Вистинит настан кој ги потресол и ги привел кон покајание стотина жители од градот Кујбишев (денес Самара) во Советска Русија во 1956.
Во градот Кујбишев живеело едно семејство: благочестива мајка и нејзината ќерка. Вечерта на Нова година (31 декември по нов календар) 1956 година, Зоја поканила седум свои другарки и неколкумина млади луѓе на вечера со игранка. Во тек биле Божикните пости и мајката ја молела Зоја да не приредува вечера, но ќерката си останала на своето. Таа вечер мајката отишла во црква да се помоли.
Гостите се собрале, но вереникот на Зоја, Николај, сеуште не бил дојден. Девојките и момчињата се поделиле на парови, а Зоја останала сама. Од здодевност, многу не размислувајќи, ја симнала иконата на св. Николај Чудотворец од ѕидот и рекла: „Ќе го земам овој Николај и ќе одам да играм со него!”, не слушајќи ги притоа другарките кои ì советувале да не го прави тоа богохулство. „Ако има Бог, тој ќе ме казни”, одговорила таа.
Почнала да игра, свртела круг, два, кога одеднаш во собата се кренала некаква незамислива врева, виор и сина светлост како молња, заслепувачка.
Веселбата се претворила во ужас. Сите од страв побегнале од собата. Само Зоја останала да стои со иконата на светецот, притиснета на градите, скаменета и ладна како мермер. Никакви напори на скоро пристигнатите лекари не можеле да ја повратат. Иглите, од инјекциите кои сакале да ì ги дадат, се кршеле и се свиткувале удирајќи во мермерното тело! Сакале да ја пренесат во болница, но не можеле да ја помрднат од местото. Нозете како да ì биле приковани за подот. Но, срцето чукало. - Зоја била жива! Оттогаш таа не можела ни да јаде ни да пие...
Кога мајка ì се вратила и видела што се случило, ја изгубила свеста и била префрлена во болница од каде што се вратила по неколку дена. Нејзината верба во милоста Божја, топлите мајчини молитви за помилување на несреќната ќерка ја обновиле нејзината животна сила. Зоја дошла при себе и со солзи се молела за простување и помош.
Во првите денови куќата на Зоја била опкружена со мноштво свет: верници кои дошле или штотуку допатувале оддалеку, љубопитни луѓе, медицинари и духовни лица. Но, наскоро, по наредба на власта, куќата била затворена за посетители. Во неа, на замена, дежурале по осум часови двајца полицајци. Некои од дежурните, кои биле млади (28 и 30 години), побелеле од ужас кога околу полноќ Зоја ќе почнела страшно да вреска. Непрестано по цели ноќи покрај неа се молела нејзината мајка.
„Мамо, моли се! Моли се, гинам во гревови! Моли се!” - викала Зоја.
За сè што се случило бил известен и Патријархот и бил замолен да се помоли за оздравување на Зоја. Патријархот одговорил: „Кој ја казнил, тој и ќе ја помилува!”
Од посетителите, подоцна кај Зоја биле пуштени:
1. Познат професор по медицина кој допатувал од Москва. Тој потврдил дека срцето не престанало да работи.
2. Свештеници повикани на молба од мајката да ја земат иконата на св. Николај од рацете на Зоја. Но ни тие не можеле да ја извлечат иконата од скаменетите раце на ќерка ì.
3. Јеромонахот Серафим од Глинската пустина, кој пристигнал во Кујбишев по повод празникот Рождество Христово, и извршил молебен за водоосветување и ја осветил иконата. Потоа рекол: „Сега треба да чекаме знаци за Велигден! А ако не се појават, значи е крај на светот!”
4. Митрополитот Николај, кој исто така извршил молебен и рекол дека „новите знаци треба да се чекаат на Велигден”, повторувајќи ги зборовите на благочестивиот јеромонах.
Во пресрет на празникот Благовештение (таа година се паднал во сабота, на третата недела од Великиот пост) дошол кај чуварите на Зоја еден благообрзен Старец и ги замолил да го пуштат кај неа. Но, дежурните полицајци одбиле да го пуштат. Старецот дошол и другиот ден, но пак, од страна на дежурните полицајци, бил одбиен. Третиот ден, на самиот празник Благовештение, дежурните го пуштиле. Стражата слушнала како милозливо ì рекол на Зоја: „Дали се умори од стоењето?”
Поминало извесно време, и кога дежурната стража сакала да го изведе Старецот, него го немало во собата...
Сите биле убедени дека тоа бил самиот св. Николај.
Така Зоја престојала на нозе 4 месеци (128) дена до Велигден, кој таа година се паднал на 23 април (6 мај по нов календар).
Ноќта, на Велигден, Зоја почнала намерно гласно да извикува: „Молете се!”
Ноќната стража ја зафатиле морници и ја прашале: „Зошто толку страшно викаш?” Следел одговор: „Страшно! Земјата гори! Молете се! Сиот свет гине во гревови! Молете се!”
Од тој момент таа оживеала, мускулите ì омекнале, живнале. Конечно ја легнале во постела, но таа продолжила да вика и да ги повикува сите да се молат за светот кој гине во гревови, за земјата која гори во своите беззаконија.
„Како си останала жива досега? Кој те хранеше?!” - ја прашувале.
„Гулабите, гулабите ме хранеа”, бил одговорот кој јасно го објавувал помилувањето и простувањето дадено од Десницата на Господ Спасител. Господ ì ги простил гревовите на Зоја со застапништво на светиот Угодник Божји, милостивиот Николај Чудотворец, но и поради нејзините големи страдања и стоење простум во текот на 128 дена.
Сето ова што се случило толку многу ги потресло жителите на Кујбишев и неговата околина, така што многу луѓе, гледајќи ги чудесата, слушајќи
ги криците и молбите да се молат за луѓето кои гинат во гревови, се обратиле во верата. Итале во црквите со покајание. Некрстените се крштевале. Оние кои не носеле крст, почнале да го носат во она време кога буквално можеле да платат со глава. Обратувањата биле толку масовни, што во црквите немало доволно крстови за сите кои ги барале.
Со страв и солзи се молел народот за простување на гревовите, повторувајќи ги зборовите на Зоја: „Страшно, земјата гори, гинеме во гревови! Молете се! Луѓето гинат во беззаконијата!”
На Велигден, на третиот ден, Зоја отишла кај Господа, поминувајќи тежок пат на стодваесетиосумдневно стоење пред лицето на Господа поради искупување на гревовите. Светиот Дух ја сочувал во живот душата нејзина, воскреснувајќи ја од смртните гревови за во идниот вечен ден на Воскресението на сите живи и мртви да воскресне во тело за живот вечен. И самото име на девојката Зоја (на грчки „зои”) значи - живот. Амин.
Напомена:
Во советскиот печат во тоа време исто така имало пишувано за случајот на Зоја. Одговарајќи на писмата кои стигнувале во редакцијата на познатиот весник, некој важен научник потврдил дека случката со Зоја не е измислена, но притоа изјавил дека во прашање е некој вид вкочанетост, досега непознат на науката. Невистинитоста на ваквата претпоставка е очигледна зашто: прво, кај вкочанетоста, т.е. премреноста, нема такво камено затврднување на кожата, па затоа лекарите можат на болниот да му дадат инјекција; второ, премрениот може да се носи од место на место и тој лежи, додека Зоја само стоела, и тоа стоела толку многу колку што обичните луѓе не се во состојба да стојат и при тоа не можеле да ја помрднат од местото; трето, премреноста сама по себе не го обраќа човекот кон Бога и не донесува откровение од Небото, а во случајот на Зоја не само што илјадници луѓе се обратиле во верата кон Бога, туку и верата своја ја покажале преку дела, т.е. се крстиле и станале морални: не само што признале дека постои Бог, туку станале и христијани. Јасно е дека причината за тоа не била премреноста, туку делувањето на самиот Бог: Тој со чудата ја утврдува верата за да ги избави луѓето од гревовите и од казната за гревовите.
Подготви: Никица Мишева
Извор: http://www.pravednik.cjb.net/