Колку сме несреќни ние кои грешиме секој ден и кога им угодуваме на нашите страсти! Сме го оставиле правиот пат, што ни го покажале нашите оци, - патот на самопрекорувањето, и одиме по кривиот пат на прекорувањето на ближниот. – Секој од нас настојува за секоја лоша работа вината да ја префрли на својот брат, врз него да ја стави сета тежина; секој од нас е мрзелив и не запазува ни една единствена заповед, а од ближниот наш бараме да ги исполнува сите заповеди.Каде е оној старец, кој, кога го прашале: „Оче, што е она што е главно според тебе, кое си го нашол на овој твој пат“, - Тој одговорил: „Тоа дека за сè треба да се прекоруваме себеси“. – Така рекол и авва Пимен со офкање: „Сите добродетелите влегле во овој дом, но без добродетел човекот тешко ќе може да устои“. Тогаш пак го прашале: „А која е оваа добродетел?“ – Тој им одговорил: „Таа добродетел е постојано себепрекорување“. И свети Антониј рекол: „Голема работа е пред лицето на Бога да ги товараме сите наши гревови врз себеси, - и до последното издивнување да очекуваме искушенија“. И насекаде наоѓаме оти нашите оци добивале спокојство од тоа што, откако Му оставиле сè на Бога, дури и најмалите свои грижи, го запазувале секогаш ова правило – за сè да се прекоруваат себеси.
Од каде произлегува тоа што некогаш некој, штом слушне навредлив збор не свртува на него никакво внимание, туку го поднесува без вознемирување, како воопшто да не слушнал ништо, а некогаш, штом ќе слушне навредлив збор веднаш се возбудува и се налутува. Зошто ова бива вака? Еве зошто. – Затоа што кога некој, по својата молитва и за време на својата добра душевна состојба, добрата духовна расположба, има снисходливост кон својот брат и не го налутува неговиот навредлив збор. Исто така, ова може да се објасни и со следново: тој да има особена љубов спрема братот што го навредува и затоа без огорченост ги прифаќа неговите навредливи зборови и лесно ги поднесува. Но може да има и ваква причина за неговото ненавредување: тој да го презира оној што сака да го навреди, па и не обрнува никакво внимание на неговиот обид за да го навреди. – Оние што се налутуваат во ваквиот случај го прават тоа или затоа што не се во добра душевна расположба или затоа што имаат лоша расположба токму против оној што ги навредува или од некоја друга причина. – Но главната причина за навредувањето и налутувањето во ваквите случаи е тоа – што не се самопрекоруваме.
Некој ќе рече: „Ако мојот брат ме навреди и јас, откако се самоиспитам и најдам, дека не сум му дал никаков повод да ме навредува како ќе можам да се самопрекорувам?“ – Навистина, ако некој се испита со страв Божји, тој ќе види дека и тој дал повод за тоа, или со дело, или со зборови или со своето однесување. Ако добро се испитува, тој ќе види, ако не тогаш, во тој временски период, дека некогаш во минатото дал некој таков повод, дека го навредил или за тоа или за нешто друго, или можеби навредил некој друг брат и дека треба да ја претрпи оваа навреда токму поради навредата, која тој им ја нанел на други или за некој друг негов грев. Затоа и велам, ако човек добро се испита себеси со страв Божји, ако искрено ја праша својата совест, тогаш неизоставно ќе најде дека е виновен и ќе се прекори себеси. Се случува: некој да седи сам, да биде во безмолвие, а истовремено да живее во светот. И, ете, доаѓа при него некој брат и во текот на разговорот му рекол нешто непријатно, и тој веднаш да се вознемири, а потоа да вели: " Ако тој не дојдеше, при мене, јас немаше да се вознемирам и немаше да згрешам". - Колку смешно размислување! Зарем оној што му го кажал таквиот збор, зарем тој му ја вложил страста во неговото срце? Тој со својот збор само ја предизвикал неговата страст, која и пред тоа била во него. И затоа не треба да му се лути на својот брат, туку треба да се кае и да се самопрекорува. Таквиот човек е сличен на мувлосан леб, кој однадвор е добар, но внатре е плесносан, па кога ќе се прекрши, тогаш се покажува неговата мувла. Или е сличен на однадвор чист сад кој е одвнатре полн со нечистотија и смрдеа, па кога ќе се отвори, веднаш се чувствува неговата смрдеа. Така и овој брат мислел дека живее во мир, без да забележува дека страста била во него; братот негов му кажал само еден единствен збор и се открила неговата внатрешна гниежливост, која била скриена во него. Затоа, ако сака да биде помилуван, тој треба да се покае и да се прекори себеси. Само на овој начин може да дојде до чистота и да напредува во доброто, а на тој брат треба уште и да му благодари затоа што бил корисен за него. Во секој случај треба да гледаме нагоре. Дали некој ни прави добро или претрпуваме од него зло, ние сме должни да гледаме нагоре и да му благодариме на Бога за сè што ни се случува, секогаш да се самопрекоруваме и да велиме, кога ни се случува добро, дека тоа е дело на промислата од милостивиот Бог за нас, а кога ни се случува зло, - дека тоа е казна за нашите гревови.
Подготви:Т.С.
4-ти март 2017 лето Господово