Две илјади и деветтата година на Зрзеската монашка заедница, но и на пошироката македонска јавност, и донесе радост - откритијата што ја збогатија археолошката и духовната мапа на Македонија покажаа дека на ова поднебје наѕираат неповторливи културни слоеви што обврзуваат, но и ослободуваат, откривајќи ни дека идентитетот е прашање не само на факти, туку и на доверба кон наследството .
Длабоко вкоренета во човечката природа е потребата да се забележат хронолошките сеќавања во еден заокружен годишен циклус. Поимањето на времето, на неговите почетоци и краеви врамени во календарските бележници, може да се смета за релативизирачки човеков напор. Сепак, сите понекогаш посакуваме да ја сублимираме во мислата и во јазикот меморијата за изминатото, како симболичка виза за нашето идно сожителство со секојдневието.
На страна од вообичаениот терк за овој период од годината за реферирање и отчет пред јавноста од страна на институциите од јавен карактер за тоа што сработиле во измината година, на страна од овој псевдоисповеден дух на транспарентност, почувствував потреба за споделување на настаните од зрзеската манастирска меморија.
Две илјади и деветтата година на зрзеската монашка заедница, но и на пошироката македонска јавност, и донесе радост - откритијата што ја збогатија археолошката и духовната мапа на Македонија покажаа дека на ова поднебје наѕираат неповторливи културни слоеви што обврзуваат, но и ослободуваат, откривајќи ни дека идентитетот е прашање не само на факти, туку и на доверба кон наследството.
Археолошките сознанија за средновековната монашка населба во бигорната карпа од втората половина на 9 век беа клучни за 2008 година, но токму со нив се отвори портата кон истражувањата што започнаа уште во првите месеци на 2009 година. Пред нас се појави нов хоризонт со археолошки откритија на ранохристијанското духовно наследство оличено во старохристијанскиот комплекс од 5 и 6 век. Овој раритетен и ексклузивен локалитет трпеливо и скромно молчел под земјата со векови, чекајќи да ни се разоткрие како археолошко, духовно и животно богатство токму во мигот кога можеби тоа ни е најпотребно. Да се живее врз видливите остатоци на христијанскиот маченички етос на првите христијани од Горна Пелагонија е голема одговорност.
Од исклучителна важност е еден сегмент на овие истражувања – излегувањето на виделина на гробницата на локалниот анонимен маченик од 4 век. Ваквото откритие го отвора срцето на христијанинот и е паметник особено важен за 21 век, кога начинот на живеење нé става во костец со заборавот дека е важно да се биде посветен, доблесен и верен. Животот на современиот човек загорчен од императивите што ги воспоставуваат сурогатните трендови наметнати од доминантните општествени модели, треба да се облагороди со подвигот на љубовта, придвижен од оние вредности што прават секојдневието да поземе подлабоко значење, кое станува важно не само за мигот, туку и за иднината и вечноста. Оти се чини дека човекот на 21 век е обземен од мигот и живее само за миговното искуство. Со откритието на зрзескиот мартириум ги допревме најдлабоките корени на христијанството во овој регион, тема за која чувствувам предизвик и понатаму да истражувам, да разработувам и да елаборирам.
И токму во овој контекст би сакал да споменам уште едно исклучително важно случување за монашката обител во Зрзе. Оваа година четворица расофори и искушеници го положија монашкиот завет накалемувајќи се на милениумското зрзеско монашко стебло. Ним им посакувам постојано да се сеќаваат на она што доаѓа, на есхатонот (крајното), да се сеќаваат не само на минатото, туку и на иднината. Монашкиот живот извира и вовира од и во тајната на благодарењето (литургијата). Во литургиските време и простор монахот ја црпи силата да се соочи со секојдневието, да го спознае минатото и да се подготвува за иднината, секогаш благодарејќи му на Бога за сите и за сé.
Еден од показателите за начинот на кој монашкото братство во Зрзе го сведочи наследеното од светите отци и ктиторите е овогодинешното возобновување на зрзеската иконописна работилница во духот на преданието на нејзините покровители зрзеските иконописци, митрополитот Јован зограф и неговиот брат јеромонахот Макариј зограф. Радосни сме што иконите од нашата иконописна работилница Пелагонитиса се удомуваат во многу христијански домови и цркви, иако голем дел од нив, преку порачките на Министерството за култура, стануваат репрезентативни подароци за еминентни меѓународни гости и државници (како што се генералниот секретар на Обединетите Нации, хрватскиот претседател, украинскиот министер за култура, венецијанскиот градоначалник...). Се надеваме дека на тој начин придонесуваме нашето духовно и културно наследство да ја „раскажува“ приказната за Македонија низ светот.
Во меморијата на манастирот за 2009 година ќе остане и изданието во безмалку целосното авторство на братството на мултимедијалното цеде „Преображение“, изработено со техничка поддршка на „Сивус“, а поддржано од Министерството за култура. Преку трите поглавја на корени (минатото), калеми (сегашноста) и цутови (природата) со текст, фотографии и музика, двојазично се претстави најкарактеристичното од зрзеската монашка обител.
Годинава што измина, во август, ден пред манастирската слава, на источната страна од бигорната карпа по повод десетгодишниот јубилеј на возобновениот монашки живот во манастирот Зрзе поставивме мозаик со образот на Пелагонитиса со следниов натпис „Пресвета Богородице, бигорнава карпа Тебе ти ја доверуваме, покриј нé со Твојата милост“!
Можеби некому ќе му се чини неважно, но би сакал да ги споделам оние навидум мали и секојдневни нешта што за нас монасите, освен што се плод на редовните послушанија, се и одраз на нашата заедница. Токму вообичаениот монашки ден е она што можеби ќе остави најдлабока трага во времето. Тоа е така затоа што преку манастирските послушанија и активности се разменуваат оние меѓусебно едноставни нешта во кои се чувствува не само љубовта кон ближниот, туку и потребата да се содејствува и сожителствува со другиот во Бога.
Мислам дека ништо не може да ја замени или да ја надополни радоста од плодот на послушанието, па нека е тоа и вообичаениот род на градинарските култури во манастирската бавча, каде што зеленчукот сé уште се одгледува на природен, органски начин и од изворот Бојаник се полева со незагадена, чиста вода. И токму во овие зимски денови пред Божиќ се потсетуваме на свежината и на мирисот на зрелите плодови, конзервирани и сочувани преку зимниците, подготвени покрај огнот во маѓерницата.
Во овој контекст, за одбележување се и субвенциите во земјоделството и можноста да се замени стариот дотраен трактор со нов од шеесет и пет коњски сили, со кој полесно ќе се обработуваат нивите посеани со жито.
И уште една новина за нашата заедница што ќе остане за годинава во манастирската меморија е тоа што како подарок од пријатели на манастирот стариот шарпланинец доби цимер. Па така, покрај искусниот но веќе остарен Бигор, се удоми младиот и полетен Медо, кој како втор манастирски пес го заслужи статусот нов жител на Зрзе.
Автор: Г. Климент епископ хераклејски
Извор: Нова Македонија