Денес Православната Црква го празнува споменот на преподобниот Јустин Ќелиски (Поповиќ), роден на 25 март 1894 г. и упокоен во Господа на 25 март 1979 година. Светиот Синод на Православната Црква на Србија го впиша неговото име во Диптихот на Светиите на 29 април 2010 г. и одреди неговиот спомен да се слави на 1 (по стар стил), односно 14 (по нов) јуни. Во овие времиња, кога ереста на етнофилетизмот и национализмот засилено ја бранува православната Црква, добро е да се потсетиме како за ова прашање размислувале светите и продуховени луѓе Божји.
Црквата е Богочовечка вечност, овоплотена во границите на времето и на просторот. Таа е тука, во овој свет, но не е од овој свет (Јован 18,36). Таа е во овој свет, за да го издигне светот до оној свет од каде што е и самата таа. Црквата е вселенска, соборна, богочовечка, вечна и следствено, хула е, неопростлива хула против Христос и против Светиот Дух, да се прави од неа национална институција, да се стесни до ситни, преодни, времени национални цели и методи. Нејзината цел е наднационална, вселенска, сечовечка; да ги соедини сите луѓе во Христа, сите, без разлика на националност, раса или класа. Нема тука Евреин ни Хелен, нема роб ни господар, нема машки пол ни женски, бидејќи сите се едно во Христа Исуса (Гал. 3,28), зашто сè и во сè е Христос (Кол. 3,11).
Методите на тоа сечовечко-богочовечко соединување на сите луѓе во Христа ѝ се дадени на Црквата во светите Таинства и во богочовечките подвизи. Во самата суштина: светата Тајна Евхаристија, Причеста го синтетизира, дефинира, претставува Христовиот метод и средство за соединување на сите луѓе: преку неа секој човек органски се соединува со Христа и со сите верни. А преку личното подвизување со богочовечки подвизи: вера, молитва, пост, љубов, кротост, семилост, човекот се утврдува себеси во тоа единство, се запазува себеси во таа светиња, самиот лично Го доживува Христа како единство на својата личност и како суштина на своето единство со останатите членови на Светото Тело Христово – Црквата.
Црквата е личноста на Богочовекот Христос, богочовечки организам, не човечка организација. Црквата е неделива, како што е личноста на Богочовекот, како што е телото Христово. Затоа, во основа е погрешно неделивиот богочовечки организам на Црквата да се дели на ситни национални организации. На својот пат низ историјата многу помесни цркви се ограничувале до национализам, до национални цели и методи. Многу Цркви, и нашата меѓу нив. Црквата се нормирала спрема народот; додека обратното е нормално: народот да се нормира спрема Црквата. И во нашата Црква често пати се повторувала таа грешка. Но ние знаеме дека тоа е какол на нашиот црковен живот, какол што Господ сè уште не го треби, туку остава да расте заедно со пченицата сè до жетвата (Матеј 13,29-20). Исто така знаеме (Господ нè научи) дека тој какол е од исконскиот непријател наш и на Христа – од ѓаволот (Матеј 13,25-28). Но ова наше знаење е залудно, доколку не премине во молитва, за Господ Исус и нас да нè сочува, да не бидеме сејачи и одгледувачи на тој какол.
Време е, дванаесетти час веќе, поединечни наши црковни претставници да престанат да бидат исклучиво слуги на национализмот и на политиката, сеедно која и чија, и да станат првосвештеници и свештеници на Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква. Христодадена и од Светите Отци остварувана мисија на Црква е: да насадува и да култивира во народната душа чувство и сознание дека секој член на Православната Црква – личност соборна и вселенска, личност вечна и богочовечка, е Христов и затоа брат на сите луѓе и слуга на сите луѓе и твари. Тоа е христодадената цел на Црквата; а секоја друга цел не од Христа, туку од антихристот. За да биде Христова, соборна и вселенска, нашата помесна Црква мора непрестајно да ја остварува оваа цел во нашиот народ. Но со какви средства може таа да ја остварува оваа богочовечка цел? – Не со други, освен со богочовечки, зашто богочовечката цел може да се остварува исклучително само со богочовечки средства, никогаш човечки, никогаш некакви други. Во ова Црквата суштински се разликува од сè човечко, земско.
Богочовечките средства не се ништо друго освен богочовечки подвизи. Нив со успех можат да ги применуваат само богочовечките, христоносни подвижници. Богочовечките подвизи меѓусебно се во органска врска. Еден од друг изникнува; еден со друг се надополнува. Прв меѓу подвизите е – подвигот на верата. Преку него треба да се принесува народната душа; да Му се предаде неа на Христа без резерви и компромиси, да се задлабочи до богочовечките длабочини, да се прошири до богочовечките ширини, да се возвиши до богочовечките висини. Треба да се одгледа во народот чувство дека Христовата вера е – наднационален подвиг, вселенски, Троичен, и дека да се верува во Христа значи: да Му се служи на Христа и само на Христа преку сите случувања од животот свој.
Извадок од: Јустин Поповић, „Унутрашња мисија наше Цркве (Реализација Православља)“, во: Јустин Поповић, Богоносни Христослов: изабрани списи оца Јустина, Београд 2007, стр. 124–125.
https://bigorski.org.mk/slova/pouchni/nacionalizmot-vo-crkvata-e-neoprostliva-hula-protiv-hrista/