МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА ИЗДВОИ СРЕДСТВА
Скопскиот аквадукт ќе се конзервира
За скопскиот аквадукт е изготвен елаборат за негова валоризација, како и предлог за
прогласување на културниот предел за културно наследство од историско значење.
При изработката на овој елаборат Министерството за култура има издвоено средства за негова конзервација, информира министерката за култура на РМ, Елизабета Канческа -Милевска како одговор на пратеничко прашање поврзано со оваа градба.
Според министерката Канческа-Милевска, националната установа Конзерваторски центар-Скопје како надлежна установа за заштита на културното наследство, во рамки на проектот Љубљански процес 2" има добиено два гранта. Првиот од 5 илјади евра е за археолошки истражувања на Аквадуктот и треба да започне во ноември годинава. Таа напомена дека реалната пресметка е околу 12 илјади евра, а останатите средства, истакна, ќе се обезбедат од Министерството за култура. Вториот обезбеден грант е од 29.707 илјади евра за геотехнички истражувања, хемиски и други анализи на каменот, статиката, динамиката и стабилноста на објектот. Постапката за тендерот, информира, треба да заврши до крајот на 2013 година.
Покрај овие грантови, Министерството за култура преку надлежните институции во 2014 година, согласно стратешкиот план за зачувување и рехабилитација на споменици на културата, ќе предвиди финансиски средства со цел тој да влезе во приоритетната програма, со оглед дека претставува "лична карта и на Скопје и на РМ".
Министерката Канческа-Милевска истакна дека заштита на културното наследство е еден од приоритетите на Владата и на Министерството за култура што може да се види од реализацијата на голем број проекти ширум државата.
Извор: Вечер