ПОКЛОНИЧКО ПАТУВАЊЕ ВО СВЕТАТА ЗЕМЈА НА
ПРАВОСЛАВНИТЕ ПОКЛОНИЦИ ОД МАКЕДОНИЈА
ПРЕДВОДЕНИ ОД ОТЕЦ ПРОХОР
ЗА БОЖИК 2009
По молитвите на Нашиот Свет Отец Гаврил, Епископ Велички – Светогорец кој велеше дека барем еднаш во животот православниот христијанин треба да стапне на Светата Земја, Господ дозволи неговото духовно чедо, јеромонахот Отец Прохор, да нè поведе нас на вакво духовно патување за Божик, летото Господово две илјади и деветто. Патувањето насловено како „Божик во Светата Земја – поклоничко патување за православни верници“ за нас мирјаните од Битола, Кочани, Крива Паланка, Охрид, Прилеп, Скопје, Штип и за сестра Илијана, игуменија на Марковиот Манастир под водство на Отец Прохор, за групата од 43 православни поклоници, започна тивко, во снежните мугри на 4 јануари 2009 пред Соборниот храм „Климент Охридски“ во Скопје, со автобус по заснежените патишта до софискиот аеродром, затворен поради снежно невреме. Авионот за Тел Авив, со доцнење од два часа беше еден од неколкуте кои успеаја да полетаат дента под тие услови! По сите искушенија предизвикани од снежното невреме на балканскиот дел од светот во ноќните часови стапнавме на Светата Земја! Со силни емоции, во тишина во духовно исчекување.
Беспрекорната организација на ова патување со назив „Божик во Светата Земја – поклоничко патување за православни верници“ ја извршија г-ѓа Наталија, сопственичка на туристичката агенција Никекс, со своите соработнички Верица и Наташа, како и неуморната г-ѓа Тамара, православен водич од Израел со руско потекло, која зрачеше со голема духовност и беше непресушен извор на теолошки информации и трпеливиот возач на автобусот Фаузи.
Ден први во Светата Земја, 5 јануари 2009, понеделник
Храмот на Гробот Исусов
Мугри. Ерусалим низ прозорците . Исчекување. Со молитва во себе, внимавајќи на богатството од информации што ги дава г-ѓа Тамара пеш покрај ѕидините на Стариот Ерусалим низ Портата кон Дамаск по Виа Долороса (Патот на маките) до Храмот на Гробот Исусов каде што се наоѓаат Каменот на Миропомазанието и Голгота . Секој се труди да се соживее со она што се случувало пред повеќе од 2000 години по овој пат и на овие места. Во себе молитва за здравје и спасение за себе, за блиските, саканите, пријателите (и непријателите) за спокој на душите на починатите. Емоции и тишина. Сè во беспрекорен ред, што не успеваат да го нарушат дури ни љубопитните туристи, „јабанџии“, дојдени да ја задоволат суетата, да можат да се пофалат каде ги поминале новогодишните празници.
Повторно улиците на Светиот Град, Ерусалим до Сионската Гора. Во тамошните катакомби, сега затворени од безбедносни причини се криеле првите Христијани за вршење на света литургија, се „родила“ првата христијанска црква . Продолжуваме пеш кон местото каде што е извршена Светата Тајна вечера и потоа кон местото каде се упокоила Пресвета Богородица . На овие места се наоѓале рановизантиски базилики, па потоа биле во муслимански посед, а денеска се католички храмови.
местото на Вознесението на Господ Исус Христос
неговата камбанарија е наречена Свеќата на Ерусалим
Попладне. Со автобус преминуваме отспротива Стариот Ерусалим на Елеонската Гора да се поклониме и да се помолиме на неколку свети места: местото на Вознесението на Господ Исус Христос (кое денеска го имаат во владение муслиманите) и во Рускиот Спасо-Вознесенски Манастир (неговата камбанарија е наречена Свеќата на Ерусалим) . На ова место се случило првото и второто пронаоѓање на главата на Св. Јован Крстител .
На залезот на сонцето гледајќи го Стариот Ерусалим како на дланка г-ѓа Тамара, православниот водич од Израел, сооднесува со просторот пред нас повеќе Старозаветни и Новозаветни случки, како и содржаните пророштва од кои дел се исполниле, а дел претстојат .
Со првиото стемнување, пеш слегуваме од Елеонската Гора и се искачуваме до ѕидините на Стариот Ерусалим во чија непосредна близина е нашиот во хотел, сопственост на православни Палестинци, што ги има околу 2% од населението во Израел. Во тамошните јазици не постои назив „одам во Ерусалим“ и „се враќам од Ерусалим“ туку „се качувам во Ерусалим“ и „слегувам од Ерусалим“. Тешко ни успева да ги средиме впечатоците и се обидуваме да го примиме сето што сме го читале или слушале, а што е тука пред нас, што во моментов сме дел од него. Се јавува прашање – дали сум достоен, дали сум доволно подготвен?
Ден втори во Светата Земја БАДНИК, 6 јануари 2009, вторник
Гробот на Пресвета Богородица - влез Манастирот на Св. Марија Магдалена
Ден први во Светата Земја, 5 јануари 2009, понеделник
Нашите активности повторно почнуваат рано, рано наутро. Пеш, во тишина со молитва во себе кон Гробот на Пресвета Богородица . Во полумракот светлина од стотици кандила. Поклонување, молитви, прекрасната чудотворна икона на Пресвета Богородица – Ерусалимска која ќе ги услиши сите наши молитви, желби, покајанија, која ќе ни даде утеха и сила за понатаму.
Излегуваме на дневна светлина, утрото во Светата Земја го земало својот замав – жешко сонце. Отспротива, недалеку Маслиновата градина – Гетсиманиската градина и каменот каде се молел Господ Исус Христос кога заспале неговите ученици, Светите Апостоли – денеска во рамките на католички храм познат како Црква на сите нации. Тивко и достоинствено се пробиваме низ многубројните групи верници за да и ние се поклониме. Градинари вршат сезонско средување на добро обезбедените маслинови дрва од кои некои, се стари над 2 000 години па секој од нас може да си земе маслинови гранчиња.
Патот нè носи повторно нагоре на Елеонската Гора, некаде на половина, до Манастирот на Св. Марија Магдалена каде се наоѓаат моштите на Св. Елисавета, која е заслужна за подигањето на манастирот со прекрасните пет златни куполи и на нејзината ќелијница Св. Варвара. Во дворот се поклонуваме на сочуваната Патека по која врвел Исус Христос кон Ерусалим на Цветници .
Рано попладне слегуваме од Елеонската Гора „се качуваме“ во Ерусалим низ Лавјата Порта и одиме во родната куќа на Пресвета Богородица . Недалеку е Овчата Бања, Витезда, каде се случило чудото, каде Господ Исус Христус го излекувал оној што бил неподвижен 38 години. Во молк се чита Светото Евангелие.
На патотдо Неговото Распнување
Следат местата каде се случиле настаните од Страдната Недела. Се обидуваме да се соживееме со она што тука станало кога Господ Исус Христос бил во судницата, па го преминал прагот на Пилатовата Судница – денеска голема Руска Црква во која се поклонуваме и се молиме . Околу нас пазар, но сепак со напор се задржуваме на она што е нашата цел овде – низ молитва и читање на Евангелието да се доближиме до Бога на секоја од одделните станици до десеттата, до Неговото распнување. Па молкум, приквечер со измешани чувства се враќаме до хотелот да се подготвиме за Божикната богослужба во Црквата на Христовото Рождество. За некои од нас долгоисчекуван момент, пред Светата Причест во Светата Земја.
Пред храмот на Рождество на Господ исус Христос
Ноќ. Палестинска територија – судир на сегашноста со вечноста. Витлеем. Море од православни верници од целиот свет. Мешани чувства предизвикани од стварноста и неизбежноста. Море од луѓе се провира низ отворчето низ кое се поклонува и царот и просјакот на родното место на Царот на Вселената – Храмот на Христовото Рождество, отпрвин Византиска Црква, единствена која не била целосно разрушена низ вековите. И на крајот успеваме во тоа. Светлина од стотици кандила. Чувствата се величествени, наплив на емоции. ХРИСТОС СЕ РОДИ! НАВИСТИНА СЕ РОДИ! Причест очи во очи со Пресвета Богородица, Чудотворна Витлеемска Икона .
Мугри Витлеем. Тишина во автобусот кон Ерусалим. Ни запирањето по контролните пунктови не успева да нè врати во сегашноста.
Ден трети во Светата Земја, БОЖИЌ, 7 јануари 2009, среда
манастирот на Св. Сава Освештен
По неколку часа одмор се враќаме во Витлеем. Да се поклониме. Повторно река од поклоници. Долу, во малата црква, под главниот олтар се поклонуваме на штотуку родениот Младенец .
Продолжуваме кон манастирот на Св. Сава Освештен во срцето на Јудејската Пустина. На камен маслинка, од камен билка – како ли живеат? Некои од нас жалиме што се враќаме, но доцна попладне е и брзаме кон манастирот на Св. Теодосие Велики каде што се наоѓа неговиот гроб и костурницата на многу пострадани во маки монаси, да се поклониме и помолиме .
(Продожува)
Извор: http://www.nikex.com.mk/