„КАКО ДО ПОГОЛЕМА ВРАБОТEНОСТ НА СТУДЕНТИТЕ И ДИПЛОМЦИТЕ?“
МАНУ, 14 март 2014 год.
Советувањето е поддржано од проектот: „Градење капацитети за поголема вработеност“ финансиран од Амбасадата на Кралството Велика Британија и Северна Ирска во Република Македонија.
Проектот се реализира во координација со: Министерството за образование и наука на Република Македонија и Министерството за труд и социјална политика на Република Македонија
СОВЕТУВАЊЕ "КАКО ДО ПОГОЛЕМО ВРАБОТУВАЊЕ НА СТУДЕНТИТЕ И ДИПЛОМЦИТЕ"
Младите побрзо ќе се вработат ако имаат претприемачки дух и креативност
Според министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, нивното вработување е посебен приоритет особено во најуспешните програми и мерки за вработување кои ги спроведува владата
Зголемување на шансите за полесно вклучување на младите на пазарот на труд и развивањето на претприемачките вештини беа дел од темите на советувањето "Како до поголема вработеност на студентите и дипломците" кое вчера се одржа во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). Дел од учесниците сметаат дека младите можат полесно и побрзо да се вработат доколку кај нив навреме се развие претприемачкиот дух, креативноста, решителноста, истрајноста кои треба да им ги пренесат наставниците и професорите.
Раководителот на Центарот за стратегиски истражувања при МАНУ, Таки Фити истакна дека невработеноста кај младите лица е поголема отколку кај возрасните и во Македонија, но и во земјите на Европската унија.
- Затоа мерките кои се преземаат од страна на Владата треба да бидат дополнети и со мерки за зголемување на вработувањата кај младите од страна на општините, а истовремено треба да се работи на развивање на претприемништвото особено на малите и средните претпријатија, на промена на наставните содржини, но и на нивно доближување со практичната работа, рече Фити.
Тој дополни дека преземањето на активни мерки за вработување е од исклучителна важност и далеку поисплатливо отколку лицата да останат невработени.
Диме Спасов, министер за труд и социјална политика, истакна дека Владата во Македонија од 2007 година презема активни мерки и политики со кои се опфаќаат голем број млади лица до 29 години.
- Тие се посебен приоритет особено во најуспешните програми и мерки за вработување како што е програмата за самовработување, програмата за субвенционирано вработување и особено практикантството кое е наменето само за млади. Дополнително вработувањето на млади се стимулира и со новата мерка со која приватните компании кои ќе вработат лица до 29 години една година ќе бидат ослободени од сите социјални придонеси со обврска да ги задржат вработените уште една година, рече Спасов.
Енди Пенелуна, проректор на Универзитетот во Велс, смета дека во Македонија се преземени соодветни чекори за зголемување на можностите за вработување на младите лица и изрази задоволство од тоа што работата на ова поле е веќе започната.
На советувањето со научниот коавторски труд насловен "Професија дизајнер - Од јасни компетенции и апликативност во студиите до успешно профилирање кадар неопходен за развој на економијата" учествува деканот на Факултетот за арт и дизајн, професор м-р Јана Манева - Чупоска и продеканот за настава, доц. м-р Гордана Вренцоска при Европскиот универзитет на Република Македонија (ЕУРМ).
Учеството на ЕУРМ на овој настан е дополнето со проф. д-р Лидија Наумовска, која е член на Програмскиот одбор на советувањето.
Извор: Вечер
Друго: