Оче, кога дојдов да станам монахиња, родителите мои се однесоа несправедливо кон мене. Може ли да го побарам она, што ми следува според закон?
– Не, не бива.
– Се плашам да не ги стигне некое зло заради неправдата.
– Да, ете тоа е чисто љубочестие! Ако јас бев на твое место, би им рекол: „За себе ништо не сакам, но оној дел што ми следува, би сакала со вашите сопствени раце да го раздадете на сиромасите. Дајте им најпрво на нашите бедни роднини. Тоа ви го велам, за да не би Божјиот гнев ги стигне вашите деца“. Бидејќи, понекогаш се случува таткото да се загрижи за својата душа и да даде некакви средства, на пример на некакво сиропиталиште, а на своето дете ништо да не остави.
Во едно семејство може бабата или дедото да извршиле некакви неправди и тие самите да се добро, но децата или внуците нивни да страдаат. Се разболуваат и се принудени да потрошат по лекари сѐ што е собрано со неправда, за да платат за своите претци. Еднаш, на едно семејство што го знаев, им се случија многу испитувања. Сѐ започна од главата на семејството со тешка болест, која го остави неподвижен неколку мачни години и после умре. После тоа почина жена му, а после, едно по друго и неговите деца. Наскоро почина и последното, петто дете. Беа многу богато семејство, а станаа најпоследни сиромаси, бидејќи го продаваа својот имот за да ги платат лекарите и да покријат разни трошоци. Се чудев за тоа семејство: „Како тоа им се случуваат толку болести и несреќи?“ Во врска со членовите на семејството што ги познавав, очигледно не стануваше прашање за добриот случај, т.е. Бог да ги испитува како Свои избраници, туку поточно тука дејствуваа духовните Божји закони.
За да сум посигурен, се потрудив да разберам од уважувани старци од нивниот крај нешто за нив и го разбрав следново: Тој човек наследил големо богатство од својот татко, но со тек на време го зголемил со неправди. На пример, некоја вдовица му побарала заем, за да ја омажи својата ќерка, и сакала да му го врати за време на вршитба, тој во замена ѝ сакал дел од земјата, и таа бидејќи немала каде му го дала. Друг му побарал заем, за да го исплати својот долг кон банката и сакал да му го врати при собирање на памукот. Тој, пак, му барал некоја негова нива, и оној, притеснат од нуждата, за да не го брка банката, бидејќи немал каде, му ја дал. Друг му посакал малку пари на заем, за да им плати на лекарите, а тој барал да му ја даде кравата. Клетникот, од немај каде, му ја дал. На тој начин собрал едно големо богатство.
Но, сиот ропот на страдалните човечки души удрил не само по него, туку и по жена му и дури по неговите деца. Така почнале да дејствуваат духовните закони и со нив се случило истото, т.е. за да ги платат лекарите и трошоците поради болестеите, несреќите итн. го продавале од немај-каде својот имот и од многу богати станаа сиромашни и еден по еден сите си заминаа. Бог нормално ќе ги суди според Својата голема љубов и справедливост – како што секому треба. Другите, коишто се нашле во нужда и биле принудени да продадат што имале, за да им платат на лекарите итн, и осиромашеле, исто така ќе бидат отплатени според неправдата, којашто ја поднеле. Се разбира, и неправедните, претрпувајќи такви несреќи, ги исплаќаат своите долгови пред Бога.
Извор: Неправдата тегне и над потомците
Преземено од: Маран Ата