ДЕЛ ЧЕТВРТИ
(Продолжение)
4. ОДДЕЛНИТЕ НАЗИВИ, СВРЗАНИ СО ИМЕТО И ЛИЧНОСТА НА АРХИЕПИСКОП ЈОВАН. - Судејќи по неговиот живот и дела, овој Архијереј, во текот на неговата духовна служба, добил повеќе називи, како што се: Неуморен молитвеник, Редок подвижник, Мисионер на Истокот; Божји чо¬век, Исцелител-бесребреник, Чудотворец на нашиов век, Жив светител и др.
Навидум, овие називи како да се разликуваат, но суштински тие се поврзани со името и личноста на еден Божји угодник и сите заедно ја изразуваат неговата целосност (интегралност), бидејќи бил исклучителна личност. Токму во оваа смисла и ги давале овие називи, ги употребувале, па и ги повторувале одделни автори во своите написи.
Со доаѓањето во Париз, Владика Јован наскоро бил прозван со називот - Свети Јован Босиот. На крајот, пак, од неговиот престој во Западна Европа, тој бил наречен и - Апостол на Западот.
Најпрвин се наметнува прашањето: Од каде доаѓа она „босиот?" Имало и други толкувања, но вистинскиот одговор на ова прашање е следниот: Овој слабичок (од пост и долги молитви!), а неверојатно подвижен Архијереј, многу страдал од стапалата, па затоа најчесто носел сандали (апостолки), место затворени обувки. Се случувало и сандалите да не може да ги поднесе, па ги собувал и одел бос, вршејќи ја својата мисија (постојано бил во движење; посетувал болни и сл.).
Ако се има предвид средината, во која премногу се гледало на надворешноста, особено кога е во прашање видна личност, тогаш не е за чудење што оние, кои почесто го среќавале овој Владика, се интересирале и се прашале: зошто тој оди бос по париските улици? Не можејќи да ја дознаат вистинската причина за оваа појава, некој се изразил за него „бо¬сиот" и понатаму ова било доволно да се дознае за кого станува збор.
Отпосле, овој назив се одомаќил; бил употребуван дури и од оние, кои ја знаеле Владиковата праведност, како и чудесата - што станувале по неговите молитви. Овие, за разлика од други, го додавале атрибутот „свети", па за нив Владиката Јован бил и останал - „Свети Јован Босиот" (Ѕат1 Јеап Νιιβ Ріеск).
По ваков начин Владиката Јован го споменува и еден католички свештеник, кој зборувал во храмот пред париска младеж, па меѓу другото тој истакнал, велејќи: „Вие барате докази и велите дека денес не постојат чуда и нема свети луѓе. Зошто ви се теоретски докази кога еве, во овој час, по улиците на Париз оди жив светител - Свети Јован Босиот!"
Поради проблемот со нозете, овој Архијереј колку стареел толку понеподносливо било за него да се движи обуен во чевли. За жалење е што другите ова не можеле да го разберат (најчесто од незнаење!), па затоа се јавувале поблаги и поостри реагирања, дури и од самите верници. Иако страдал без своја вина, смирениот Владика трпеливо ги поднесувал непријатностите доживувани од оние, кои тој искрено ги љубел и добрини им правел, сепак ни за момент љубовта кај него не оладувала спрема луѓето општо, без обѕир на тоа што мислат тие за него.
Во врска со оваа своја незгода, Архиепископ Јован и на постари години маките ги прифаќал, но од заветот „послушание" не се откажувал. Примериве што следуваат се потврда за ова.
I. Според расказот на П. С. Лопухин, група верници во Париз поднеле жалба до Поглаварот на Задграничната Црква, со барање тој да му нареди на нивниот Владика Јован да не оди бос, туку да носи прописни обувки. Митрополит Анастасиј писмено одговорил на жалбата. Верниците се израдувале и побрзале да му купат на својот Архипастир нови чевли. Архијерејот го примил подарокот, им заблагодарил и почнал да ги носи обувките „со себе", зашто во писмото не пишувало и да ги „обуе". Во одговорот на втората жалба било наредено и тоа. Тогаш тој послушал и извесно време обуен во чевли чекорел по улиците на Париз, посетувајќи болни; маките ги поднесувал, но од секојдневната своја должност не се откажувал.
II. Павел Лукјанов во своите млади години постојано бил со Владиката Јован. Отпосле, како Јеромонах Петар, еве што пишува Лукјанов за Владиковите незгоди, а во врска со болките во долниот дел од нозете.
„Се сеќавам вели тој, првиот ден Божик посетувавме болни во Градската болница (градот не го именува!). Владиката во тој ден беше многу изморен; посебно го болеше едната нога. Одевме по долги ходници. Одеднаш тој застана, ја собу сандалата и ја зема во десната рака, па продолживме понатаму. Гледајќи не оние, кои не среќаваа, сите редум се смешкаа. Тогаш јас му реков: 'Владико, Ви се смеат.' Тој веднаш застана и ја обу сандалата."
Овој податок, што го соопштува о. Петар Лукјанов, се однесува на последните години од земниот живот на Архиепископ Јован. Го приведуваме тука од повеќе причини: прво, со ова свое дело овој вистински Архипастир покажал дека тој не признавал ни умора ниту лични болки кога се во прашање несреќните и болните, што е доказ за неговата несебичност и пожртвуваност; второ, тој секогаш постапувал, па и сега постапил според зборовите (пораката!) на Свети ап. Павле: „Подобает бо епископу без порока бити ....не себе угождајушту"... (Тит. 1, 7), што е убав пример за секој свештенослужител; трето, овој Архијереј забелешки и совети и од помлади примал во заштита на чинот што го имал - знак на неговото смирение.
(Продолжува)
Подготви: Стојанка Тежак
Борис Кр. Бошковски
СВЕТИ ЈОВАН ШАНГАЈСКИ
(1896. - 1966.)
Животот, дејноста и чудесата на Свети Јован (Максимович), Скопје 2001
Со благослов на Неговото Блаженство Архиепископ Охридски и Македонски г. г. Стефан
Издава
Свети Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква