ХРАМ ОД 11 ВЕК ВО С. ВЕЉУСА, СТРУМИЦА
Манастирот "Св. Богородица" го враќа изворниот изглед
Покривот на манастирот "Св. Богородица" во с. Вељуса, Струмица, се санира. Проектот е одобрен во програмата за заштита на културното наследство на Министерството за култура, а неговата реализација ќе овозможи зачувување на изворниот изглед на манастирот. Овој верски храм е бисер на средновековните споменици во Македонија, а досега се вршени само интервентни зафати за заштита од протекување, додека поголеми санации не се изведувани во последните 30 години.
"Во рамките на санацијата која ја вршат стручни лица за конзервација од Струмичкиот музеј, се работи на комплетно чистење на надворешноста на објектот, како и на зацврстување на прозорците на куполите со специјални материјали. По санацијата продолжуваат конзерваторските истражувања во делот на архитектурата, фрескоживописот, подните мозаици, како и санација на влагата на дел од фасадата која е уникатна по начинот на изведба", велат од Министерството за култура на РМ.
Манастирската црква Пресвета Богородица Милостива" е подигната од струмичкиот епископ Мануил. Овој сакрално-културен споменик и духовно средиште од 11 век зазема мошне високо место во македонската црковна и културна историја и е вреднуван како еден од најмаркантните културно-историски споменици на почвата на Македонија. Во манастирот се одвивала значајна творечка, препишувачка и преведувачка активност. За одбележување е некогашното богатство на колекцијата од икони со сребрени и позлатени опкови и со богата орнаментика. Манастирската црква до денес е активна и од 1996 година функционира како женски манастир во кој се негуваат истите монашки вредности воспоставени уште во периодот на раното христијанство.
Извор: Вечер