Во 2013 година реализирани крупни проекти во сите дејности од културата
Петок, 27 Декември 2013 12:23
Е-пошта Печати PDF
01_press-aktivnosti_2013_320Министерството за култура во 2014 ќе има буџет од 3,9 милијарди денари, што е за 11,6 проценти повеќе од 2013 година. Од вкупниот буџет, 1.009.681.000 денари се за програмските активности во дејностите од културата ...
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска го истакна оствареното во културата во оваа година, во која Министерството поддржа над 2500 проекти на национални и локални установи, здруженија, невладин сектор и на поединци.
- Тоа е показател дека проектите не само што се финансираат, туку и се реализираат. Имаме успешна, 100-процентна реализација на тоа што е предвидено во програмата и на приоритетите во сите дејности на културата. Многу е важно што културата зазема значајно место и што Владата има должна почит кон уметничките вредности во нашата држава, а тоа се гледа и од целокупната поддршка, во споредба со минатиот период кога културата беше на маргините - рече Канческа-Милевска во отчетот за 2013 година.
Новиот објект на Македонскиот народен театар е најголема капитална инвестиција промовирана во 2013-та, а наредната година, најави министерката, ќе почне изградбата на уште три театри - Албанскиот, Турскиот и Струмичкиот театар, за кои се избрани изведувачите. Отворање се очекува на Археолошкиот музеј и на театарот во Велес, а ќе заврши изградбата на концертната сала на Филхармонијата, која беше стопирана поради стечај на австриската компанија „Алпине бау“. Избрани се две фирми за ентериер и за акустика на салата.
Националната стратегијата за развој на културата за периодот 2013-2017 и Законите за филмска дејност и за поддршка на домашната музичка продукција, кои ќе се применуваат од 1 јануари 2014, се најзначајни документи донесени годинава. Првпат беше распишан Конкурс за откуп на ликовни дела, а во 2014 првпат ќе има и конкурси за финансирање преводи на репрезентативни дела од македонската литература на странски јазици и за стимулирање на класичната музика.
Во отчетот министерката ги посочи остварувањата во издаваштвото (во кое годинава почна нова едиција - „Врвови на светската филозофја, историја и психологија со психоанализа“), во филмот, театарот, археолошките истражувања, музичко-сценската уметност, меѓународните претставувања (Брисел, Стокхолм, Марсеј, Џакарта, Пекинг, манифестациите Венециско биенале, Франкофонски игри во Ница, саемите на книга), заживување на киномрежата во 14 градови, вработување стручен и уметнички кадар во институциите, нови 11 национални пензии и уште една (трета) титула - национален уметник, измени и дополнувања на Законот за авторското право и сродните права...
Во врска со исчезнувањето на над 160 вредни експонати од Музејот на Македонија, Канческа-Милевска рече дека Министерството за култура соработува во истрагата што ја спроведува МВР, а паралелно прави и своја инспекција во сите други музеи.
- Ќе се преземат сериозни мерки. Не би давала какви било коментари додека не заврши истрагата. Пралелно со истрагата во Музејот на Македонија, во завршна фаза е инспекцијата во голем број останати музеи и заводи од инспекциските служби на Министерството за култура и ќе излеземе со целосен извештај - рече Канческа-Милевска.
На прашањето дали таа ќе понесе одговорност за овој случај, одговори дека директорите и секој вработен имаат голема одговорност за чувањето, евидентирањето и изнесувањето на културното наследство и треба да ги спровдуваат законските процедури и правилници за соодветната дејност.
- Министерството за култура и неговите вработени не се одговорни во однос на нешто што е одговорнст на самата институција - додаде министерката за култура.
За Законот за филмска дејност, кој националните телевизии бараат да биде повлечен, посочи дека е споредлив со законите во други држави и е во согласност со европската кинематографска дејност.
- Имавме средба на која националните телевизии не дојдоа, туку само кабелските оператори и Здружението на обложувалниците. Филмската продукција е значајна индустрија за секоја држава и сево ова што го правиме за промоција и поддршка на што поголем број филмови од домашната продукција ќе има огромен бенефит за телевизиите, за збогатување на нивните содржини и подигнување на свеста за македонското филмско творештво. Со измените на Законот за филмска дејност ќе им дадеме силна поддршка на филмските режисери и на збогатувањето на македонската кинематографија - рече Канческа Милевска во отчетот за 2013 година.
Извор:Министерство за култура на Р. Македонија