"За време на големиот одмор едно дете на грбот од својот соученик му залепило ливче на кое пишувало: „Јас сум глуп”, притоа од другите ученици побарало да не го известуваат за тоа.
Настанало смеење и исмевање од учениците, а момчето со ливчето ништо не знаело.
На следниот час, професорот по математика поставил една тешка задача. Единствен ученик кој го знаел решението на задачата бил оној со ливчето на грбот, па се јавил, излегол пред таблата и ја решил задачата.
Професорот ја видел пораката на грбот на тој ученик, па побарал од учениците аплауз затоа што успешно ја решил задачата, а потоа станал, го тргнал ливчето од неговиот грб и му рекол:
- „Ти веројатно не знаеше дека на грбот носиш ливче, како што не знаеш ни што пишува на него! Претпоставувам дека автор на оваа порака е еден од твоите другари, а останатите се негови соучесници.”
Потоа им се обратил на учениците од целиот клас и рекол: - „Пред да го казнам оној што го направил ова, сакам да ви посочам две работи:
Прво, ова што му го направивте на ученикот, ќе ви се случува вам во текот на целиот живот. Кога и да посакате да напредувате, ќе наидат оние кои ќе ви лепат етикети за да ве уназадуваат, да ве обезвреднат и да ве понижат.
Доколку знаеше вашиот другар на којшто му ја залепивте оваа порака на грбот, тој веројатно немаше да се јави за да ја реши задачата. Кога тоа ќе ви се случува вам, вие ваквите злонамерни етикети кои ќе ви ги лепат игнорирајте ги и продолжете да напредувате.
Другата работа на која сакам да обрнете внимание е дека вашиот другар меѓу вас нема искрен пријател, спремен да застане до него, да го информира за лошите намери од другите, да го заштити и да ги симне етикетите од него. Не е важно да имате многу пријатели, туку важно е покрај себе да имате некој во кого ќе имате доверба, некој на кој ќе можете да се потпрете и ќе го отстрани ливчето за кое вие не знаете, ниту пак вашата рака може да го дофати.”
фб Maja Beleva Homeschool во Македонија