ПЕТРОВДЕНСКИ СОЗЕРЦАНИЈА
Протоѓакон Славе П. ПРОЈКОВСКИ
ПРАЗНУВАЈТЕ СО СЛЕДБА
Се празнува денот на светите апостоли Петар и Павле! Имаме библиско сведоштво за двајца луѓе од далечни времиња, од кои едниот Го следел Исус од почетокот до крајот, или поточно до вознесението, и низ времето што трае, а другиот, запрашан од „третото Небо”: „Зошто Ме гониш?!”, заборавил на својот ден и на својот живот, па од гонител станал ревносен следбеник на Исус, до степен да рече: „јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене.” (Гал.2:20). Вистина е, или се тоа само раскази за нивниот живот, односно за тоа колку и како Го употребиле Исус за подобро живеење на земјава... И, дали навистина, како Христови, подобро живееле, или поскоро страдале? И дали страдењето им доаѓало како „судбина” одозгора (а таква нема), или причина била доследноста во следбата на Исус Христос, односно личниот избор?!
Но, зошто следба по цена на страдање и самоодречување, кога можеле, како и сите други луѓе, да го живеат животот според она што општествените околности им го овозможувале?
Животот на овие обични луѓе бил колку возвишен, исто толку и страдален – возвишен, затоа што ја освојувале, или поточно ја живееле вечноста, и – страдален, затоа што немале мирен ден исполнет со радоста од секојдневието. Тие не биле ниту малоумни, ниту верски или филозофски занесеници, ниту луѓе што не знаат за страв и болка, а сепак, смисла на нивниот живот станала следбата на Исус Христос и проповедта за Неговата Богочовечка Личност, иако биле опкружени со силници на денот, кои за себе го трошеле своето стекнато, или заграбено, или со измама придобиено, или украдено богатство или позиција во општеството.
И што имаат тие, или пак ние од тоа што им посветуваме празничен ден? Дали ние со нашите песнопенија ќе ги направиме посвети, повозвишени во небесните широчини одошто с#; со сета формалност на прославувањето на нивниот споменен, ќе се вивнеме ли со духот при нивната блискост и заедно со нив ќе го слушаме ли ангелскиот хор на Божјото прославување?
Или пак, ќе се случи само „празник”, со богати трпези, со панаѓурски декор, со песни и ора, слави и имендени, и ќе се славиме и прославуваме повеќе себеси одошто нив?!
Имаме ли свест за тоа зошто ги прославуваме, како ги прославуваме, и што е вистинската смисла на нивното прославување од нас грешните и недоследните?
Сака ли некој денес, се труди ли да биде како апостолот Петар, или како апостолот Павле? И, со што се подготвува да биде како едниот од нив? Со држењето на предвидениот пост пред нивниот Празник? Или со нешто уште посуштествено, подлабоко, посвето, подоследно? Формалното верување, и кога е исполнето дури и со поредовно причестување, останува формално, односно – неплодно, и наликува на манир на сите религиски верувања и верски странствувања од пред и по Христово време.
Не е доволно да се убедиме себеси дека сме Христови, дека сме тргнале по Него, дека редовно се причестуваме...
Апостол Петар постојано беше со Исус. За с# тој прв Му поставуваше прашања и добиваше одговори. И Му рече Петар: „Господи, заповедај да дојдам кај Тебе по водата!” И Исус му рече: „Дојди!” Па штом излезе од коработ, Петар тргна по водата за да дојде кај Исус; но, кога го виде силниот ветар, се уплаши, почна да тоне и извика: „Господи, спаси ме!” Исус веднаш му подаде рака, го фати и му рече: „Маловернику, зошто се посомнева?” (Мт. 14: 27-31). Значи, не е доволно да сакаш, или само да бидеш викнат, или да знаеш Кој е Исус Христос! Потребно е да веруваш, и уште повеќе – да не се посомневаш...
Апостол Петар како човек беше подложен на сомневањето с# до Педесетницата, додека не Го прими Духот Свет врз себе, како и сите други апостоли. (Петар му рече на Исус: „Објасни н& ја оваа парабола.” А Исус им рече: „Ама вие, уште ли не сфаќате? Мт. 14:15,16); Во друга прилика Му вели: „Ете, ние оставивме с#, и по Тебе појдовме: што ќе стане, со нас?” Мт.19: 27). Значи, како придружник на Исус имаше и големи подеми и големи падови. (Ги остави мрежите и тргна по Него (Мт.4:20); Ти си Христос, Синот на живиот Бог (Мт. 16:16). Исус му вели: „Ама вие, уште ли не сфаќате? (Мт.15:16); кога Петар му рече: ,Биди милостив кон Себе, Господи' (Мт. 16:22), Исус му одговара: „Бегај од Мене, сатано” (23); 17); кога на Исусовото Преображение задремаа, Исус им вели: „Станете и не плашете се (Мт. 17:7); кога Исус разговараше со богатиот млад човек, апостолите се исплашија, па Петар Го прашува: „ние оставивме с#, и по Тебе појдовме: што ќе стане, со нас?” (Мт.19:28); на што Исус му одговара: „мнозина први ќе бидат последни, а последните први.” (Мт.19: 30).
Савле, исто така, немаше ништо заедничко со христијаните. Напротив, тој ги прогонуваше како ортодоксен Евреин и почитувач на Законот. Неговата ревност за старозаветното исповедание многумина од првите христијани ја платија со живот, не плашејќи се да Го Исповедаат Исус за Месија и Син Божји. Но, кога наближуваше до Дамаск, за да ги прогонува христијаните, го обзеде светлина од небото и слушна глас: „Савле, Савле, зошто Ме гониш”, тресејќи се од страв и ужас, без да мисли на себе, праша: „Господи, што сакаш да направам” (Дап. 9:6). И од тој момент, постана апостол Павле. Кога пак во видение го слушна гласот на човекот Македонец: „дојди во Македонија и помогни ни”, тој веднаш посака да тргне за Македонија, бидејќи сфати дека Господ го повикува”. (Дап.16;10-13). Тој не се прашуваше што го чека на тој пат на којшто е повикан, туку веднаш ја предава својата волја на Гласот, и тој Глас ќе го следи до крајот на својот живот.
Петар е оној апостол кому Исус му рече: „Ти велам: ти си Петар (Кифа) и на тој камен ќе ја изградам Црквата Своја, и вратите на пеколот нема да ја надвладеат. И ќе ти ги дадам клучевите од небесното царство, и што ќе сврзеш на земјата, ќе биде сврзано на небесата; а што ќе разрешиш на земјата, ќе биде разрешено и на небесата.” Мт.16:17-19). Значи Петар исповеда вера непоклатна, тврда како стена, па Исус посведочи дека токму на таквата вера ќе & се даваат клучевите од небесното царство, а не на некакво папагалско, механичко повторување на некои молитвени зборови. (Тие помагаат само во духовното зреење на верникот во неговата интима, но не и при сведочењето за тоа Кој е Исус Христос). Оти, верата без дела е мртва (Јак.2:25,26). А посилна вера од таа, да се посвети својот живот на Повикот Божји – нема!
Ние христијаните сме во предност во однос на апостол Петар од пред слегувањето на Духот Свет врз апостолите. Го примивме Светиот Дух со крштението и миропомазанието, па сме не помалку органи на светиот Дух, ако сме вооружани со искрено покајание, со нелицемерна вера, со силна увереност во следбата на Исус Христос, бидејќи и на нас се однесуваат Неговите зборови: „Царството Божјо е внатре во вас” Лк.17:21; и нам ни е речено: „примете Дух Свет (Јн.20:22) – и Го примивме! Значи, само нашата слаба вера н# прави поразлични од апостолите Петар и Павле, па наместо да Го прославуваме Бога, ние само пелтечиме прозбени молитви за сенешто земно, и кон Светителите, и кон Апостолите, и кон Исус Христос, наместо да ги оплодуваме енергиите на Светиот Дух кои н& се дадени на дар. Ние: хроми не излечивме; на слепите не им дадовме вид; болни не лекувавме, страдалници не заштитивме, болни не посетивме; сето ова не го правевме, мислејќи дека тоа треба да го прави некој друг, а се молевме и грижевме само за себе и своите. Какви верници сме тогаш ние? И, со што го прославуваме денот на апостолите, ако не сме ниту сенка од нивната вера и подвиг?!
Не можеме да бидеме свети? Не можеме да бидеме органи на Светиот Дух? Не, не сакаме, и не се трудиме! А зошто не можеме тоа да го практикуваме, ни одговара самиот Господ Бог: „Заради вашето безверие: зашто, вистина, ви велам, ако имате вера колку синапово зрно, ќе & речете на оваа планина: „Премести се одовде таму! И таа ќе се премести, и ништо нема да биде за вас неможно.”(19). „И с# што ќе побарате во молитва со вера, ќе добиете” Мт. 21:22).
Па, мили мои, почитувајте ги празниците со следба, а не формално; практикувајте ја живата вера – тоа е вистинското прославување и на Светиите, и на Апостолите, и на Мајката Божја, и на самиот Господ Исус Христос! Препознавајте ги енергиите на Духот Свет и во себе, и дајте им да дишат преточени во добар плод на вашиот живот, за „слава во висините на Бога, а на земјата мир, и меѓу луѓето добра волја”.
Честит празник!
Авторот е Секретар на Архиепископскиот Црковно-просветен Совет и главен и одговорен уредник на „Весник”, сл. лист на МПЦ