Грузискиот Патријарх Илија II: Срцето во човекот треба да биде искрено и свето (11.03.2015 20:44)
Во својата неделна проповед, Неговата Светост Грузискиот Патријарх Илија II зборуваше за исповедта. „Веќе поминаа две недели од постот, и ние се подготвуваме за средбата со Велигден: се трудиме да се бориме со своите страсти, гревови, за да ги очистиме нашите души, разум, тело… Но потребно е да се напомни дека најтешката борба е борбата со нас самите. Многу полесно е да се бориме со другите, но борбата со самите себе е многу потешка. Често човекот не си ги гледа гревовите, а доколку ги види, тој најчесто ги оправдува“, вели поглаварот на Грузиската Црква.
„Што е тоа исповед? Тоа е најголемото таинство. Светите Отци велат дека ако не би постоела исповедта, ниту еден човек не би го достигнал спасението. Господ на човекот му ги простува оние гревови што ги исповедал.
…Ние го гледаме човекот надворешно, а Господ гледа во срцето. Срцето во човекот треба да биде искрено и свето.“
„Уште во старите времиња, кај човекот постоела потреба од исповедта. Јазичниците оделе на брегот на морето и таму се исповедале пред морските бранови. Пред нив ги кажувале своите гревови и сметале дека брановите ќе ги однесат. Јудејците земале коза, ставале раце на неа и ги кажувале своите гревови, а потоа ја пуштале во пустината, каде што ја јадел волкот или некое диво животно.
Во Православната Црква исповедта е најголемото таинство, и Му благодариме на Господ што ни дал можност за духовно очистување.“
„Често човекот, раскажувајќи за гревот, раскажува и за човекот со кого го направил гревот. Така излегува дека тој зборува не за својот грев, туку кажува туѓа исповед. Затоа, исповедта мора да биде лична. Човекот е должен да ја почувствува својата вина. Светиот блажен Августин ја напишал книгата „Исповед“ – тоа е голема книга. Тој многу нешта опишува, како и тоа како пришол кон покајание. Тој имал мајка, голема верничка. Блажениот Августин се двоумел да се обрати во вистинската вера, тој не бил православен. А неговата мајка, света Моника, со солзи Го молела Господ да го просветли нејзиниот син. Епископ на Милано тогаш бил Амвросиј Медиолански. Тој ја прашал мајката на свети Августин кога таа дошла кај него: „Со солзи ли се молиш за својот син?“ „Да“ – одговорила таа. Тој ѝ рекол: „Не е можно солзите пролеани пред Господ да бидат напразно пролеани“.
„Добро би било да ја запишувате својата исповед, како духовниците така и мирјаните, да го запишете целиот процес на духовно очистување: како човекот ѝ пристапил на Црквата, како се воцрковил итн. Кој има таква желба, тоа може да го напише и тоа би можело да стане велико книжевно и духовно дело. Господ да ве благослови и да ве зарадува“, рече Патријархот Илија.
Извор: Православие.ру
Преземено од: МПЦ-ОА