ЗРЗЕСКА МЕМОРИЈА 2011
Со благодарност кон Бога за Неговата милост во годината што измина, ги споделуваме со вас оние настани и збиднувања што оставија белег во манастирот „Зрзе“ во 2011 година
Претходници и наследници
Во март, на третата седмица од великиот пост, монашкото братство се пресели во новоизградениот владички конак. Тоа е нашиот привремен дом, во кој трпеливо ќе ја исчекуваме доизградбата на новиот монашки конак. Тој, според установениот план, се постави на основите на стариот, изграден во триесеттите години на минатиот век. Иако речиси цело едно столетие му одолеваше на забот на времето, сепак последниве две децении, од денот кога се вселивме во него, одблиску ни ги покажа сета своја ислуженост, ранливост и немоќ, за да биде тоа што бил, крепко монашко засолниште. Изгниените дабови греди, распуканите и растресити камени ѕидови, распаднатиот малтер и застарената инсталација бараа скора и темелна обнова. Дојде време за нов.
На Крстопоклона недела, на последната литургија служена во параклисот „Свети Георгиј“, кој се наоѓаше во стариот монашки конак, му заблагодаривме на Бога за нашиот веќе дотраен дом во кој, според запишаното од нашите претходници, свои монашки гнезда свиле над три генерации монаси.
До денес, вреден за помнење беше споменот и уште посилно врежан впечатокот, кога при напуштањето на тој простор и при преселбата на наследените предмети останати од нивното време, изобилно ни се откриваше љубовта на овие луѓе кон местото на нивниот монашки подвиг. Нивните дела говореа за нивните ликови. Нашите духовни предци од тука, од зрзеските келии во часот на смртта, посетени и придружени од небесните жители, тивко ја напуштаа земјата, со надеж на воскресение и живот вечен. Ѕидовите беа неми сведоци на тие чудесни премини. А ние, нивните наследници и следбеници, надградувајќи се на нивното севкупно наследство и испросувајќи благослов од Оној што во секое време сé ново твори, Му оставивме Нему на Неговиот посед, како добар Домаќин, да ја гради куќата.
Мое е она што сум му го дал на другиот
Водени од оваа длабока мисла на свети Максим Исповедник како кредо и охрабрени од убавиот прием на првата книга „Помеѓу Фројд и Христос“, што излезе од „Зрзе“ во соработка со издавачката куќа „Пунктум“, на нашите пријатели одлучивме да им понудиме две авторски дела од зрзеските јеромонаси, и тоа збирката раскази „Зрнца од синап“ на отецот Филип и теолошкиот труд за свети Никодим Тисмански од отецот Никодим. Ние искрено веруваме дека зборот, размислата, бележењето на она што умот и срцето на монахот го создаваат, треба да се разгранува, да биде во постојано движење, да биде во непрекинат синџир на пренесување и споделување. Токму затоа, „животот“, светогледот, јазичниот и мисловниот двиг што ги нудат отецот Филип и отецот Никодим во своите записи посакавме да стигнат како дар до секој знаен и незнаен читател. Книгите во тираж од илјада примероци ги подаруваме затоа што мислиме дека е добро во оваа епоха на искомерцијализираност да бидат допрени што повеќе луѓе со монашкиот хоризонт на сознавање.
Копаничарство
Продолжувајќи ја традицијата на повторно воспоставување на манастирските послушанија, во манастирот „Зрзе“ се отвори нова можност за возобновување на копаничарството. За почеток повеќе од добредојдено се покажа сувото ореово дрво собрано пред десетина години од зрзескиот атар. Во набавка на неопходниот алат за резба ни помогнаа наши браќа христијани од Австралија, за што сме им благодарни. Со многу вложен труд досега од трудољубивата рака на расофорот, се изработија над триесетина длаборези. Предизвик за отците-копаничари е совладувањето на вештината на плитката резба во духот на прилепско-слепчанската школа, карактеристична за нашиов регион. Тие длабејќи го благородното дрво, ја длабат и впечатуваат нашата меморија, сеќавањето на она што ја одржува заедницата во соживот со дарот на природата и дарот да се остави трага за едно време што трае.
Радости на годината
И кога се обидувам мисловно да ја заокружам годината што измина зад мене, како на филмска лента се нижат кратки секвенци од неизбришливите моменти на преживеаното: за радоста од новодојдените орли што по десет години отсуство повторно се населија во своите стари гнезда на сртот на планината; за нивните млади потомци што тукушто испилени поитаа со првите летови да го привлечат нашето внимание; за долгите прошетки по шумата за да се собере чај од мајчина душичка, кантарион и секакви разни лековити билки што откако ќе се потопат во загреаната планинска вода, стануваат ароматични напивки и мевлем за гостите; за неможноста годинава да се соберат плодовите од шипјето и да се направи најубавиот мармалад од нив, затоа што огнените јазици од пожарот во септември ги изгореа заедно со смреките, папратот и повеќегодишните дабови стебла; за благодарноста кон храбрите пилоти што со своите авиони го изгаснаа пожарот што засилен од ветрот беше сериозна закана за манастирот; за искусните пожарникари и трудољубивите зрзески селани што не му допуштија на огнот да се доближи до манастирот; за вредните преспански неимари, градители, мајстори и калџии што го обликуваат каменот; за погледот кон иконописаните нови образи во импровизираната иконописна работилница на мајсторот зограф, сместена во поткровјето на нашиот нов дом; за грижата како да се пречекаат гостите на Преображение во услови кога манастирот е претворен во градилиште; за остатоците од античките и средновековните градби што излегоа скриени под земјата и неверојатното преклопување на тогашните дамнешно устроени и сегашните новопроектирани ѕидови и градби; за грижата и молитвата почнатото да се изгради; за стравот од продолжените сушни денови и видливото намалување на водата во изворот Бојаник; за напишаното од раката на еден мој собрат од периферијата на Атина дека Бог не е она што ние вообичаено мислиме дека е; за радоста на лицето на ватопедскиот игумен Ефрем и за неговата порака до светогорските монаси да не се грижат за него туку да се молат за оние што го ставаат во притвор; за утехата од родениот во витлеемските јасли; за тајната на благодарење за сите и за сé во овие ладни денови во топлата манастирска црква послана со слама; за Бога – Боженце, кој стана (како што пееме во кондакот) Детенце мало, за тебе, за мене, за нас....
Игумен зрзески, епископ Климент Хераклејски
Извор:
http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=1141295065&id=9&prilog=0&setIzdanie=22480