдете на веб страницата: http://www.makedox.mk/