МИСИОНАРСКА ПИСМА
7. Писмо

Девојка која не може да се реши ни за брак ни за манастир
Бидејќи се колебаш, ќерко, знај дека повеќе си за брак отколку за манастир. За монашкиот живот се оние кај кои нема колебање. Свети Сава не се двоумеше. Ни света Теодора, ни Ксенија, ни Ефимија, ни толку многу други, кои беа вистински уметници на монашкиот живот. Зашто не секој може да го прими ова, освен оние кои вистински го посакуваат.
Ти велиш дека често навечер седиш со мајка ти крај огнот и ги набројувате причините „за“ и причините „против“. А јас ти велам: колку и да се многубројни причините, тие нема да пресудат на која страна ќе тргнеш, туку привлечноста. Љубовта стои над сите причини. И ако љубовта кон Христос не те одведе во осамената манастирска тишина, тогаш љубовта кон светот ќе те задржи во светот и ќе те упати кон брак. Но и во овој втор случај можеш да бидеш благословена со благословот на Сара и Рахела, па и на самата твоја мајка.
Големата љубов кон Бога не го поднесува светот, не го сака друштвото, туку бара самотија. Таа љубов покрена илјадници души да се тргнат од широкиот пат на светот и да се засолнат во глувите пустини, за да се видат насамо со возљубениот Господ; за да имаат таинствена средба со својот Создател, Кој е сиот љубов — и по име и по суштина. Но пред сè, за да се удостојат за таа средба и тоа гледање.
Монасите и монахињите примаат врз себе пост, труд, понижување, бдение, сиромаштво, послушание и сите други завети, само и единствено за да се удостојат за таа духовна средба со својот Господ. А на овој тесен пат душата се удостојува за таа средба тогаш кога ќе се ослободи, ќе се очисти и ќе се украси.
Од што треба да се ослободи душата на осаменикот? Од сите земни врски и приврзаности. Од што треба да се очисти? Од секоја таканаречена љубов — телесна и земна: од љубовта кон телото, кон роднините и пријателите, кон своето село или град, кон имотот, облеката, храната, украсите и сè друго.
Со што да се украси душата? Само и единствено со љубовта кон Христос, која во себе ги содржи сите други украси: целиот бисер на верата, целата срма на надежта и скапоцените камења на сите други добродетели. Испосничкото тело на монахот служи само како истрошен и лесен покров на тоа неизмерно небесно богатство.
Ова ти го пишувам не за да те привлечам кон монашкиот живот, туку, напротив, за да те одвратам од него. Зашто, ако со колеблив дух се оддалечиш од светот, копнежот по светот ќе се засили во тебе и, се плашам, ќе те надвладее. И ќе бидеш со телото во манастирот, а со душата во светот. А светот повеќе мачи во огледалото на душата отколку во самата стварност.
Благодари Му на Бога што, покрај тесниот пат на монаштвото, покажал и еден малку поширок пат кон спасението и вечниот живот. Па појди, ќерко, по овој поширок пат, кој повеќе одговара на твојата природа. Појди по него, но со страв Божји и со целосна доверба во Бога. Зашто знај: и овој полесен пат, без Бога, е неиздржлив.
Благословот Божји нека биде со тебе.
Свети Николај Охридски и Жички
Подготвил Симеон Стефковски
25.12.2025
Друго:



- МИСИОНЕРСКИ ПИСМА: Владика Николај Велимировиќ 4. Писмо
- МИСИОНЕРСКИ ПИСМА: Владика Николај Велимировиќ 5. Писмо

-
МИСИОНЕРСКИ ПИСМА: Владика Николај Велимировиќ 6. Писмо



























