Стотина луѓе облечени во розово заедно чекора и беа дел од хуманитарната акција ,,Напред розово“, за борба против ракот на дојката. Збирното место каде започна прошетката беше ‘Школката’ во градскиот парк во Скопје. Акцијата ја поддржаа многу јавни личности кои ја истакнаа важноста за рано откривање на ракот на дојката за нејзино успешно лекување.
„Затоа сме тука денеска, за да испратиме порака кај граѓаните, не чекајте да се појават симптоми или болести туку искористете ги сите можности, кои ги нуди министерството за здравство, да направите контрола тогаш кога немате ниеден симптом, или болка, да дојдете навремено и да го спасите вашиот живот“, порача министерот за здравство, Бујар Османи.
Акцијата ја поддржаа и политичарки од различни партии.
“Ова е болест која не им се случува само на другите, присутна е во многу семејства присутна е во цела Македонија и сакаме да поддржиме да се зголеми знаењето и активноста на сите жени во борба против болеста“, изјави Изјава-Радмила Шеќеринска –СДСМ.
„Неопходно е да дадеме сопствен придонес за подигнување на свеста за оваа тешка болест, неопходно е сите да учествуваме во подигнувањето на свеста за сосптвеното здравје, но и за здравјето на нацијата“, нагласи Гордана Јанкуловска-министерка за внатрешни работи на РМ.
Во Македонија во просек секој ден кај 2 жени се открива рак на дојка односно на годишно ниво тоа се 750 новозаболени. Болеста се развива и кај мажите меѓутоа многу поретко. Годишно од оваа болест заболуваат околу 10 мажи. Со скрининг и редовни самопрегледи ракот на дојката може да се лекува кај 98 проценти од случаите.
Бојана Симоновиќ