ВО СТАРАВИНА
Попис на наследството во Мариово
Архитектурата на мариовските куќи има огромен потенцијал за понатамошно искористување, бидејќи е базирана на светски популарната еко архитектура, смета професор Гоце Аџи Митрески од Архитектонскиот факултет
- Архитектурата на мариовските куќи има огромен потенцијал за понатамошно искористување, бидејќи е базирана на светски популарната еко архитектура, односно, бидејќи се користени природни материјали за градба.
Ова е еден од заклучоците на професорот Гоце Аџи Митрески од Архитектонскиот факултет во Скопје, на трибината "Развој на изграденото наследство во Мариово", која се одржа во село Старавина. Аџи Митрески додаде и дека повеќе од анализираните објекти веќе се трансформирани на некој начин во куќи за сезонско уживање, што може да биде искористено за развој и на туризмот во овој дел од Македонија.
На вчерашната трибина присутен беше и експертот од Франција, Жан Пол Дард, кој заедно со студенти и професори од Франција и од Македонија работеше на проектот "Попис на наследството во Мариово".
- Изненаден сум од квалитетот на изграденото наследство, од куќите, објектите во Старавина, во Новаци, рече Дард, и најави понатамошни активности кон одржлив туризам кои најверојатно ќе се поткрепени со нов тригодишен проект.
Зоран Стојковски, пак, извршен директор на ЦИРа, кои се организатори на проектот, заклучи дека и понатаму ќе се работи со локалното население, за да им се помогне при реализација на туристички план, понуда...
На вчерашната трибина учествуваа стотина гости, а планирана е и втора трибина на истата тема која ќе се одржи во просториите на општина Новаци (утре - 11 ч.)
Оваа активност се реализира во склоп на проектот за децентрализирана соработка помеѓу Македонија и регионот Долна Нормандија од Франција, раководен од страна на Асоцијацијата на агенции за локална демократија од Стразбур.
Куќата на Калеш Анѓа и Пешта - интересно културно наследство
- Од аспект на културното наследство интересни се куќата на Калеш Анѓа, која треба да се реновира, потоа локалитетот Пешта, каде за време на турското ропство Македонците десетина години ги издржувале нивните напади. Исто така во селото Градешница има девет цркви со прекрасни фрескоживописи, во Старавина има две цркви..., вели Зоран Стојковски за културното богатство во Мариово.
Дејан ТРАЈКОСКИ-Вечер