ЗА НИХИЛИЗМОТ
Ова е извадок, всушност почетен дел на извонредната книга „Деца на Апокалипсата (и нивниот христијански бунт)“ од 1995 година, дело на тогаш двајцата млади монаси од Аљаска, Јован и Андреј, духовни чеда на преподобниот Серафим Роуз. Нивното дело има специфично значење, затоа што тие и двајцата како мошне млади лично поминале низ пеколот на западниот/американски нихилизам меѓу младите, кој како врвна вредност често исходуваше во самоубиство. Тие се побунуваат против лажниот бунт (за кој станува збор и во книгата), кој извитопери цели генерации млади низ светот, за да го најдат пристаништето во Бога, со монашки подвиг, и оттаму да сведочат со своето дело, кое претставува скапоцено и автентично искуство и сведоштво на душите кои се спасиле од отровот на богоотстапниот нихилизам.
ИСКОНСКИОТ ПЛАЧ НА ЧОВЕКОТ
Новороденчето плаче уште од утробата на мајката, а со истите тие солзи плаче и денешното поколение млади. Секоја солза на секое дете претставува болен израз на општото чувство на човечката отпаднатост од совршенството во гнилеж, страдание и смрт. И ние растеме, но тој плач не престанува. Напротив, во овие времиња над кои треба да се тагува, тој плач станува сѐ погласен, тој плач претставува единствена утеха за денешната младина..
Денешното поколение млади, кое лесно може да биде и последно, е оковано во очајот на тој плач, бидејќи младите и тоа како добро гледаат дека овој ваков свет се ближи кон својот крај. А на денешната младина никој не ѝ ја кажа вистината дека во Апокалипсата* Бог на сите ќе им ги избрише солзите од очите. Напротив, на младите им ги мијат мозоците со тврдења дека таа вечна вистина била „релативна“. Ние младите сме заточени во темницата на овој свет, во која ни го мијат мозокот за да веруваме дека „нема апсолутна вистина“ и ни внедруваат тврдења дека „нема одговор на прашањето: Зошто?“ И затоа се чини дека единствената слобода е во самоубиството. Нема вистина во светот на лажовност, нема убавина во грдоста, нема љубов во светот на насилството и омразата, нема Господ во светот на безверието, и затоа не е никакво чудо што во секоја соба и на секоја улица во секој град може да се слушне плачот на младите. Тоа е причината зошто доаѓа до нивниот оправдан бунт.
Сломот на нашиот свет е последица на најголемата победа – од кога има свет и век – која една философија, една идологија ја извојувала над човековата слобода, а таа философија и идеологија е – Нихилизмот. Нихилизмот е вера дека „вистина не постои“. Нихилизмот е немилосрден и бесловесен ѕвер кој уништува сѐ, оставајќи зад себе урнатини, жалост, болка и смрт. Нихилизмот посебно ги бира младите како свои жртви, бидејќи знае дека најлесно е да се нагрди невиноста на младоста.
Нихилизмот е внатрешен ѕвер, кој господари со духот на ова време.Нихилизмот ни вели дека немало одговор на прашањето „Зошто?“ – и дека затоа немало никаква причина да живееме. Нихилизмот е ѕверот на богоотстапништвото, во чијашто челуст се раѓа денешната младина. Ние сме деца во челуста на тој ѕвер. Ние сме деца на Нихилизмот, ние сме деца на Апокалипсата. Ние му припаѓаме на поколението кое умира со смртта на сеопштото самоубиство – тој Последен Геноцид. Тоа самоистребување може да го сопре само Божјата Вистина. За да ја примиме Божјата Вистина треба најпрво да умреме за овој свет, а потоа и да воскреснеме. Во тоа е нашето ослободување.
Тоа е нашиот христијански бунт – последниот вистински бунт.
ФУСНОТА
Апокалипсата*, пред сѐ значи Божјо Откровение на крајната вистина за смислата на историјата, а тоа е спасението на светот, до кое ќе дојде на крајот од историјата, при Второто Христово Пришествие во слава. Затоа, православното сфаќање на Апокалипсата е пред сѐ радосно, како што и исповеда Црквата на крајот на Символот на Верата: „Го чекам воскресението на мртвите и животот на идниот век“. Конечното спасение на
светот и човекот, конечната победа на Љубовта Божја, конечната заедница на Бога и човека – тоа е Апокалипсата за нас православните, а не мрачен смак и уништување на „валканиот“ и зол свет, што како претстава за Апокалипсата сме го примиле од латинскиот средновековен Запад, и што до ден-денешен претставува општо место на незнаење на многу православни христијани, а со тоа и извор на неправославна и антиисториска „духовност (теологија) на стравот“. Навистина, кога авторите во првиот дел од книгата метафорично зборуваат за денешната младина како за „деца на Апокалипсата“, тие поимот „Апокалипса“ го користат во западњачка и секуларна смисла, како време и место на сеопшто уништување на цивилизацијата, за во втората половина на книгата сѐ повеќе да ги воведат читателите во тајната на православното сфаќање на
Откровението (заб.прев.).