Прифаќањето на таканаречените „истополови граѓански партнерства“ создаде сериозни проблеми во општеството кое себеси се оддалечува од Бога [се мисли на Грција, заб. на прев.]
Во современото општество се забележуваат два тренда, гледано политички. Првиот е т.н. „теократија“, кога верскиот се поистоветува со политичкиот закон, и вториот тренд – либерализација, кога политичкиот закон е целосно ослободен, неповрзан со верскиот закон, дури и спротивен на него. Додека теократијата вообичаено се јавува во земјите каде исламот е мнозинска религија, екстремниот либерализам доминира во западните општества, особено во Европа каде што ние живееме. Христијанството на Западот е целосно секуларизирано, и затоа гледаме доминација на екстремниот либерализам и анти-христијанството, и тоа не само во општеството, туку и во самите христијански заедници. Кога т.н. „христијански конфесии“ го прифаќаат истополовиот брак, тогаш сите земји се принудени да прифатат закони благонаклонети кон таквите „партнерства“. Затоа не треба да замижуваме пред атмосферата во Европа.
Костас Јорданидес го нагласи овој аспект на прашањето. Во една статија (објавена во Катимерини, двобројот 25-27 декември 2015г.), тој напиша дека „општествата на западните народи во најдобар случај се водедни од агностички убедувања“. Навистина, тој тврди дека „не е коинциденција што т.н. ‘Устав’ на Европската Унија избегна да го спомне придонесот на христијанството во европската култура, европското општество и уметност, и наместо тоа како своја почетна точка ги постави Просветителството и принципите на Рационализмот, кои само делумно ги задволуваат потребите на луѓето.“
Значи, севкупниот живот на Европа е доминиран од „агностички убедувања“ од почетокот на Просветителството и особено Рационализмот, концепти кои владееле во голем дел од предсократовската филозофија. Предсократовците во голема мера влијаеле на современата европска мисла. Ова значи дека, за жал, живееме во „агностичко општество со изразени пагански тенденции.“
Принципот „Сè минува“ на Ниче што се применува во Европа е токму она што го натерало св. Јустин Келиски да рече дека Европа е „бела демонија“, односно, дека е бела „поради бојата на кожата“, а „демонија поради црнината на нејзината душа“. Европа која Го напушта Бога е леш, мрша. Затоа, „основата на европската цивилизација е фетишистичка клопка“, таа е „фабрика на идоли“.
Живеејќи во оваа ситуација, ние, православните, треба да вложиме голем напор за да го понудиме православното богословие во овој агностички, пагански, рационалистички и фетишистички контекст, во оваа пеколна атмосфера, која задоволството го обоготворува како фетиш.
Митрополит Јеротеј Влахос
Извор: Кумановско- осоговска епархија