Овие значајни ракописи, кои ќе бидат ставени на располагање на стручната и научна јавност, се претпоставува дека се настанати во некои од соседните манастирски центри: Зрзе, Трескавец или Слепче ...
Заврши конзервацијата на две вредни ракописни книги кои имаат исклучителна културно-историска вредност за средновековната македонска книжевност и литература, проект кој беше поддржан во рамките на Годишната програма на Министерството за култура. Станува збор за книгите „Крушевски осмогласник од 15 век“ и „Зборник со апокрифи од 17 век“, кои се сопственост на Историскиот музеј во Крушево.
Во текот на постапката за конзервација, која се одвиваше во Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“, беше извршена анализа на составот на хартијата и на мастилото со кое се пишувани ракописните книги, беше извршено чистење, одлепување, дезинфекција и неутрализација на листовите хартија и реставрација на оштетената подлога, со што се спречи натамошно уништување на ракописите.
Крушевскиот осмогласник, кој бил пронајден во 1942 година во црквата „Свети Никола“ во Кривогаштани, е црковна ракописна книга во која на осум гласа се чита литургијата, додека, пак, Зборникот со апокрифни текстови содржи и летописни белешки за различни историски настани.
Овие значајни ракописи, кои ќе бидат ставени на располагање на стручната и научна јавност, се претпоставува дека се настанати во некои од соседните манастирски центри: Зрзе, Трескавец или Слепче. По 1942 година се донесени во крушевските цркви, а потоа доставени до Музејот во Крушево по неговото формирање во 1953 година.
http://www.kultura.gov.mk/index.php/odnosi-so-javnost/soopstenija/1639-zavrsi-konzervacijata-na-dva-vredni-srednovekovni-rakopisi