Едно нешто е постојано да бдееш над срцето, а друго да бидеш епископ на срцето со посредство на умот кој како началник и архиереј Му принесува словесна жртва на Христа. Влегувајќи во душата на првите, светиот и небесен оган, како што вели еден од оние што го добија името Богослов, ја спалува сета нечистотија што заостанала во неа; а вторите пак, ги просветлува сразмерно на постигнатото совршенство. Истиот оган се нарекува и ’оган кој спалува’ (5 Мој. 4, 24) и ’светлина што просветлува’ (Јован 1, 9).
Затоа некои заминуваат од молитва како да излегуваат од вжарена печка, чувствувајќи олеснување од некоја нечистотија и вештество, а други пак, како озарени од светлина и облечени во двојна облека на смирение и радост. Оние што излегуваат од молитвата без макар едното од овие две дејства, се молеле всушност телесно, да не речам фарисејски, а никако духовно. Телото што стапува во допир со друго тело го трпи неговото влијание и се менува. Како тогаш да не се измени оној којшто со непорочни раце се допира до Телото Божјо?!
Свети Јован Лествичник