Среда, 28 Февруари 2018 14:28
Како дел од активностите за одбележување на Европската година на културното наследство, денес во Археолошкиот музеј на Македонија беа промовирани петнаесет нови изданија (десет на македонски и пет на англиски јазик) од едицијата „Најзначајните вредности на културното и природното наследство на Република Македонија“ , проект на Управата за заштита на културното наследство...
Говорејќи за значењето на оваа едиција, која има цел да ги афирмира бројните и бесценети културно-историски знаменитости на Македонија во земјава и во светот, министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски истакна дека врвен приоритет на Министерството е заштитата и промовирањето на културното наследство и дека унапредувањето на неговата состојба има посебно место во културните политики.
„Во наредниот период ќе се посветиме на изработка на стратегија и нова односно модифицирана законска рамка за заштита на културното наследство. Ќе ги поттикнуваме студиските програми за конзервација и реставрација на движното и недвижното наследство, а ќе ги решаваме и проблемите околу стандардите за конзервација, идентификација, евиденција и валоризација на културните предели“, рече Алаѓозовски, очекувајќи дека ќе се остварат посакуваните резултати и, како што рече, нашиот богат културен трезор ќе стане препознатлив за жителите на Европа и на светот.
„Вклучувањето на овие 15 нови наслови во одбележувањето на Европската година на културното наследство е чекор во вистинската насока. Убеден сум дека овие публикации ќе бидат значаен дел од интензивната презентација на нашето културно наследство пред европската јавност во оваа значајна година“, истакна министерот Алаѓозовски.
Изданијата се популарни, напишани на разбирлив јазик и наменети за пошироката публика. Ќе бидат достапни во малопродажба и во музејските продавници. Со нив бројот на наслови во оваа едиција од планираните 130, достигна 45. Директорката на УЗКН Елеонора Петрова-Митевска рече дека со преводот на англиски јазик се овозможува за културното наследство на Македонија да дознае европската и светската јавност.
На македонски јазик беа промовирани изданијата за црквата Св.Богородица – Матејче, црквата Св.Богородица Елеуса - Вељуса, Керамичките релјефни плочи од Виница, Маркови кули, Варош – Прилеп, Таор (Антички населба Тауресиум), Баргала, Манастирот Трескавец, за археолошкиот локалитет и неолитско село Тумба Маџари, за црквата Св.Ѓорѓи во Курбиново и Муниципиј Стобенсум.
Во превод на англиски, нови се пет наслови: Municipium Stobensium; The History of Discovering the Site of Isar - Marvinci; The Medieval Fortress of Isar - Shtip; Kokino - a Holy Mountain and Observatory for 4000 Years; The Great Bath of The Late Roman Thermal Spa in the Village of Bansko.
Извор:http://www.kultura.gov.mk/index.php/odnosi-so-javnost/novosti/3578-2018-02-28-14-37-24