Испосничката карпа во Зрзе датира од втората половина на 9 век. Монашки живот еден век пред оној на Света Гора
Најновите археолошки истражувања на монашкиот комплекс на манастирот во Зрзе, потврдуваат дека на овој простор функционирал организиран монашки живот уште во 9 век.
„Испосничката карпа во организираниот монашки комплекс во манастирот Зрзе датира од втората половина на 9 и 10 век. Ова е потврда дека овде постоел монашки живот кој кореспондира со периодот на обновувањето на Климентовото монаштво на Плаошник, кое пак е еден век постаро од светогорското“, потврди археологот Бранислав Ристески, раководител на проектот.
Според владиката Климент, ова откритие е од исклучително значење и е потврда за културниот, национален и црковен идентитет на Македонија. „Веќе имаме докази, културен слој на живеење во интактна состојба од артефакти кои означуваат дека монашката населба во горната карпа е од 9 век. Информацијата дека манастирот е од 9 век ја потврдува тезата дека Македонија е земја на цркви и манастири“, вели владиката Климент. Како старешина на трите манастири во Зрзе, Трескавец и Варош, владиката Климент ја истакнува важноста на археолошките истражувања како услов за реконструирање на манастирите и другите верски објекти.
Министерството за култура за обемните истражувања во Зрзе кои и натаму ќе се реализираат, одвоило 560.000 денари. Од таму најавуваат дека на приоритетна листа на програмата е и манастирот Трескавец. „Во тек е подготовката на проектите за сите фази на санација и реставраторско-конзерваторски работи на конаците и манастирот Трескавец“, вели Елизабета Канческа-Милеска, државен секретар за култура. (М.Т.) -Утрински весник