Тетово, 31 јули (МИА) - По завршувањето на сондажните истражувања на старата манастирска црква „Св. Атанасиј” во Лешок, со кои беше утврдено дека црквата од 14 век е изградена врз постаро светилиште од 6 век, Националниот конзерваторски центар најави дека догодина објектот ќе се конзервира и реставрира.
- Старата манастирска црква „Св. Атанасиј” веќе десет години е на листата на најзагрозени објекти кои се под заштита на државата. Националниот конзерваторски центар раководеше со сондажните истражувања кои траеја 20 дена. Од идната година очекуваме да започнеме со конзервација и реставрација на овој значаен споменик на културата, рече Ѓурѓица Лековска, архитект-асистент при Националниот конзерваторски центар.
Црквата е градена во периодот од 1321 до 1331 година од јеромонахот Јоаникиј. Стариот манастир „Св. Атанасиј“ се наоѓа над Лешок, кај месноста викана Габер или Стар манастир, и од селото е оддалечен околу половина километар. иц/хс/ 15:20