логоFacebook  Twitter  YouTube  eMail

Кожувчанка


sv.SiluanAtonski.jpg


Мојата душа жеднее по Живиот Бог. Мојата душа повторно бара до ситост да се наслади од Господа. О, колку е непостижна милоста Божја: Господ го создаде човекот од прав и му го вдахна здивот на животот. И човечката душа се сроди со Бога. Господ така го возљуби своето создание, што му Го даде Светиот Дух на човекот, и тој Го позна својот Создател, и Го возљуби.

Светиот Дух е љубов и сладост за душата, за умот и за телото. Но, кога душата ќе ја загуби благодатта, или кога таа се намалува, тогаш душата повторно со солзи Го бара Светиот Дух, и тагува по Бога, и вели:

„Тагува душата моја по Господа, и со солзи Го барам. Како да не Те барам, Господи? Ти Самиот прв ме побара мене и ми даде да се насладам од Светиот Дух. И сега мојата душа тагува по Тебе. Моето срце Те возљуби, и Те молам: Дај ми до крај да пребивам во Твојата љубов. Дај ми заради Твојата љубов да ги поднесувам сите неволји и болести”.

 

 

Страв и трепет ја обзема мојата душа кога сакам да пишувам за љубовта Божја.

Бедна е мојата душа, и не може да ја опише љубовта Господова.

И се плаши душата, но и копнее да напише макар неколку зборови за љубовта Христова.

Изнемоштува мојот дух додека ова го пишувам, но љубовта ме принудува. О, колку човекот е немоќно создание!

Кога благодатта е во нас, тогаш духот гори и се граба да биде со Господа дење и ноќе. Бидејќи благодатта ја поттикнува душата да Го љуби Бога. И таа Го возљуби и не сака да се оддели од Него, оти не може да се насити од сладоста на Светиот Дух.

Љубовта Божја нема крај.

Знам еден човек, кого милостивиот Господ го посети со Својата благодат. И кога би го прашал Господ: „Сакаш ли да ти дадам уште повеќе?” тогаш, заради немоќта на телото, душата би рекла:

“Господи, Ти гледаш дека би умрел ако има повеќе”, оти човекот е ограничен и не може да ја понесе полнотата на благодатта.

Така, и на Тавор, Христовите ученици паднаа ничкум од славата Господова. И никој не може да разбере како Господ ѝ ја дава Својата благодат на душата.

  Ти Си благ, Господи. Ти благодарам за Твојата милост. Ти го излеа врз мене Твојот Свет Дух, и ми даде да ја вкусам твојата љубов спрема мене, толку многу грешниот. И копнее душата моја по Тебе, Светлино непристапна.

Кој може да Те познае ако Ти Самиот, Милостив, не благоволиш да ѝ се покажеш на душата? И таа Те виде, и Го позна Својот Создател, благиот Бог. И ненаситно секогаш Те сака, оти Ти, Милостив, со љубовта ја привлече душата при Себе. И душата ја позна Твојата љубов.

Господи, Ти гледаш, колку е немоќна и грешна човечката душа. Но Ти, Милостив, ѝ даваш на душата да Те љуби. И се плаши душата некако да не го загуби смирението, коешто демоните сакаат да ѝ го одземат. Бидејќи тогаш Твојата благодат ќе ја остави душата.

Со што ќе Му возвратам на Мојот Господ?

Јас сум гаден. Господ го знае тоа, но јас сакам да ја смирувам мојата душа, и да го љубам ближниот, дури и да ме навредува. Јас секогаш Го молам Милостивиот Господ, да ми даде да ги љубам непријателите. И јас преку Божјото милосрдие познав што значи да се љуби Бог и ближниот. И ја молам од Господа таа љубов дење и ноќе, и Господ ми дава солзи да плачам за сиот свет. Но ако осудам кого и да е, или ако некого погледнам попреку, тогаш солзите се губат, и душата се нажалува. Но јас повторно почнувам да барам простување од Господа. И Милостивиот Господ ми простува мене грешниот.

Браќа, пишувам пред лицето на мојот Бог: смирувајте ги вашите срца, и ќе ја видите милоста Господова уште на земјата, и ќе Го познаете Небесниот Создател, и вашата душа нема да знае за ситост во љубовта.

  Никој сам од себе не може да знае што е љубовта Божја, ако не го научи Светиот Дух. Но, во нашата Црква љубовта Божја е позната преку Светиот Дух, и заради тоа ние зборуваме за неа.

Грешната душа, што не Го знае Господа, се плаши од смртта. Таа мисли дека Господ нема да ѝ ги прости гревовите. Но, тоа е затоа што душата не Го знае Господа и не знае колку многу Он нè љуби. А да знаат луѓето, тогаш ниту еден човек немаше да очајува. Бидејќи Господ не само што простува, туку и многу се радува кога ќе се обрати некој грешник. Дури и да дојде смртта, ти цврсто верувај дека ќе добиеш простување само ако побараш.

Господ не е Таков какви што сме ние. Он е многу кроток, и милостив, и благ, и кога душата ќе Го познае, се восхитува без крај и вели: Каков Господ имаме!

Светиот Дух ѝ даде на нашата Црква да познае колку е големо Божјото милосрдие.

Господ нè љуби, и кротко, без укор нè прима, како и таткото што не го укори блудниот син од Евангелието. Туку заповеда да му дадат нова облека, на раката да му стават скапоцен прстен, и на нозете обувки. И заповеда да го заколат згоеното теле и да се веселат. И во ништо не го изобличи.

О, колку само кротко и трпеливо сме должни да го поправаме нашиот брат, за да празнува душата заради неговото враќање.

Светиот Дух ја учи душата неискажливо да ги љуби луѓето.

О, браќа, да ја заборавиме земјата и сè што е на неа. Таа нè одвлекува од созерцувањето на Светата Троица, Која е несфатлива за нашиот ум. Но Неа, светиите Ја гледаат на небесата преку Светиот Дух.

А ние, да пребиваме во молитвата без да примаме каква и да било претстава. И да го бараме смирениот дух од Господа, и Он ќе нè возљуби, и ќе ни даде сè што ни е полезно за душата и телото на земјата.

Милостив Господи, дај им ја Твојата благодат на сите народи на земјата. И ќе Те познаат Тебе, бидејќи без Твојот Свет Дух човекот не може да те познае Тебе и да ја разбере Твојата љубов.

Деца, познајте Го Создателот на небото и земјата.

Господи, прати им ја Твојата милост на сите деца на земјата што ги љубиш, и дај им да Те познаат Тебе преку Светиот Дух. Со солзи те молам: услиши ја мојата молитва за Твоите деца, и дај им на сите да ја познаат Твојата слава преку Светиот Дух.

 +++

Од младоста сакав да мислам: Господ се вознесе на небото и чека да дојдеме кај Него. Но, да бидеме со Господа треба да сме подобни на Него, или да бидеме како деца – смирени и кротки, и да Му служиме Нему. Тогаш, според Словото Господово: „Каде што Сум Јас, таму ќе биде и Мојот слуга”, и ние ќе бидеме со Него во Царството Небесно. Но сега, мојата душа е многу темна и тажна. И не можам да го вознесам умот чист кон Бога, и немам солзи да ги оплакувам моите лоши дела. Се исуши душата моја и се измори од помрачениот живот...

О, кој да ми ја запее песната, што ја сакам од младоста, за тоа, дека Господ се вознесе на небото и дека Он многу нè љуби, и дека желно нè чека да дојдеме кај Него. Таа песна би ја слушал со солзи, оти мојата душа тагува на земјата.

Што ми се случи? Како ја загубив радоста, и дали ќе ја најдам повторно?

Плачете со мене сите ѕверови и птици! Плачете со мене шуми и пустини! Плачете со мене сите Божји созданија, и чујте ме во мојата мака и во мојата тага!

Еве за што размислува мојата душа: Кога јас толку малку Го љубам Бога, а мојата душа толку многу тагува по Господа, тогаш колку ли голема беше тагата на Мајката Божја, кога таа остана на земјата по Вознесението Господово?

Таа не ни остави ништо напишано за маката на Својата душа. И многу малку  знаеме за Нејзиниот живот на земјата. Но, треба да знаеме дека ние не можеме да ја разбереме полнотата на Нејзината љубов спрема Својот Син и Бог.

Срцето на Мајката Божја, сите Нејзини мисли, сета Нејзина душа, беа зафатени со Господа. Но, Нејзе ѝ беше дадено и нешто друго: Таа Го љубеше народот и огнено се молеше за луѓето, за новите христијани, што ги утврди Господ, за сиот свет, за сите да бидат спасени. Во таа молитва беше Нејзината радост и утеха на земјата.

Ние не можеме да ја достигнеме полнотата на љубовта на Мајката Божја, но знаеме дека:

Колку е поголема љубовта, толку се поголеми страдањата на душата.

Колку е поголема полнотата на љубовта, толку е поголема полнотата на познанието.

Колку е поогнена љубовта, толку е поогнена молитвата.

Колку е посовршена љубовта, толку е посвет животот.

Никој од нас не може да ја достигне полнотата на љубовта на Божјата Мајка. Нам ни е потребно Адамовото покајание, но делумно, како што нè учи Светиот Дух во Црквата. И ние ќе ја разбереме таа љубов.

“Зар не гореа срцата наши”, (Лука 24,32) се прашуваа Апостолите кога им се приближи Христос. Така душата Го познава Својот Владика, и Го љуби и сладоста на Неговата љубов е огнена.

На небесата сите имаат една љубов, а на земјата некои многу Го љубат Господа, некои малку, а некои воопшто не Го љубат. Душата што е исполнета од љубовта Божја, ги заборава и небото и земјата. Духот гори и невидливо Го гледа Саканиот. И душата пролева многу слатки солзи и не може да Го заборави Господа ниту на еден миг, оти благодатта Божја дава сила да се љуби Љубениот.

О, во каква ли слава е Господ, и со какви ли песни Го величаат на небесата, и колку ли се слатки тие песни, што се излеваат од љубовта Божја.

Кој е достоен да ги слуша тие песни, што се пеат со Светиот Дух, и во коишто се велича Господ заради Своите страдања, и каква ли е радоста на оној што ќе ги слушне тие песни?

Душата едвај се допира до љубовта Божја на земјата, а од сладоста на Светиот Дух веќе се восхитува од љубениот Бог и Отец Небесен.

Браќа возљубени, да се смириме себеси, за да бидеме достојни за љубовта Божја, за Господ да нè украси со Својата кроткост и со Своето смирение, за да станеме достојни за небесните живеалишта што ни ги подготви Господ.

 Господ ги љуби сите луѓе, но оној кој Го бара, него го љуби повеќе.

“Оние кои Ме љубат, и Јас ги љубам, говори Господ. И оние кои ме бараат, ќе најдат благодат” (Изрек. 8,17). А со неа, добро е да се живее, душата е весела и вели: „Господи МОЈ, јас сум слуга ТВОЈ”.

Во овие зборови се крие голема радост: Ако Господ е наш, тогаш и сè е наше. Ете, колку сме богати.

Голем е и недостижен нашиот Господ. Но, заради нас толку се унижи Себеси, за да Го знаеме него и да Го љубиме, за да ја забораваме земјата од љубовта Божја, за да живееме на небесата и да ја гледаме славата Господова.

Господ на Своите избраници им дава толку голема благодат, што тие со љубовта ја прегрнуваат целата земја, сиот свет. И нивната душа гори од желба да се спасат сите луѓе и да ја гледаат славата Господова.

Господ на Своите свети ученици им има кажано: „Деца, имате ли нешто за јадење?” (Јован 21,5). Колкава љубов се крие во тие нежни зборови: Господ нè нарекува деца. Што има порадосно од тоа? Треба да размислуваме многу длабоко за тие зборови, и за страданијата Господови на Крстот заради нас.

О, колку Господ го љуби Своето создание. И ете, Господ нè удостои да зборуваме за тоа и нашиот дух се радува бидејќи Господ е со нас.

Смирено ве молам, молете се за мене, и Господ ќе ве награди.

  Брат Р. ми раскажа дека кога тој бил тешко болен, неговата мајка му кажала на татко му: „Колку страда нашето дете! Јас со радост ќе се дадев себеси да ме исечат на парчиња, да можев со тоа да му помогнам, и да ги олеснам неговите страдања”.

Таква е љубовта Господова спрема луѓето. Он рече: „Никој нема поголема љубов од оваа: да ја положи душата своја за своите пријатели” (Јован 15,13). Господ толку многу се сожали на луѓето, што посака са пострада за нив, како родена мајка, дури и повеќе. Но, таа голема љубов не може да ја разбере никој без благодатта на Светиот Дух. Писмото зборува за неа. Но, и Писмото не може да се разбере со умот, бидејќи истиот тој Свет Дух зборува и во Писмото.

   Љубовта Господова е таква, што Он сака сите луѓе да се спасат, и вечно да бидат со Него на небесата и да ја гледаат славата Негова. Таа слава не ја знаеме во нејзината полнота, но делумно ја разбираме преку Светиот Дух. А оној што не Го познал Светиот Дух, не може да ја разбере таа слава, туку само верува во ветувањето Господово, и ги пази Неговите заповеди. Но, и тие се блажени, како што му кажа Господ на Апостолот Тома (Јован 20, 29). И тие ќе бидат еднакви со оние што уште тука ја гледаат славата Божја.

 Ако сакаш да Го познаеш Господа, тогаш смири се себеси до крај, биди послушен и воздржлив во сè, љуби ја вистината и Господ неизоставно ќе ти даде да Го познаеш преку Светиот Дух. И тогаш преку опит ќе познаеш ШТО е тоа љубов спрема Бога и ШТО е тоа љубов  спрема човекот. И колку е посовршена љубовта, толку е посовршено и познанието. Постои мала љубов, постои средна, и постои голема љубов.

Кој се плаши од гревот, тој Го љуби Бога. Кој го има умилението, тој Го љуби повеќе. Кој во душата има светлина и радост, тој Го љуби уште повеќе. А кој ја има благодатта и во душата и во телото, тој има совршена љубов. Таквата благодат Светиот Дух им ја даваше на мачениците, и таа им помагаше мажествено да ги истрпат сите страдања.

  Може ли некој да каже како ќе биде во рајот?

За рајот може да зборува само оној кој во Светиот Дух Го познал Господа и Неговата љубов спрема нас.

Господ е толку мил и љубовен, што од Неговата љубов душата не може да се сеќава на ништо друго. Благодатта на Светиот Дух е толку слатка, и толку го менува целиот човек, што тој ги заборава дури и своите родители.

Душата што во полнотата Го познала Господа и се наслади од Него, повеќе ништо друго не посакува, и не се врзува за ништо на земјата. И да ѝ понудат царство, таа нема да го посака, бидејќи љубовта Христова е толку слатка, и толку ја радува и ја весели душата, што повеќе и царскиот живот не може да ја заслади.

Сакам да кажам неколку збора, колку што ме вразумува благодатта Божја, за мерата на љубовта Божја.

Кога човекот се плаши да Го нажали Бога, со каков и да било грев, тоа е првата љубов. Оној чијшто ум е чист од помисли, тоа е втората љубов, поголема од првата. Третата, уште поголема е кога некој ја чувствува благодатта во душата. А оној кој ја има благодатта на Светиот Дух и во душата и во телото, тоа е совршената љубов. И од телото на оној што ќе ја сочува таа благодат, ќе останат мошти, како кај светите маченици, или кај пророците, или кај преподобните и другите големи светии.

Оној кој пребива во таа мера, нема да го примами љубовта на девојка, од којашто се насладува целиот свет, затоа што од сладоста на љубовта Божја, душата заборава сè што е земно. Благодатта на Светиот Дух ја гони душата да Го љуби Господа во полнотата, и во таа полнота на љубовта Господова, душата не се допира до светот, иако и живее на земјата.

Ние сме горделиви со умот, и затоа не можеме да стоиме во таа благодат. И таа се оддалечува од душата, и душата тогаш тагува по неа и повторно ја бара со солзи, и плаче, и рида, и повикува кон Господа:

„Милостив Боже, Ти гледаш колку е нажалена мојата душа и колку тагувам по Тебе”.

На земјата не постои толку кроток и љубовен човек како нашиот Господ Исус Христос. Во Него е нашата радост и веселие. Да Го возљубиме и Он ќе нè воведе во Своето Царство, каде што ќе ја гледаме Неговата слава.

 Откако Господ ми даде да ја познаам љубовта Божја преку Светиот Дух, јас ете веќе четириесет години тагувам по народот Божји.

О, браќа, нема ништо подобро од љубовта Божја, кога Господ ја стоплува душата со љубовта спрема Бога и ближниот.

Голема е милоста Господова: мојата душа Го позна Бога – својот Небесен Отец, и плаче и тагува. Зошто толку многу Го нажалував Бога? А Господ ми дава простување на гревовите и радост и веселие, да Го љубам мојот Создател, и да го љубам ближниот, и да плачам за него, за милостивиот Господ секоја душа да ја земе при Себе, каде што ни  приготви место преку Своите страдања на Крстот.

Оној кој ја познал сладоста на Божјата љубов, кога душата стоплена од благодатта Го љуби Бога и ближниот, делумно знае што значат зборовите „Царството Божјо е внатре во нас” (Лука 17, 21).

  Милостив Господи, колку е голема Твојата љубов спрема мене грешниот! Ти ми даде да те познаам. Ти ми даде да ја вкусам твојата благодат. „Вкусете и видете колку е благ Господ” (Пс. 33, 9). Ти ми даде да ја вкусам Твојата благост и милосрдие, и мојата душа копнее по Тебе дење и ноќе ненаситно. И не може да го заборави својот возљубен Создател. Оти Духот Божји ѝ дава сила да Го љуби Љубениот, и душата не знае за ситост, туку копнее по својот Отец Небесен.

Блажена е душата што го возљуби смирението и солзите, и што ги намрази злите помисли.

Блажена е душата што го љуби својот брат, бидејќи нашиот брат е нашиот живот.

Блажена е душата што го љуби братот: во неа живее Духот Господов, и ѝ дава мир и радост, и таа плаче за сиот свет.

Мојата душа се сети на љубовта Господова, и моето срце се разгоре, и мојата душа му се предаде на длабокиот плач, бидејќи толку многу Го нажалив Господа, мојот Возљубен Создател. Он не си спомна за моите гревови. И тогаш мојата душа му се предаде на најдлабокиот и најжален плач, за Господ да ја помилува секоја душа и да ја земе во Своето Небесно Царство.

И мојата душа плаче за целиот свет.

Не можам а да не зборувам за луѓето што ги љубам до солзи. Не можам да молчам, затоа што мојата душа секогаш тагува по народот Божји, и со солзи се молам за него. Не можам а да не ви зборувам, браќа, за милоста Божја и за лукавството на непријателот.

Поминаа четириесет години од времето кога благодатта на Светиот Дух ме научи да го љубам човекот и сета твар, и откако таа ми го откри лукавството на непријателот, кој своето зло во светот го спроведува преку лагата.

Верувајте ми, браќа. Пишувам пред Лицето на Бога, Кого Го позна мојата душа преку Светиот Дух, заради Неговата голема милост. Ако душата не Го вкуси Светиот Дух, не може да Го знае Господа, ниту Неговата љубов.

Господ е благ и милостив, но ние не ќе можевме ништо да кажеме за Неговата љубов, освен од Писмото, ако не нè научеше Светиот Дух. Но ти, брате, не се возмутувај, ако не ја чувствуваш љубовта Божја во себеси, туку размислувај дека Господ е милостив и воздржувај се од грев, и благодатта Божја ќе те научи.

+++

Љубовта не зависи од времето и секогаш има сила. Некои мислат дека Господ страдаше заради Својата љубов спрема човекот, но бидејќи тие самите таа љубов не ја наоѓаат во својата душа, мислат дека тоа било некогаш одамна. Но, кога душата ќе ја познае љубовта Божја преку Светиот Дух, тогаш таа јасно чувствува дека Господ ни е Татко, најродениот, најблискиот, најмилиот, најдобриот и дека нема поголема среќа од тоа да се љуби Бог со сиот ум и со сето срце, со сета душа, како што ни заповедал Господ, и ближниот како самиот себеси. И кога таа љубов постои во душата, тогаш таа на сè се радува. А кога љубовта се губи, тогаш човекот не наоѓа спокој, и се возмутува, и ги обвинува другите за тоа што тие, божем, го навредиле, и не разбира дека самиот е виновен. Тој ја загуби љубовта кон Бога и го осуди или го намрази братот.

Благодатта доаѓа од љубовта спрема братот, и со љубовта кон братот се чува. Но, ако не го љубиме братот, тогаш благодатта Божја нема да дојде во душата.

Ако луѓето ги чуваа Христовите заповеди, ќе беше рај на земјата. И сите ќе имаа сè што е неопходно, дури и со малку труд. И Духот Божји ќе живееше во душите на луѓето, бидејќи Он Самиот ја бара човечката душа и сака да живее во нас. А тоа што не се вселува е само заради гордоста на нашиот ум.

   Луѓето денес станаа горди, и се спасуваат само преку неволји и преку покајание, а љубовта малкумина ја постигнуваат.

Антониј Велики рекол: „Јас повеќе не се плашам од Бога, туку Го љубам.”

Тој го рекол тоа бидејќи во душата имал голема благодат на Светиот Дух, Кој ја сведочи таа љубов. И тогаш душата не може да зборува поинаку. Но оној кој нема голема благодат, него светите Отци го учат на покајание. И покајанието не е далеку од љубовта, што доаѓа според мерата на простотата и смирението на Духот.

Ако некој мисли добро за братот, кого го љуби Господ, и особено, ако мисли дека во неговата душа живее Светиот Дух, тогаш е блиску до љубовта Божја.

Некој ќе рече: тој зборува само за љубовта Божја. Но, за што е најдобро да се зборува ако не за Бога? Та Он нè создаде за да живееме вечно со Него, и да ја гледаме Неговата слава. Кога некој љуби нешто, сака и да зборува за тоа. А потоа се создава навика: ако се навикнеш да мислиш на Бога, секогаш ќе Го носиш во душата. Ако се навикнеш да мислиш на светските нешта, со умот секогаш ќе бидеш во нив. Ако се навикнеш да мислиш на страдањата Господови, и на вечниот оган, душата ќе го присвои тоа.

Во доброто помага Бог, а во лошото демоните. Но, тоа зависи од нашата волја. Треба себеси да се принудуваме на доброто, но знаејќи ја својата мерка. Треба да ја проучиме својата душа и она што е полезно за неа. На некого му е полезно да се моли повеќе, на некого да чита или да пишува. И да се чита е полезно, но подобро е да се молиш нерасеано, а уште подобар е плачот. Како на кого му дава Господ. Конечно, станувајќи од постела, треба да Му благодариме на Бога, потоа да се каеме и да се молиме до ситост. А потоа добро е да се чита за да се одмори умот. Потоа пак молитва и работа. Благодатта доаѓа од сето она што е добро. Но, најмногу заради љубовта спрема братот.

Еднаш на Велигден се враќав од вечерната служба во Покровската Црква, во својата мелница, и на патот стоеше еден работник. Кога му се доближив, тој ми побара да му дадам едно јајце. Јас немав при себе, и се вратив во манастирот, земав од мојот духовник две јајца, и едното му го дадов на работникот. Тој рече: „Ние сме двајца”. Му го дадов и другото. И кога заминав од таму, заплакав од жал за бедниот народ. И се сожалив над сета вселена и над сета твар.

Друг пат, пак на Велигден се враќав од главната манастирска капија во новиот Преображенски конак. И гледам дека во пресрет кон мене трча едно момче на четиригодишна возраст, со радосно лице – благодатта Божја ги радува децата. Имав едно јајце и му го дадов на момчето. Тоа се израдува и се стрча кон татка си да му го покаже подарокот. И заради таа ситница добив голема радост од Бога и го возљубив секое создание Божјо. И го чувствував Духот Божји во душата. Кога дојдов на себеси, од жал спрема светот многу  се молев на Бога плачејќи.

О, Духу Свет, секогаш пребивај во нас. Со Тебе ни е добро.

Но, не ѝ е секогаш толку добро на душата. Ја губам благодатта заради гордоста, и тогаш ридам како што ридаше Адам по загубениот рај, и велам:

„Каде си Ти, Светлино моја? Каде си Ти, Радост моја? Зошто ме остави, да тагува срцето мое? Зошто се сокри од мене, за да се мачи душата моја?”

Кога дојде Ти во мојата душа, ги изгори моите гревови. И сега повторно дојди во мојата душа, и повторно изгори ги гревовите, што Тебе Те сокриваат од мене, како што облаците го сокриваат сонцето.

Дојди и зарадувај ме со Твоето доаѓање.

Зошто се забавуваш, Господи? Ти гледаш дека тагува мојата душа, и со солзи Те барам.

Каде се криеш? Ете, Ти Си на секое место, но мојата душа не Те гледа, и во тага, боледувајќи, Те бара.

Така, кога Ти беше мало дете, Пречистата Дева со Јосиф, боледувајќи Те бараа. Што сè не си мислеше Таа во својата тага, кога не можеше да Го најде Својот Возљубен Син? (Лука 2, 48).

Така, Светите Апостоли по смртта Господова се исполнија со болка и со тага во срцето, мислејќи дека нивната надеж е загубена. Но Господ им се јави по Воскресението и тие Го познаа и се зарадуваа.

Така и сега, Господ им се јавува на нашите души, а душата Го познава Него преку Светиот Дух. Симеон Дивногорец беше момче кога му се јави Господ. И тој пред тоа не Го знаел Господа, но откако Он му се јави, Го позна преку Светиот Дух.

Господ Го даде Светиот Дух на земјата, и преку Него се познава Господ и сè што е небесно. А без Светиот Дух, човекот е грешна земја.

 Душата е должна ненаситно да Го љуби Бога, за умот да не биде заробен од ништо, туку со сета сила да пребива во Бога.

 +++

Јас примив голема милост од Бог, иако, според моите дела, би требало да сум казнет и тука на земјата, и по смртта. Но Господ толку го љуби човекот, што ние не можеме ни да го замислиме тоа.

Среќен е грешникот кој се обратил кон Бог и Го возљубил.

Оној што го намрази гревот, се искачи на првото скалило од небесната скала. Кога помислата не нè наведува на грев, тоа е веќе второто скалило. А оној што преку Светиот Дух ја позна совршената љубов спрема Бог, се наоѓа на третото скалило. Но тоа со малкумина се случува.

За да станеме учесници во љубовта Божја, треба да исполнуваме сè што ни заповедал Господ во Евангелието. Треба да имаме милостиво срце, и не само да го љубиме човекот, туку и секое создание треба да го сожалуваме, сè што создал Бог.

На дрвото се зеленее лист. И ти го скина без потреба. Иако тоа не е грев, сепак ти е жал за тоа. Срцето што научило да љуби, ја сожалува сета твар. А човекот е големо создание. И ако гледаш дека тоје заблуден, и дека загинува, моли се за него и плачи, ако можеш. А ако не можеш, тогаш барем воздивни за него пред Бог. И душата којашто го прави тоа, Господ ќе ја возљуби, бидејќи Му се вподобува Нему.

Така се молеше Преподобниот Паисиј Велики, за својот ученик кој се откажа од Христа, и се ожени со жена Еврејка, за да му прости Господ. И Господ толку се радуваше заради таа молитва, што Самиот посака да го утеши Својот слугаа и му се јави велејќи: „Паисиј, зошто се молиш за оној што се откажа од Мене?” Но Паисиј рече: „Господи, Ти Си милостив, прости ми”. Тогаш Господ рече: „О, Паисиј, ти Ми се вподоби во љубовта.” Толку Му е угодна на Господ молитвата за непријателите.

Јас сум голем грешник, но пишувам за милосрдието Божјо коешто го позна мојата душа на земјата преку Светиот Дух.

 

Душата не може да има мир ако не се моли за непријателите. Душата што научи да се моли од благодатта Божја, ја љуби и ја сожалува сета твар, а особено човекот, заради кого Господ пострада на Крстот, со болка во душата заради сите нас.

Господ ме научи да ги љубам непријателите. Без благодатта Божја, ние не можеме да ги љубиме, но Светиот Дух нè учи на таа љубов. И тогаш ги сожалуваме дури и демоните, што отпаднаа од доброто, го загубија смирението и љубовта спрема Бог.

Ве молам, проверете сами. Ако некој ве нажалува, или ве бесчести, или ви одзема нешто, или ја прогонува Црквата, тогаш молете Му се на Господ, велејќи: „Господи, сите ние сме Твое создание. Помилуј ги слугите Твои и обрати ги кон покајание”, и тогаш во душата ќе имаш благодат.

Најнапред принуди го своето срце да ги љуби непријателите. И Господ гледајќи ја твојата добра желба, ќе ти помага во сè, и ќе се научиш преку опит. А оној што мисли лошо за непријателите, ја нема љубовта Божја, и не Го познава Бог.

Ако се молиш за непријателите, тогаш ќе имаш мир. А ако ги љубиш непријателите, тогаш знај дека голема благодат Божја живее во тебе. Уште не може да се зборува за совршената љубов, но тоа е доволно за спасение. Ако ги напаѓаш своите непријатели, тоа значи дека лошиот дух живее во тебе, и ги вметнува лошите помисли во твоето срце, оти, како што рече Господ, од срцето излегуваат лоши или добри помисли.

Добриот човек вака размислува: секој кој отпаднал од вистината, загинува, и затоа го сожалувам. А оној што не е научен на љубовта преку Светиот Дух, конечно нема да се моли за непријателите. Оној што е научен на љубовта од Светиот Дух, цел живот тагува заради луѓето што не се спасуваат. И пролева многу солзи за народот, и благодатта Божја му дава сила да ги љуби непријателите.

Ако немаш љубов, тогаш барем не ги напаѓај и не ги проколнувај. И тоа е веќе добро. Во оној кој проколнува и се кара, живее лошиот дух. И ако не се покае, тогаш по смртта ќе отиде таму каде што пребиваат лошите духови. Господ нека ја избави секоја душа од таквата беда.

Разберете! Тоа е толку едноставно. Ги сожалувам луѓето што не Го знаат Бог, или Му се противат. Срцето ме боли за нив. И од очите се леат солзи. Ние знаеме и што е рај, и што е пекол: тоа го познавме преку Светиот Дух. Ете и Господ има кажано: „Царството Божјо е внатре во вас” (Лука 17, 21). Така, уште тука почнува вечниот живот. И вечната мака исто така.

 

Заради гордоста се губи Божјата благодат, а заедно со неа и љубовта спрема Бог и смелоста во молитвата. И тогаш душата се мачи од лошите помисли, и не разбира дека треба да се смири и да ги љуби непријателите, бидејќи поинаку не е можно да Му се угоди на Бог.

Ти велиш: „Непријателот ја прогонува нашата Света Црква. Па како да го љубам?” А јас на тоа ќе ти одговорам: „Твојата бедна душа не Го познала Бог. Не познала колку многу Он нè љуби, и колку желно чека да се покајат сите луѓе и да се спасат. Господ е љубов, и го даде Светиот Дух на земјата, Кој ја учи душата да ги љуби непријателите и да се моли за нив и тие да се спасат. Ете, тоа е љубов. А ако ги судиш според делата, тогаш тие заслужуваат казна”.

Слава Му на Господа што Он нè љуби толку многу и ни ги простува гревовите, и  што ни ги открива Своите тајни преку Светиот Дух.

+++

Господ ни ја даде заповедта: „Љубете ги вашите непријатели” (Матеј 5, 44). Но, како да ги љубиме кога ни прават зло? Или, како да ги љубиме оние што ја гонат Светата Црква?

Кога Господ одеше во Ерусалим, и Самарјаните не Го примија, тогаш Јован Богослов и Јаков беа спремни да го низведат огнот од небото и да ги истребат заради тоа. Но Господ милостиво им кажа: „Јас не дојдов да погубам, туку да спасам” (Лука 9, 54-56). Така и ние сме должни да имаме само една мисла: сите да се спасат. Душата ги сожалува непријателите и се моли за нив, бидејќи тие отпаднаа од Вистината, и одат во пеколот. Тоа е љубов спрема непријателите. Кога Јуда намисли да Го предаде Господа, тогаш Господ милостиво го вразумуваше. Така, и ние сме должни да постапуваме милостиво со оние што се заблудени, и тогаш ќе се спасиме преку Божјото милосрдие.

  Љубовта се познава преку Светиот Дух. А душата Го препознава во мирот и во сладоста. О, колку сме должни ние да Му благодариме на Бог за тоа што многу нè љуби. Размислете, возљубени браќа: Господ ѝ го дава Светиот Дух на грешната душа, и ѝ дава да ја познае Неговата милост. За да Го познаеме Бог не ни треба богатство. Треба само да го љубиме ближниот и да го имаме смирениот дух, воздржание и послушание, и за тие добри дела Господ ќе ни даде да Го познаеме. А што може да биде на светот поскапоцено од тоа познание? Да се знае Бог, и колку Он нè љуби и на кој начин духовно нè воспитува?

Каде ќе најдеш таков татко што би умрел на крстот заради престапите на своите деца? Обично на таткото му е тешко и го сожалува синот што треба да биде казнет заради своите престапи. Но, дури и ако го сожалува синот, сепак ќе му рече: „Ти постапи лошо, и за своите лоши дела праведно си казнет”.

Господ пак, никогаш нема да ни каже такво нешто. Он и нам ќе ни каже како на Апостолот Петар: „ Ме љубиш ли?” Така и во рајот ќе ги праша сите: „Дали ме љубите?” И сите ќе одговорат: „Да, Господи, ние Те љубиме. Ти нè спаси со Своите страдања на крстот, а сега ни го подари и Небесното Царство”.

И никој на небото нема да се срами така како што се срамеа Адам и Ева по падот. Но, ќе има само кротост, љубов и смирение. Не смирение онакво какво што го гледаме сега, кога се смируваме себеси, и трпиме кога нè укоруваат, или се сметаме за полоши од сите. Туку сите ќе го имаат Христовото смирение, коешто е непостижно за луѓето, освен за оние што го познаа преку Светиот Дух.

 Не можам да разберам зошто луѓето не го бараат мирот од Господа? Та Господ толку многу нè љуби, што за ништо нема да нè одбие. Јас порано не го знаев тоа, и мислев: „Дали Господ ќе се грижи за мене штом толку Го нажалувам? Но, кога мојата душа се исполни со љубовта Божја и со сладоста на Светиот Дух, и тоа толку многу, што кога Господ би ме прашал: „Сакаш ли да ти дадам повеќе од Мојата љубов и од благодатта на Светиот Дух?”, тогаш мојата душа ќе речеше: „Господи, Ти гледаш дека јас не можам повеќе да поднесам, и ќе умрам”. И штом Господ го милува грешникот со Својата несфатлива милост, тогаш што да речеме за Светиите? Колкава ли благодат имаат тие?

Можеби некој ќе рече: „Зошто Господ мене не ме љуби толку, и не ми ја дава таквата благодат?” Така, некој старец му кажал на Антониј велики: „Зошто ти, оче Антониј, имаш поголема слава од мене, а се трудиш помалку од мене?” На тоа Антониј му одговорил: „Затоа што јас Го љубам Бога повеќе отколку ти”.

И ние сме должни да се сеќаваме на тоа, и да знаеме дека оној кој Го љуби Бог, го љуби и својот брат, како што вели Јован Богослов ( 1Јов. 4, 21). И кога некој нè навредува, треба да Му се молиме на Бог за него како за себеси. И така тоа ќе ни премине во навика. Ние самите сме немоќни, но Господ ни помага во тоа, бидејќи Он многу нè љуби.

  Господ толку многу нè љуби, што ние не можеме да го разбереме тоа. Гледајќи го крстот знаеме дека Он се распна за нас и умре во страдања. Но, сепак самата душа не може да ја разбере таа љубов. Таа се познава само преку Светиот Дух.

Благодатта на Светиот Дух е толку слатка и милоста Господова е толку голема, што тоа не може да се опише. Но душата само копнее по Него ненаситно оти е разгорена од љубовта Господова. И душата сета понира во Бог и во Него е многу спокојна, и тогаш сосема го заборава светот. Но милостивиот Господ не ѝ го дава тоа секогаш на душата. Понекогаш Он ѝ ја дава љубовта за целиот свет, и душата плаче за него, и Го преколнува Владиката, Благиот и Милостивиот, за да ја излее Својата благодат врз секоја душа и да ја помилува со Своето милосрдие.

Со што ќе Ти возвратам Тебе Господи, за тоа што излеа толку многу милост врз мојата душа? Те молам, дај ми да ги видам моите прегрешенија и секогаш да плачам пред Тебе, оти Ти ги љубиш смирените души и им ја даваш благодатта на Светиот Дух.

Боже Милостив, прости ми! Ти гледаш дека мојата душа копнее по Тебе, мојот Создател. Ти ја рани мојата душа со Твојата љубов, и таа жеднее по Тебе, и бескрајно тагува, и ненаситно се стреми кон Тебе дење и ноќе. И не сака повеќе да го гледа овој свет, иако го љуби, но повеќе од сè Го љуби Создателот. И мојата душа Те сака Тебе.

О, мој Создателу, зошто толку Те нажалив јас, Твоето мало создание? Но Ти не си спомна за моите гревови.

+++

Да се вратиме назад и повторно да почнеме да зборуваме за истото.

Како што јадеме леб и пиеме вода секој ден, и живото тело секогаш повторно сака да јаде и да пие, така и душата не се заморува од постојаното благодарење на Бог, но уште повеќе сака да мисли на Него. Исто така, колку повеќе дрва ставаме во огнот, толку повеќе тој се разгорува. Така е и со Бог. Колку повеќе мислиш на Него, толку повеќе се разгорува љубовта и ревноста спрема Него.

Да знаат луѓето каква е љубовта Господова, тие како стада ќе прибегнуваат кон Христос, и Он сите ќе ги стоплува со Својата благодат. Неговото милосрдие е неискажливо. Од љубовта Божја душата ја заборава земјата.

Господ многу го љуби грешникот што се кае, и милостиво го приклонува на Своите гради: „Каде беше, дете Мое? Јас одамна те чекам.” Господ сите ги повикува кон Себе со евангелски глас. И Неговиот глас се слуша по сета вселена: „Дојдете при мене сите обременети и Јас ќе ве успокојам. Дојдете и пијте вода жива. Дојдете, познајте дека Јас ве љубам. Да не ве љубам, немаше да ве повикувам. Јас не можам да поднесам да загине макар една Моја овца. И таа една, Пастирот оди во планината да ја бара.”

„Дојдете кај Мене, овци Мои.” Јас ве создадов и ве љубам. Мојата љубов спрема вас Ме низведе на земјата. И Јас претрпев сè заради вашето спасение, и сакам да ја познаете Мојата љубов и да кажете, како и Апостолите на Тавор: „Господи, добро ни е со Тебе”.

Слава Му на Господ Бог што Го даде Својот Единороден Син за нашето спасение.

Слава Му на Единородниот Син, што благоволи да се роди од Пречистата Дева и да страда заради нашето спасение, и што ни го даде Своето Пречисто Тело и Крв, како попатнина во Вечниот Живот, и што ни Го прати Светиот Дух на земјата.

Светиот Дух ни ги открива Божјите тајни. Светиот Дух ја учи душата неискажливо да ги сака луѓето. Светиот Дух така ги украсува душата и телото, што човекот станува сличен на Господ во тело. И ќе живее вечно со Него на небесата и ќе ја гледа Неговата слава. Во вечниот живот сите луѓе ќе Му бидат слични на Господ. И никој не ќе ја познаеше таа тајна, да не ни ја откриеше Светиот Дух. Господ е радосен и светол, и луѓето ќе светат подобно на Него, како што рече и Самиот Господ, дека праведниците ќе засветлат како сонце. И Апостолот Јован Богослов вели дека ќе Му бидеме слични.

  Господи, Ти ги привлече кон Себе душите на Светиите. И тие притекнуваат кон Тебе како тивки реки.

Умот на Светиите се прилепи кон Тебе, Господи, и копнее по Тебе, нашата Светлина и радост.

Срцето на Светиите се утврди во Твојата љубов, Господи, и не може да Те заборави ниту за миг, дури и во сонот, оти благодатта на Светиот Дух е слатка.

  Милостивиот Господ ни го даде Светиот Дух нам грешните, и не ни побара ништо за возврат, туку на секој од нас, како на Апостолот Петар, ни вели: „Љубиш ли ме?” Така Господ од нас бара само љубов и се радува на нашето покајание. Такво е милосрдието Божјо спрема човекот: човекот престана да греши, и се смири пред Бог, и Господ милостиво му простува сè, и му ја дава благодатта на Светиот Дух и силата да го победува гревот.

Прекрасно нешто: човекот се гнаси од својот брат, што е ист како него, кога е беден или нечист, а Господ, како мајката што ги љуби своите деца сè простувајќи им, Он ни простува сè, и не се гнаси од ниту еден грешник, но дури и му го дава дарот на Светиот Дух.

Кога луѓето би ја познале љубовта Господова спрема нас, тогаш сосема би ѝ се предале на Неговата света волја. И би живееле спокојни во Бог, како царските деца. Царот се грижи за сè: и за царството, и за семејството, и за синот, и за децата, а синот спокојно живее во дворецот. Нему сите му служат, а тој се насладува од сè немајќи никаква грижа. Така, и оној што ѝ се има предадено на волјата Божја, живее спокојно, задоволен со својата судбина, дури и да е болен, или беден, или прогонуван. Тој е спокоен затоа што со него е благодатта на Светиот Дух. И сладоста на Светиот Дух го утешува, и тој тагува само заради тоа, што многу го нажалил Љубениот Господ.

Ах, како треба да живееме на земјата за душата секогаш да чувствува дека е со Бога? Господ рече: „Нема да ве оставам сираци”, и ни Го даде Светиот Дух, и душата треба да чувствува дека Духот Божји живее во неа. Дури и да е мала благодатта, сепак, душата ја чувствува Љубовта Господова, чувствува дека Господ е наш и ние сме Негови. А оној што не е таков и во душата, ја губи благодатта.

Душата чувствува дека Господ ја љуби, не гледајќи на мноштвото нејзини гревови. Во оние дни му рече Господ на Закхеја: „Закхеј, денес треба да бидам во твојот дом” (Лука 19, 5). И тоа само затоа што тој посака да Го види Христос. Така и сега се случува со грешникот, кога неговата душа се обраќа кон Бога. Денес луѓетого оставија добриот пат и станаа немилосрдни, сите се ожесточија, и повеќе не постои љубов, и заради тоа тие не ја чувствуваат љубовта Божја. Заради ожесточеноста на нивните срца, луѓето мислат дека Он е ист како нив, и сосема ја губат верата во Него.

О, кога само би било можно јас би им Го покажал Господ и би им рекол: “Гледајте каков е Господ. Од Неговата љубов се топи душата на човекот”. Но таа љубов не може да се познае само со умот. Таа се познава преку Светиот Дух.

Господи, дарувај ми да пролевам солзи за себеси и за сета вселена, за сите народи да Те познаат Тебе, и со Тебе вечно да живеат. Господи, удостој нè за дарот на смирениот Свет Дух, за да ја разбереме Твојата слава.

Мојата душа тагува пролевајќи многу солзи: Ги сожалувам луѓето што не ја знаат сладоста на светото умиление. Мојата душа многу сака милоста Господова да биде со сите, сета вселена и сите луѓе да знаат колку желно нè љуби Господ, како Свои деца.

 

 

 

 Свети Силуан Атонски

Извор: МПЦ


 



dobrotoljubie

Поуки од Светите Отци

dobrotoljubie

Духовност

Октомври 20, 2024
TviTER281

Монашки и свештенички семинар во митрополијата на Киншаса (06.09.2024 21:29)

Со Божја благодат и благослов на Неговата Светост Папата и Патријарх Александриски и на цела Африка г. Теодор II, во Митрополијата на Киншаса, во Конго, се одржаа семинари за монасите и свештениците.
Јуни 30, 2024
Avraamovo.GOSTOLJUBIE

Света Троица во Стариот Завет

„Секоја енергија која од Бога се простира на творевината и се именува со многу имиња, од Отецот излегува, низ Синот се протега, а во Духот Свет се совршува“ (Свети Григориј Ниски, „За тоа дека не смее да се говори за три Бога“). Вистината за постоењето на…

За нафората

HRISTOS.nafora
Нафората е осветен леб,кој бил принесен на жртвеникот и чија средина е извадена и…

Проскомидија

TVIT602
·Што е Проскомидија? Еретиците немаат Проскомидија. Проскомидијата е уводниот дел на…

Јован Дебарски Архиепископ Охридски (30 август/12 септември)

Сеп 13, 2021 Житија 3213
Овој свет и богоносен отец наш Јован Дебранин, Архиепископ Охридски и прв ктитор на…

Свети свештеномаченик Харалампиј

Фев 23, 2020 Житија 7697
ih3387
Секој човек со своето раѓање добива лично име по кое го препознаваат во текот на целиот…

Најново од духовност

Православен календар (2)

 

22/12/2024 - недела

Божикен пост (на риба)

Зачнувањето на Света Ана; Св. Ана, мајката на Пророкот Самуил; Преп. Стефан Новосјаен; Св. Софрониј, архиепископ Кипарски;
Правила и одредби на Православната Црква за постот
Православен календар за овој месец - МПЦ

Кожувчанка

Молитви кон Пресвета Богородица за секој ден во седмицата

 Радувај се, Ти Која од ангелот ја прими радоста на добрата вест дека Бог Слово ќе прими тело од Тебе! Радувај се оти го носеше Создателот во Твојата утроба! Радувај се Ти Која го роди Бога во тело, Спасителот на светот! Повеќе...

Тропар

Тропар на светата Господова пророчица Ана мајка на Пророк Самоил 9 декември / 22 декември 2024

Тропар на светата Господова пророчица Ана мајка на Пророк Самоил 9 декември / 22 декември 2024

Се зарадува душата твоја во Господа,а таа радост по твоите молитви Христос ја пренесе на верните свои,о Ано смирена слугинко...

Тропар на светиот апостол Андреј Првоповикан 30 ноември / 13 декември 2024

Тропар на светиот апостол Андреј Првоповикан 30 ноември / 13 декември 2024

Како првоповикан меѓу апостолите,и брат на врховниот апостол,Андрее, моли го Владиката на сите,мир да ѝ подари на вселената,и на душите...

Тропар на светиот Христов маченик Парамон и другите 370 маченици 29 ноември / 12 декември 2024

Тропар на светиот Христов маченик Парамон и другите 370 маченици 29 ноември / 12 декември 2024

Исповедниче на вистината, сведоку на благодатта, проповедниче на слободата, Парамоне свети мачениче, трубо Божја за сведоштво,оправдание на твоите триста и седумдесет

Духовната убавина на Богородица се пројавува и во моментот на Распнувањето на Нејзиниот Син

Тебе, Богородице поборнице – војвотко, ние слугите Твои, откако се избавивме од зло, Ти пееме победни и благодарствени песни. Ти имаш сила непобедна, од секакви опасности ослободи не за да Ти пееме : Радуј се, Невесто Неневесна! Повеќе...

Болестите според светоотечкото учење

Значи, не се надевај на лекарска вештина без благодат и не ја отфрлај своеволно, туку моли Го Бога да ја спознаеш причината за казната, а потоа моли за избавување од немоќта, трпејќи сечење, горење, горчливи лекови и сите лекарски казни Повеќе...

Свети Лука Симтерополски: Архиепископ и хирург

Едноставно е да се претпостави дека професорот – епископ, соединувајќи го во своите раце крстот и скалпелот, ги порази современиците токму со тоа необично соединување на двете разновидни сфери на активност.  Повеќе...

Духовни поуки: „Помоли се за мене“

Со Бога зборувај многу, а со луѓето малку; ако во Божјиот закон се подучуваш - ќе успееш и во едното и во другото. Повеќе...

Живот без стрес

Ако разбереме што се крие зад стресот, ако ја видиме лагата, која што се крие зад него, на крајот ќе увидиме дека не постои причина за да бидеме во стрес.. Повеќе...

Митрополит Струмички Наум - Да пораснеме барем до Стариот Завет

И не само што немаат туку се и очигледна пречка за влез во Царството Небесно, и пречка да се сфати и пренесе неговата идеја и порака. Повеќе...

Епископ Тихон Шевкунов: „НЕСВЕТИ, А СВЕТИ“

Несвети, а свети. Луѓе, кои навидум живееле во нашето секојдневие, се соочувале со проблемите со кои ние се судираме, боледувале од болести од кои ние боледуваме, често осудувани од околината, а сепак, не биле секојдневни. Луѓе, кои не се на иконите, но го предавале животот од иконите во сите нивни дела, зборови, мисли. Луѓе, за кои тишината прозборила дека се свети.  Повеќе...

ГОЛЕМАТА ТАЈНА НА ДИВЕЕВО - Кој ќе доживее, ќе види

Како дополнување на оваа тајна, еве што слушнав од устата на 84-годишната игуманија на манастирот Дивеево, Марија. Бев кај неа во почетокот на 1903 година веднаш по канонизирањето на преподобниот Серафим и заминувањето на царското семејство од Дивеево. Повеќе...

Арх. Калиник Мавролеон: Монологот БОЖЈИ

 

Те гледав кога се разбуди угрово. Чекав да ми кажеш два-три збора, да се заблагодариш за се што ти се случува, да побараш мое мислење за се што треба да правиш денес. Повеќе...

За Моето име

Поуки на грузискиот Старец Гаврил Ургебадзе за последните времиња

 

„Ѓаволот има 666 мрежи. Во времето на антихристот луѓето ќе очекуваат спасение од космосот. Тоа ќе биде и најголемата замка на ѓаволот: човештвот ќе бара помош од вонземјаните, не знаејќи дека тоа се, всушност. – демони.“ Повеќе...

Взбранной Воеводе победительная