логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка


 sv.serafim.sarovski1.jpg

Еден од најголемите руски подвижници, проѕорливци и чудотворци. Роден е во 1759 година, а се престави во 1833 година. Се одликуваше со големо смирение. Кога сиот свет го славеше, самиот себеси се нарекуваше „кутриот Серафим“.


XVII
ПОУКИ И ЗАВЕТИ НА ПРЕПОДОБНИОТ ОТЕЦ СЕРАФИМ
"Устата на праведникот кажува мудрост" (Псал. 36, 30).
"Устата на праведниот поучува мнозина" (Изрек. 10, 21).

Изложените поуки и завети на преподобниот Серафим претставуваат општа норма на христијанскиот живот, на христијанското однесување и се однесуваат на сите православни кои сакаат да "градат спасение" на својата душа.
Меѓутоа, кај преподобниот саровски подвижник доаѓале лица со различен општествен статус, состојба и возраст: познати чиновници и прости селани, учени и неписмени луѓе, старешини и слуги, богати и сиромаси, семејни луѓе и самци, возрасни и деца. Отец Серафим за сите, покрај општите христијански поуки, наоѓал и совети кои одговарале на нивното звање и положба.
Меѓу посетителите на преподобниот Серафим биле и лица кои имале високи позиции, познати чиновници во државната служба. Во разговорот со нив, преподобниот посебно внимание обраќал на важноста на нивниот чин и ги поттикнувал со својата верност на светата и Православна Црква да им бидат пример на другите пониски општествени класи. Тој ги поттикнувал да ја чуваат Црквата од сите надворешни неприлики и колебања од страна на оние кои мислат лошо, како и да бидат одлучно верни на својот природен господар и на својата татковина. Укажувајќи им на своите високи посетители на ордените што им ги краселе градите, отец Серафим им напомнувал за Исус Христос, распнат на крст заради нашето спасение, и им велел дека тие знаци треба да им служат како жива проповед за нивните обврски, секогаш да бидат подготвени да жртвуваат се, ако треба и животот, заради доброто на Црквата и на татковината. "Тоа го очекува од вас и рускиот народ - им велел светиот старец - на тоа треба да ве побудува совеста, заради тоа ве избрал и ве возвишил господарот, на тоа ве обврзува светата Црква и самиот Господ Бог, нејзиниот оновач и чувар". Отец Серафим бил искрен и загреан патриот и сакал кај сите руски луѓе, посебно кај високите чиновници, да види љубов и верност кон татковината, на која и во иднина и прорекувал слава и големина. "Ние имаме православна вера - велел преподобниот - која нема никакви недостатоци. Заради тие доблести Русија секогаш ќе биде славна и страшна и непобедлива за непријателите. Бидејќи има вера и благочестие, ни вратите на пеколот не можат да ја надвладеат".
Недостатокот на патриотизам и недостатокот на верност на законската власт во очите на отец Серафим биле тежок грев. Еве зошто преподобниот, како што знаеме, строго и необично остро пристапил кон војниот посетител кој размислувал за рушење на постоечкиот поредок во татковината и замислувал да ја "замати Русија". Со своето одлучно одбивање да даде благослов на таа личност, отец Серафим јасно ја покажал, како својата пламена верност на законитата власт и љубовта кон татковината, така и желбата кај другите да ги види истите тие патриотски чувства.
Служењето на државата и на општеството преподобниот Серафим, секако, го сметал потполно согласно со служењето на Христа и со човековата грижа за спасението. "Не треба да се откажуваме од она што општествените обврски според законот го бараат од нас - велел големиот старец - бидејќи во Писмото се наоѓаат зборовите: "подајте го царевото на царот а Божјото на Бога!" (Мат. 22,21).
На прашањето од еден собеседник дали да ја продолжи службата, преподобниот одговорил: "Ти си уште млад, служи". А кога собеседникот рекол дека неговата служба не е добра, отец Серафим рекол: "Тоа зависи од твојата волја. Прави добро, а патот Господов е секаде рамен! Непријателот секаде ќе биде покрај тебе, Смирувај се, чувај го мирот и на ништо немој да се гневиш". И така, неопходно е да видиме дека можеби не зависи од нас, што понекогаш ни се чини дека службата не ни оди добро, па затоа сакаме да ја промениме, да ја оставиме, или дури и да ја оцрниме!...
Според учењето на преподобниот Серафим ние не треба своето угодување на луѓето во служба да го протегаме дотаму, да ја нарушуваме волјата Божја. "Заради таква љубов - според зборовите на светиот старец - многумина загинале". Особено никому никогаш не треба да му ласкаме.
На старешините отец Серафим се трудел да им напомене за високите чувства на правдољубивост, хуманост, љубов кон потчинетите и кон сите што имаат потреба од нивните услуги. Секој старешина, според зборовите на преподобниот, кон сите треба да е милостив, снисходлив кон слабостите на потчинетите, како и со љубов да ги носи немоќите на немоќните. Да се потсетиме колку прекрасна поука му дал отец Серафим на еден важен чиновник, кој невнимателно се однесувал кон оние што му доаѓале заради свои потреби.
Еден од собеседниците на преподобниот го прашал за односот кон потчинетите, како да ја сочува нивната природност. Тој добил одговор: "Со милост, со олеснување на напорите, а не со рани. Напој, нахрани, биди праведен. Така прави. Кога Бог простува, простувај и ти!"
Потчинетите отец Серафим ги советувал да ги почитуваат старешините, да не "се противат на власта", да ги исполнуваат сите нејзини законски барања, да не влегуваат во работата на старешините и да не ги судат. Преподобниот, како што веќе е познато, многу пати во својот живот покажал пример достоен на поддржување во врска со беспоговорното потчинување на управата. Да се потсетиме дека заради таквото покорување на власта тој дури и својата сакана "далечна пустинка" ја оставил и се преселил во загушливата манастирска ќелија!...
Времето на отец Серафим било тешко време на крепосното право. Знаејќи ја таа рана во општествениот живот, преподобниот се пока¬жал како пламен заштитник на угнетените прости луѓе. Како што веќе знаеме, тој ги, поттикнувал горделивите спахии хумано да се однесуваат кон своите селани и во нив да гледаат луѓе слични на себе. Нам веќе ни е познато како отец Серафим вразумил една спахијка, која очигледно се трудела да ја понижи селската девојка која заедно со неа дошла кај него.
Отец Серафим многу жалел заради незавидната положба на рускиот селанец и искрено сакал да му олесни. Еве зошто тој еден управник кој "не ги навредувал селаните" го молел "заради Мајката Божја" да не ја остава својата служба. Еве зошто тој и М. В. Мантуров, негов верен човек, особено го наговарал да го прими управувањето со имотот на генерал Купријанов, воедно давајќи му поука, кон селаните задолжително да се однесува "кротко и благо". Праведниот саровски старец сакал и спахиите да имаат таков однос кон простиот народ.
Во врска пак со семејниот живот, преподобниот Серафим на еден свој собеседник му дал ваков совет: "Чувај го душевниот мир и труди се во вашето семејство да нема кавги. Тогаш ќе биде добро". Мир и љубов - ете ги основите на семејниот живот. И навистина ние знаеме дека преподобниот ги смирувал скараните сопружници, строго ги изобличувал оние кои не се однесувале добро кон помладите членови на семејството, ги угнетувале и внесувале непријатност и несогласувања во семејната средина.
Отец Серафим ги советувал родителите секогаш искрено да ги сакаат своите деца, како што пламено и искрено ги љубел тој самиот. Тој се грижел за нив и за нивното добро воспитание. Во спротивно тие на својата душа земаат тежок грев. Една вдовица, мајка на три мали деца, многу мрморела за својот удел, оптоварувајќи се со нивното прехранување. Одненадеж две нејзини деца умреле. Поразена од таквата несреќа, вдовицата се јавила кај преподобниот Серафим во надеж дека од него ќе добие утеха. "Моли и се на застапничката Пресвета Богородица и на сите светии", и рекол светиот саровски старец. "Проколнувајќи ги своите деца ти многу си ги разжалостила. Покај се за се кај својот духо-вен отец и во иднина скротувај го својот гнев"... Каква прекрасна поука за оние родители кои понекогаш од сиромаштија или од некоја уште помалку оправдана причина, своите деца ги чувствуваат како товар и со тоа го навредуваат Господа!...
Доброто воспитување на децата во верата и во благочестието, според зборовите на преподобниот отец Серафим, треба да претставува свештена обврска на родителот. "Мајко, мајко - и велел светиот старец на една мајка која се грижела за световното воспитание на своите синови - не труди се децата да ги учиш француски и германски јазик, туку прво украси им ја душата. Другото ќе си се додаде".
Секако, отец Серафим не бил против образованието на децата и нивното изучување на науките. На прашањето од Богданович дали децата да учат јазици и други науки, преподобниот одговорил: "Што има лошо во тоа да се знае по нешто?"
Но, од своја страна и децата се должни, според учењето и заветот на отец Серафим, да гаат искрена љубов и непроменливо длабоко почитување кон своите родители, дури и во случај ако родителите имаат слабости и недостатоци, кои ги срамат и кои се достојни за осуда. Во врска со тоа многу поучен е случајот во кој преподобниот јасно покажал како се должни децата да ги почитуваат своите родители. Кај отец Серафим дошол еден човек со мајка си, која прилично се оддала на пијанство. Во моментот кога синот сакал да каже за слабоста на мајка си, светиот старец одненадеж ја ставил својата десна рака на неговата уста, не дозволувајќи му ни збор да прозбори. Според учењето на нашата Православна Црква, советувал преподобниот, ние не смееме да ги осудуваме своите родители, ниту да ја губиме почитта и љубовта кон нив заради нивните недостатоци.
Колку е поучен овој пример за младото поколение, кое во наше време често го заборава својот синовски долг кон родителите и не им оддава должно почитување!...
"На секој начин е неопходно да се избегнува осудувањето на ближните и со снисходливост кон братот да се чува душевниот мир". Дотолку повеќе децата треба со љубов и со снисходливост да ги покриваат недостатоците и слабостите на своите родители.
О, кога во секоја прилика од својот живот ние непоколебливо би ги следеле мудрите совети на прекрасниот саровски старец, преподобниот отец Серафим! Ние, чувајќи ги неговите завети и според својата сила грижејќи се да ги исполнуваме неговите поуки, можеме да се надеваме дека во нашите срца ќе засветли божествената светлина која го осветлува патот кон горниот Ерусалим"...
Покрај световниците, кај преподобниот отец Серафим, заради разговор и поука, доаѓале и многу монаси, како саровски, така и од други братства. Со некои од нив преподобниот се познавал уште од времето на своето пустинство. Светиот старец инаку, по прекинот на затвореништвото и молчењето, прво започнал да ги прима саровските монаси.
Кај преподобниот Серафим доаѓале млади монаси кои, природно, имале потреба од мудри совети на искусниот подвижник. Доаѓале и лица кои прилично биле зацврстени во монашкиот подвиг, заради душекорисни разговори. Доаѓале и старешини на манастири и обични монаси. На сите отец Серафим им давал мудри и корисни совети, засновани на личното богато духовно искуство.
"Било да си по совет, било по одлука на други, било на некој друг начин да си дојден во ова братство - му велел преподобниот на еден млад монах - не паѓај со духот, бидејќи се работи за посета Божја. Ако го исполниш она што ќе ти го ќажам, ќе се спасиш самиот, а и твоите блиски за кои се грижиш... Живеејќи во ова братство, придржувај се до ова: стоејќи во црквата следи се без пропусти и научи го целиот црковен поредок, т.е. - вечерната, повечерието, полуноќницата, утрената, часовите и сето тоа чувај го во умот.
Ако се наоѓаш во ќелијата без ракотворби, почни да читаш, посебно Псалтирот. Труди се секој дел да го читаш многу пати за да можеш се да задржиш во разумот. Ако имаш ракотворби, извршувај ги, а ако повикуваат на послушание - оди. За време на ракотворбите или било каде на послушание, постојано кажувај ја оваа молитва: Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилувај ме грешниот. Во молитвата внимавај на себе, т.е. собери го умот и соедини го со душата. Од почетокот, еден, два или повеќе денови кажувај ја молитвата само со умот, разбирливо, внимавајќи на секој збор. Потоа, кога Господ ќе го загрее твоето срце со топлината на Својата благодат и ја соедини во тебе во еден дух, во тебе ќе потече непрестајната молитва и секогаш ќе биде со тебе, насладувајќи те и хранејќи те... И кога веќе ќе ја држиш таа душевна храна, т.е. беседата со Бог, зошто би одел по ќелиите кај браќата, макар и да те повикуваат? Навистина ќе ти кажам дека празнословието е наклонетост кон мрзливост. Ако самиот себеси не се сфатиш, како ќе можеш да расудуваш за било што и другите да ги учиш? Молчи, постојано молчи и секогаш сеќавај се на Божјото присуство и на Неговото име. Со никого не разговарај, но на секој начин внимавај да не ги осудуваш оние кои многу разговараат или се смеат. Биди глув и нем. Држи ги затворени своите уши дури и кога зборуваат за тебе...
Кога седиш на трпеза не гледај кој колку јаде и не осудувај, туку внимавај на себе, хранејќи ја душата со молитва. За ручек јади доволно, а за вечера малку воздржувај се. Во среда и во петок, ако можеш јади само еднаш. Секоја ноќ спиј по четири часа - десетти, единаесетти, дванаесетти и првиот час по полноќ, а ако се истоштиш, можеш како додаток да отспиеш денски. Прави така без сомнеж до крајот на животот, бидејќи тоа е потребно за успокојување на твојата глава. И јас во младоста следев таков пат. Ние Господа Бога секогаш Го молиме за успокоение ноќе. Ако така се чуваш, нема да бидеш малодушен, туку здрав и весел.
Вистина ти зборувам, ако така правиш, до својот крај ќе останеш во ова братство. Смирувај се и Господ ќе ти помогне.
Најважна и најнеопходна одлика на секој што живее монашки живот треба да биде послушноста. "Послушанието, сестро - и велел преподобниот Серафим на една дивеевска сестра - послушанието е над постот и молитвата. Ти велам, ништо не е поголемо од послушанието, сестро, а и ти на сите така кажувај им".
"Радост моја! Нема место за одбивање на послушание" - му велел светиот старец на саровскиот монах Кипријан, кој бил оптоварен од обврските кои му биле наложувани. Послушанието, според учењето на отец Серафим, е најдобар лек против опасната болест - душевната здодевност, која тешко може да се избегне во почетокот на монашкиот живот и од која пред се треба да се заштитува со посредство на строго и беспоговорно исполнување на сите обврски".
Заедно со послушанието инокот треба да се одликува и со трпение во се. "Ти си монах", му велел отец Серафим на надеевскиот пустиник, отец Пимен. Тој долго време не го примал кај себе, испитувајќи му го трпението на својот посетител, како што се покажало подоцна. "Ти си монах и затоа си должен да имаш трпение. Јас сакав да испитам на што се научи живеејќи толку години во пустина:т.е. да не излезе пуст, празен од неа".
Монахот посебно треба да се одликува со трпение во поднесувањето на навреди, нажалувања и прекори, бидејќи вистинската монашка мантија е разумно поднесување на клевети и неправди. Каде што нема неволји, нема ни спасение. Во монаси, велел отец Серафим - не треба да оди оној кој е без молитва и трпение, како што и во војна не се оди без оружје". Животот на монасите, од стапувањето во манастир до последната воздишка е страшна и ужасна борба со светот, со телото и со ѓаволот. Инокот затоа и се одрекол од светот, за да ги победи сите страсти и за целосно и спокојно да се предаде на согледување на Бога и на поучување во Неговиот закон.
Во борбата со страстите, грижејќи се да го сочува својот душевен мир, инокот е посебно должен да се чува од разговори со женскиот пол. "Плаши се како од геенскиот оган од нашминканите чавки, т.е. од жените" - му велел отец Серафим на едно момче кое сакало да оди во монаштво. "Тие често царските војници ги прават слуги на сатаната. Не другарувај со жените, бидејќи тие на нас монасите ни прават многу штета. Како што свеќата од восок се топи ако се стави меѓу запалени свеќи, дури и ако не е запалена, така и срцето на инокот незабележително слабее од разговорите со женскиот пол. Свети Исидор Пелусиот за ова зборува: 'Ако злобните разговори ги расипуваат добрите обичаи, тогаш разговорот со жените, дури и ако е добар, може да го разбие внатрешниот човек со тајни скриени помисли. Така при чисто тело, душата ќе биде осквернета'".
Бидејќи животот на монасите е непрекината, упорна борба со светот, со телото и со ѓаволот, според зборовите на отец Серафим, монах не може да биде оној кој сака да се излежува. Не може да биде мо-нах оној, кој за време на борбата заради малодушноста паѓа на земјата и без борба се предава во ропство на непријателот. Напротив, секој кој сака да живее духовен живот мора да се грижи да се качува по лествицата на духовното совршенство. Тој треба да почне од дејствениот живот и пат, кој го сочинуваат постот, воздржувањето, бдението, коленоприклонувањето, т.е. метаниите, молитвата и други телесни подвизи, а дури потоа да премине на умносогледувачки живот, бидејќи без дејствениот живот невозможно е да се дојде до согледувачкиот.
"Дејствениот, т.е. подвижничкиот живот служи за исчистување од гревовните страсти. Единствено оние кои ќе се исчистат од страстите и кои се совршени, можат да пристапат кон согледувачкиот живот, пат кој се состои од вознесување на умот кон Господа Бога, срдечно внимание, усна молитва и согледување на духовните работи".
"Умната молитва треба да е предмет на постојано стремење на монасите" - учи отец Серафим, кој, како што веќе знаеме, во својот монашки подвиг и самиот неуморно тежнеел да ја усвои. Затоа најважна тема за беседи на саровскиот старец со монасите, била токму молитвата. Без неа, според зборовите на преподобниот отец Серафим, монахот умира како риба без вода. Меѓутоа, само надворешната молитва не е доволна, бидејќи Бог гледа и на умот. Затоа, поучувал прекрасниот саровски старец, учи се на умносрдечна молитва. Исусовата молитва е светилник на нашите патеки и патеводителна ѕвезда кон небото. Оној монах кој не знае за делото на Исусовата молитва, нема во себе печат на Божјиот дух.
Впрочем, кон согледувачкиот живот треба да се пристапи со страв и со трепет, со смирено срце и смирение, со поучување во Светото Писмо, и ако е можно, под раководство на некој искусен старец, а никако со дрскост и со самодоверба. Доколку пак, не е можно да се најде наставник кој може да не раководи во согледувачкиот живот, тогаш неопходно е да се раководиме од Светото Писмо, а исто така и внимателно да ги изучуваме отечките списи и да се грижиме, според можностите да се исполни она на што тие не учат. На тој начин, малку по малку, од дејствениот живот ќе влегуваме кон совршенството на согледувачкиот живот. Сепак, не треба да се остави дејствениот живот, иако во него веќе се имало успех и се дошло до согледувачкиот живот, бидејќи тој го по-мага и го возвишува".
Застанувајќи на патот на внатрешниот и согледувачки живот, монахот не треба да попушта, ниту да го напушта. Во минувањето на тој пат, тој не треба да се двоуми од пречките. На повисоките степени на согледувачкиот живот, тој достигнува во посебен духовен занес, во таква натсветска состојба во која неговиот ум ја согледува благодатта на Светиот Дух, во кој, со внатрешното око тој го гледа Сонцето на правдата - Христа, Кој ја осветлува душата со божествен сјај". Тогаш умот задлабочен во согледување на несоздадената убавина, заборава на се сетилно и сака само едно: да не се лиши од вистинското добро - од Бога. Еве го изворот на сите радости, предмети, на сите стремежи и желби, не само на луѓето кои се одрекле од светот, туку и на секој христијанин.
Давајќи им на монасите совети за животот и за однесувањето во манастирот, за средствата и патиштата кон спасение, преподобниот Серафим посебно ги објаснувал нивните обврски кон старешините.
"Послушаникот треба во се да се покорува - велел светиот старец. Тој не се грижи за своето спасение, бидејќи за него се грижи друг, на кого тој му се потчинува и на кого му се доверува. Кој во една работа ја пресекол својата волја, а во друга не, тој има своја волја и во она од што се одрекол. Кој навистина сака да биде ученик Христов - велел преподобниот Серафим со зборовите на преподобниот Варсануфиј - тој не¬ма никаква власт над себе, врз основа на која тој би правел нешто сам по себе. Ако некој подобро знае што е корисно за него, отколку авата, зошто тогаш би се нарекувал негов ученик?"
"Послушаникот - според зборовите на преподобниот отец Серафим - не треба да ги испитува делата на старешините и да ги суди, бидејќи со тоа се навредува Божјата големина која ги поставува властите. Во она што е добро не смееме да и се противиме на власта за да не згрешиме пред Бога и да се подложиме на Неговото праведно накажување".
"Послушниот бргу напредува во изградувањето на својата душа, покрај тоа што достигнува и до умиление. Наспроти тоа, нема по погубителен грев од мрморењето, осудувањето или неслушањето на старешините. Таквиот човек ќе загине" - велел преподобниот отец Серафим.
Кај преподобниот отец Серафим заради совет и поука доаѓале и старешини на манастири. Во беседите со нив, светиот старец ги допирал и нивните должности како старешини.
"Старешината - велел преподобниот отец Серафим - треба да биде совршен во секоја доблест. Неговите духовни сетила со долгото учење треба да се извежбани во разликување на добро и зло.
Игуменот треба да е искусен во Светото Писмо. Тој е должен и ден и ноќ да се поучува во законот Господов. Со таквото практикување тој може да се здобие со дар на разликување на доброто и злото. Пред таквото разликување, човекот не е способен да ги пасе словесните овци, бидејќи без тоа познание не може да ги разликува дејствата на лукавиот. А токму заради тоа, старешината, како пастир на словесните овци и треба да има дар на расудување, за во секој случај да може да даде корисен совет на секого кому му е потребен.
Игуменот пред се треба да има дар на проникливост, за од разгледувањето на сегашните и минатите работи да може да ги предвиди и идните и да ги открие замките на ѓаволот.
Посебна црта на старешината - според учењето на преподобниот отец Серафим - треба да биде љубовта кон потчинетите. Вистинскиот пастир, според зборовите на Јован Лествичник, се познава по љубовта кон стадото.
Секој игумен на своите потчинети треба да им стане и засекогаш да остане благоразумна мајка.
Биди им мајка, а не татко на браќата - му велел преподобниот Серафим на старешината на Високогорската пустина, отец Антоние.
Како што чедољубивата мајка не живее за да си угодува себеси, туку да им угодува на децата - ја објаснува својата мисла отец Серафим - слабостите на слабите деца да ги носи со љубов, да ги мие, да ги облекува, да ги храни, грее, теши, да се грижи да ги успокои така што никогаш да не слушне нивно лелекање (покрај што децата се расположени кон својата мајка), така и секој игумен треба да живее не за да си угодува на себе, туку заради успокојување на потчинетите. Тој треба да е снисходлив кон слабите, немоќите на немоќните да ги носи со љубов, гревовни¬те болести да ги лечи со мелемот на милосрдието, оние кои паднале да ги подига и да ги измива со налагање на пост и молитва (освен во случај на падови кои се заеднички на сите), со својот примерен живот и учење да ги облекува браќата во облека на доблести, постојано да бдее над нив, на сите можни начини да ги утешува и од сите страни да го оградува нивниот мир и спокој. Тогаш и тие со ревност ќе се стремат да му пружат мир и спокојство на игуменот и ќе најдат спасение на своите души.
Такви се добрите поуки на преподобниот отец Серафим, неговите високи завети на рускиот народ, неговите мудри совети кон сите кои се грижат за вистинското добро, за спасението на душата - и на световниците и на монасите! Овие поуки на светиот старец, како и самиот живот на преподобниот саровски подвижник (богатото остварување на општохристијанскиот идеал) на сите нас нека ни послужат како ѕвезда водилка на патот кон вечноста во Царството небесно!...

 

(Продолжува)

Св.Серафим Саровски - ПОВИК

Извор:
 Н. Левински- „ СВЕТИ СЕРАФИМ САРОВСКИ“
Ѓаконија, Скопје 2004
 Со благослов на Митрополитот Брегалнички г. Агатангел

 

Извор: ЃаконијА

Друго:

Св. Серафим Саровски - За грижењето за душата 

Свети Серафим Саровски- За Постот

Мошти на свети Серафим Саровски во Бигорскиот манастир (28.07.2008)

 



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Октомври 20, 2024
TviTER281

Монашки и свештенички семинар во митрополијата на Киншаса (06.09.2024 21:29)

Со Божја благодат и благослов на Неговата Светост Папата и Патријарх Александриски и на цела Африка г. Теодор II, во Митрополијата на Киншаса, во Конго, се одржаа семинари за монасите и свештениците.
Јуни 30, 2024
Avraamovo.GOSTOLJUBIE

Света Троица во Стариот Завет

„Секоја енергија која од Бога се простира на творевината и се именува со многу имиња, од Отецот излегува, низ Синот се протега, а во Духот Свет се совршува“ (Свети Григориј Ниски, „За тоа дека не смее да се говори за три Бога“). Вистината за постоењето на…

За нафората

HRISTOS.nafora
Нафората е осветен леб,кој бил принесен на жртвеникот и чија средина е извадена и…

Проскомидија

TVIT602
·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на…

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Сеп 13, 2021 Житија 3213
Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 7697
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Најново од духовност

Православен календар (2)

 

22/12/2024 - недела

Божикен пост (на риба)

Зачнувањето на Света Ана; Св. Ана, мајката на Пророкот Самуил; Преп. Стефан Новосјаен; Св. Софрониј, архиепископ Кипарски;
Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на светата Господова пророчица Ана мајка на Пророк Самоил 9 декември / 22 декември 2024

Тропар на светата Господова пророчица Ана мајка на Пророк Самоил 9 декември / 22 декември 2024

Се зарадува душата твоја во Господа,а таа радост по твоите молитви Христос ја пренесе на верните свои,о Ано смирена слугинко...

Тропар на светиот апостол Андреј Првоповикан 30 ноември / 13 декември 2024

Тропар на светиот апостол Андреј Првоповикан 30 ноември / 13 декември 2024

Како првоповикан меѓу апостолите,и брат на врховниот апостол,Андрее, моли го Владиката на сите,мир да ѝ подари на вселената,и на душите...

Тропар на светиот Христов маченик Парамон и другите 370 маченици 29 ноември / 12 декември 2024

Тропар на светиот Христов маченик Парамон и другите 370 маченици 29 ноември / 12 декември 2024

Исповедниче на вистината, сведоку на благодатта, проповедниче на слободата, Парамоне свети мачениче, трубо Божја за сведоштво,оправдание на твоите триста и седумдесет

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная